Васил Зафирчев: Драматичен Марио од „ѓомити готвач“ почна да комбинира балканска и азиска кујна
Неколку „чекори“ не делат од четвртата сезона на „Преспав“: се соживеавме со ликовите, им ги разбираме табиетите и интерните лудила а сплотеноста оди до таму што без око да ни трепне, велиме- тие ни се дел од семејството.
А Марио, најсимпатичен манипулатор и хазардер со животот е еден од ретките примероци кои како и да го фрлиш- се дочекува на нозе. Е тој интересен, визуелно најшарен лик е опремен со сите животни транзициски опреми, и од „ѓомити готвач“ од трите сезони поднаучи да се снаоѓа во кујна па сега комбинира балканска и азиска кујна. Во меѓувреме сплеткари, трепка, заведува и останува неоддолив во креацијата на Васил Зафирчев.
Четвртата сезона на хумористичната серија „Преспав“ со нетрпение ја очекува огромниот тв- аудиториум. Патем, ова е единствена ТВ серија во Македонија која во континуитет досега испродуцирала 80 епизоди. Екипа – „спремна“?
– Исто како и огромната армија верни фанови и екипата со нетрпение го очекуваше снимањето на четвртата сезона на „Преспав“, особено заради тоа што со новите 20 епизоди ќе го одбележиме и јубилејот :100 снимени епизоди на најуспешната ТВ серија кај нас. Факт достоен за почит, но и за големо задоволство кај сите нас кои со љубов и посветеност ги создававме изминатите три сезони на серијата.
Екипата е веќе во завршна фаза од снимањето на четвртото продолжение на „Преспав“, чие емитување според најавите на продукцијата „ОХО“ публиката ќе може да го очекува кон средината на декември на првиот канал на Македонската Радио Телевизија, а епизодите ќе бидат достапни и на каналот на „Преспав“ на YouТube.
Темата на „Преспав“, процеси на „европска интеграција“ го отсликуваат нашиот менталитет, но сето тоа се препознава и во земјите во регионот. Во чекор со следење на европските текови и трендови, почнувате да се гледате и во Бугарија.
– По трите успешно реализирани сезони и заслужено стекнатата мега-популарност кај македонската публика, „Преспав“ ќе се прикажува и на бугарската национална телевизија. Правата за емитување во Бугарија ги откупи „BTV Media Group“, а ТВ серијата од декември ќе ја збогати програмата на каналот „BTV Comedy“, единствен на бугарскиот телевизиски пазар кој 24 часа емитува само комична и забавна програма. „Преспав“ ќе се прикажува секој ден, од понеделник до петок, во 17 часот, а за викенд ќе следуваат репризи.
Ова е секако уникатен и голем успех за сите нас, бидејќи „Преспав“ стана прв ТВ хит од Македонија кој ќе се прикажува пред бројната бугарска публика.
Ќе има ли многу изненадувања во „фаличниот пансион“ на македонски начин? Колку ликовите остануваат духовити и шармантни во манирот што го засакавме?
– Главните ликови на „Преспав“ го задржуваат својот препознатлив карактер и шарм со кои го градат комичниот ефект на серијата, но има одличен развој во сценаријата кои ја збогатуваат биографијата на ликовите и нивните меѓусебни односи, создавајќи нови комични ситуации и заплети. Големо изненандување за публиката ќе бидат и актерите кои ни гостуваат во пансионот. Публиката секако може да очекува многу смеа и забава во овие нови 20 епизоди на „Преспав“.
Како еволуира Марио? Беше авантурист, хазардер, ѓомити- готвач, вегетеријанец, будист, итроман- како мачка со девет животи- кај и да го фрлиш се дочекува на нозе?
– Токму така. Марио е како мачка во карактерот. Се појавува кога најмалку го очекуваш, прави заплет во ситуацијата, но на крајот секогаш се дочекува на нозе и го добива она што го наумил. Превртливоста и вештата манипулација остануваат негов заштитен знак. Биографијата на ликот е јасна и препознатлива, со таа разлика што во изминативе три сезони поднаучи и по нешто да зготви. Па така од медитеранска кујна со балкански шмек, полека стигна и до комбинации на азиска и балканска кујна. Во оваа четврта сезона главен фокус на ликот е да ги преживее турбулентните промени, да ја зачува својата позиција, но и веќе изградените односи со другите ликови од пансионот.
Бидејќи си на „ти“ со Марио, го плашат ли годините? Како се справува со промените, забележувам „пошарен“ визуелен момент кај него: почна ли поагресивно да оди на карта-заведување?
– Полека се менува неговиот однос кон убавината, особено физичката. Се појавува и стравот од првите брчки на лицето, првите седи влакненца во косата. Но Марио е лик за кој ако нема драма, нема ниту убавина. Шаренилото во визулениот идентитет на ликот е само адут повеќе во вештината на заведување и манипулација, благодарение на изборот во костимските решенија и деталите на костимографката Емилија Ивановска Атанасовска кој е просто непогрешив.
Целиот проект, од избор на актерската екипа, сценарио, но и условите што ги имате, создава чувство дека ова би можел да го работиш без пауза.
– Се радувам ако се препознава тоа. И не само заради внимателно избраниот состав на екипата, посветеноста и високите професионални стандарди во работата, туку пред се заради меѓусебната љубов и почитување, заради кои „Преспав“ стана фамилија. А со луѓе кои ги чувствувате блиски како фамилија, можете да работите до крајот на животот.
За крај, бидејќи ова е и година на Рибите, дали Марио е во ист хороскопски знак со Васил, и, дали го почувствувал зодијачкиот блесок?
– Како застапник на духовната алтернатива, хороскопот е секогаш тема на интерес за Марио. Иако во мојата биографија на ликот тој е повеќе Шкорпија, отколку Риба, но ете токму водата како елемент е нешто што не врзува и двајцата кога е во прашање блесокот на зодијакот и влијанието на ѕвездите.
Валентина Вања Тодоровска
Коментарите се затворени