10.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Во сабота, во Градскиот парк ќе вкусуваме од традицијата

Минатата година почнавме да ја пишуваме биографијата, се сплотивме околу огништето наречено „Вкуси ја традицијата“ и еве го најавуваме, топ-тан средено второто издание на Национален саем за храна и пијалоци. За таа цел, оваа сабота, 7 октомври, ве повикуваме на целодневна дружба (11-18ч) во Градскиот парк во Скопје.
На овој највкусен и кај нас- најголем саем за храна, ќе може да се види, да се вкуси и да се слушне се за гурманската традиција и адетите околу неа : локалните продукти се на пиедестал, не поради носталгијата туку поради тоа што ни се идентитет и култура: од Гостивар до Ресен, од Скопје до Прилеп, од Штип до Валандово, од Јегуновце до Демир Хисар, од Битола до Кратово, од Пробиштип и Кавадарци до Радовиш, Охрид и Струга…
Слоу фуд Македонија по вторпат е дел од „Вкуси ја традицијата“, велт- свои на своето, на гастрономијата произлезена од колективната меморија, со производи инспирирани од долапите на баби, па затоа и се ќе биде лично, колоритно и богато.
Конвивиумите Слоу фуд Водно, Слоу фуд Битола, Слоу фуд Охрид, Слоу фуд Прилеп, Слоу фуд Осогово и Слоу фуд од првиот президиум- слаткото од смокви, на лице место ќе ја бранат агендата за добра чиста и правична храна.
Од недрата на Слоу фуд ќе можат да се вкусат-слатко од капини, мармелади и џемови од се што родила природата, па ајвар и лутенка…, зимници, вино ем ракија, пиво и ликери облагородени со разни растенија, мед, маџун, јаболков оцет од диви кисели јаболка, козјото сирење од Раштак, ама и овчото од Прилеп, од Дихово, биено сирење…, ореви, кошмишпите, ѓомлезе, комат, млечни намази, путер од лешник, бадем и кикирики, па буковска пипер, највкусните сувомеснати производи сушени на дрво, по теркот на нашите дедовци, маслата од тартуфи и се од оваа чудесна печурка… Навистина, во целиот цунами од масовна комерција, се што го има знакот на полжавчето, ги има и трагите на оние што создаваат. Дојдете, вкусете.

Алијансата на готвачите на Слоу фуд, во состав Димитар Арнаудоски, Маре Јаневска и Зоран Мајновски, во делот наречен „гастро активности“ ќе понудат мени со локални производи карактеристични за овој период, а секој од нив и индивидуално, со својата шефовска, готвачка и гурманска креативност ќе демонстрира зошто си ја сака татковината.

Во паркот ќе има и детско катче полно со интересни едукативно анимации, ќе се дознае нешто за биодиверзитетот, автохтоните семиња а ќе се замеси и лепчето на баба

Целиот саем е конципиран со 45 павиљони, ќе има 80 штанда на кои ќе бидат изложени 2000 производи од 400 производители од целата наша земја.
И уште нешто: временската прогноза е на наша страна, ќе има сонце а целиот парк ќе биде во знак на храна и пијалоци, ќе се слуша добра музика, а ако немате друштво, ќе имате можност да се дружите, да запознаете производители кои со радост ќе ви ја раскажат својата приказна. Сите изложувачи, луѓе што самите си го заработуваат лебот, вооружени со насмевка и обединети во својата креативност, ќе ве дочекаат подготвено. Никогаш не се знае, можеби ќе ве инспирираат на некој нов, гурмански чекор.
Организаторите – Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Слоу фуд Македонија и ГИЗ, ја почитуваат идејата достоинствено да создаваме нова традиција на стара тема. Не заборавајте, сабота е ден за вас, да вкусите и купите нешто по рецепт и урнек на нашите мајки.
Се гледаме!

Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена