Оваа сабота, 29 јули, во Охрид, поточно на плоштадот на Долна порта, откаде непречено ќе можете и да кокетирате со еѕерото, од 19 часот, по втор пат ќе се случува настанот „Вкусете го Охрид“, што го потпишуваат Слоу Фуд Охрид и Слоу Фуд Македонија.
Сите што минатата година беа дел од ова збиднување, знаат дека не се пропушта – поради фантастичната храна, екстравагантни комбинации на модерното и традицијата, една поинаква, навистина движечко-креативна енергија што ќе ве инспирира на неколку потега : да вкусите, пивнете, да слушнете за врските помеѓу природата и добрата храна, и- да кренете чашка наздравувајќи му на богатиот Охридски крај.
Секако, „Вкусете го Охрид“ е можност приказната да трае, со тоа што ќе купите нешто интересно од производителите на Слоу фуд заедницата, посветените поединци и страсните домаќини, кои направија менија со најдоброто од бисерниот регион.
Органски зеленчук, мераклиско кафе со традиција, макало, црвени и зелени пасти, егзотични тегли со разновидни солени, благи и лути вкусови, домашни џемови и слатка, класика од ремек дела на рустичниот леб, охридските традиционални специјалитети: ѓомлезе и кошмишпите, јадењата што ги носиме во генот и кои ги препознаваме на првото залче. Мераци! И уште: микробилки и јадливи цвеќиња, занаетчиски чоколади и намази, производи од течното злато од маслото од лешник, најдобрите вина и пива од локалните пивари и винарии…Секако тука ќе се и останатите Слоу фуд алхемичари од целата „лична наша“ за чии производи ќе се уверите на лице место.
Ајде сите на заводлива и вкусна слоу фуд вечер во сабота.
Охрид ве очекува!
Вања Тодоровска