Елеонора Дуљанова, уметница: Не размислувам комерцијално, секое мое дело е уникат
Благодарение на социјалните мрежи се запознавме со рачните изработки на Елеонора Дуљанова, накусо- Ели, како што ја викаат пријателите. Марами во колоритна магија, керамика со уникатни форми, прекрасни футроли за очила, венчиња…, се што изнудува радост, насмевка и ја потврдува тезата дека среќата е секаде околу нас.
Оваа уметница и по толку години работа сеуште се фасцинира од бои и форми, што не и дозволуваат да размислува комерцијално, и што даваат карактер на нејзините изработки.
Како се роди Small piece of joy, што беше иницијација која те нурна во уметноста?
– Со изработка на сликани марами, не секогаш со ист интензитет, се занимавам скоро 18 години, но керамиката ми е прва љубов. Трае 21 година, посетував курсеви и колеџ во Лондон од 1999-2002 година. Работев на многу проекти од областа на уметност и во приватни фирми, но потребата да излезам во јавност, на социјалните мрежи, дојде покасно. Требаше и име да се смисли, некако спонтано ми дојде,да кажам што претставуваат моите производи: не се нужна потреба туку мали задоволства, среќа што секоја жена сака одвреме навреме да си ја приушти.
Така се роди и Small piece of joy.
Сликани свилени марами, накит, керамика, перничиња.., се ова го има твојот потпис, но каде најмногу си својата, во што најмногу уживаш?
– Се што изработувам е подеднакво задоволство затоа што резултатот на крај е секогаш различен и непредвидлив, но најголем предизвик ми е керамиката, затоа што процесот е долг. Откога ќе се изработи предметот, минимум 1 до 2 недели се суши, зависно од временските услови, а до финалниот производ се доаѓа со две печења на висока температура од 1000 степени, еднаш без глазура и вторпат со глазура. И секогаш со керамиката сум најнетрпелива да го видам резултатот.
Претпоставувам вака долг процесот на изработката не е секаде ист?
– Зависи од производот, но за марамите процесот поминува низ повеќе етапи- сечење, ставање на рамка, сликање па фиксирање боја, задолжително перење и пеглање трае доста… И за брошевите и ланчињата од кожа постојат повеќе етапи и изработката трае подолго. Ладалата се специфични, дневно можам само едно да изработам…Можеби предметите изгледаат лесни и брзи за изработка, но до финален производ навистина има доста работа, а и грбот страда.
Освен карактеристичен стил, се чини најпрепознатлива си по боите, по карактеристични форми, што прават интересна симбиоза, која долго се памети.
– Бојата и формата во уметноста секогаш ме фасцинирала, бидејки завршив историја на уметност со археологија, секогаш сум ги анализирала палетите на бои и формите во уметноста, сакам разиграност и на форма и на боја, органски форми особено за керамиката, што ја правам исклучиво рачно, не на коло.
Кога би се обидела да ги „прочитам“ боите, гледам далечни пространства, слобода и смиреност , но тоа е индивидуално толкување. Која е твојата порака, која е Ели- зад нив?
– Добро видување, незнам кој колку го забележува и кој како ги доживува изработките, но отсекогаш ме интересирала источната философија, религија и уметност. Слободата во изразот си ја дозволувам, и не сакам да се ограничувам на тоа колку е нешто комерцијално и дали ќе му се допадне на потрошувачот, барем таму си давам слобода, зашто во животот и малку сме ограничени во тој поглед, особено последнава година ипол.
Каде ги изложуваш своите дела, кој најчесто купува, и дали планираш свој изложбен простор?
– Моите дела ги изложувам на Фејсбук страната Small piece of joy и Инстаграм smallpieceofjoy. Искрено, најчесто купуваат жени кои не се униформирани, кои не пратат само трендови и имаат свој стил и префинет вкус. Не изработувам трендовски додатоци и производи, туку изработувам работи на кои не им поминува времето. За квалитетот ми потврдуваат многумина кои по грешка испрале нешто во машина, иако јас препорачувам рачно перење.
Што се однесува до изложбен простор, одамна размислувам, бидејки во живо се што изработувам изгледа поубаво, се надевам во блиска иднина, и тоа ќе се оствари.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени