Добрила Чабриќ (93), учесничка на „Охрид-фест“: Мојот еликсир се луѓето, ме сакаат и ги сакам
Сцената на Долни Сарај, каде што годинава ќе празнува песната, преку 27-мото издание на „Охрид-фест“ е можност да ве видиме и чуеме со нова песна.
– Да, се радувам поради претстојниот фестивал, добив покана и прекрасна песна насловена како „Охриде мој“ на Григор Копров и со преубавиот текст на Огнен Неделковски. Многу ми се допадна, ме трогна, верувам дека и публиката ќе изреагира емотивно како и јас. Инаку, на „Охрид- фест“ првпат настапив пред две години, после победата во шоуто „Никад није касно“. Прекрасни спомени имам од овој фестивал.
Добрила изгледате одлично, харизматична сте и имате преубава енергија. Како уметник кој постојано контактира со луѓе, настапува, ви падна ли тешко периодот на изолацијата за време на пандемијата со Ковид-19?
-Да ви кажам најискрено, тој период беше добредојден за мене, малку да ја почувствувам убавината на мојот Дојран. Да поседам дома, да паузирам од патишта, се одморив од релацијата Белград, Нови Сад, Ужице, каде што настапував… Инаку, никогаш не ми е здодевно, секогаш имам идеи да се анимирам и себеси и околината. Плус, медитеранската клима во Дојран за мене е благодет. Езеро, спокој и убавина- се наполнив со убава енергија.
После шоуто „Никад није касно“, станавте претпознатлива и сакана, претпоставувам луѓето се љубопитни и ве прашуваат околу тајната на добриот изглед. Всушност, како се однесува публиката, луѓето со вас?
– Прекрасно, ме сакаат. Каде и да одам, еве на дивата плажа со мојата пријателка Гордана, и таму ме препознаваат, сакаат да се сликаме, да позборуваме. Животот сосема ми се смени по учеството во „Никад није касно“, запознав многу луѓе, богата сум во душата, постојано слушам комплименти, и најискрено, како да имам 50 а не 90 години… Да, луѓето ме прашуваат за добрата форма, сите се интересираат што користам, има ли некоја тајна. Еве ќе откријам, тоа е рускиот еликсир, што ме држи во младоста, ми дава енергија.
Освен тоа, јас сум непоправлив оптимист, не размислувам со омраза, позитивна сум и на работите гледам со хумор. Многу се смеам, сакам да помогнам и тоа е мојот најголем адут за долговечност.
7дена.мк
Коментарите се затворени