„Чекор помеѓу“ твојата нова стихозбирка, во време на „растечка“ технологија потсетува на убави нешта што не прават автентични и свои, го велича зборот, нурка во спомените, носталгијата. Раскажи ни нешто околу процесот на пишувањето, создавањето, факторот- време?
– За да се создаде едно дело, без разлика дали е книжевно или било какво уметничко, најважна е желбата и поддршката, па така кога тие две нешта ќе се сплотат заедно, го наоѓаат времето, кое е и тоа како важен фактор во процесот на создавање и пишување.
Пишувањето ми е речиси секојдневие, доколку постои доволен мотив и крикне инспирацијата, тогаш не можам да останам рамнодушен и секако посегнувам по перото и тефтерот за да ги обликувам мислите во стихови. Па така чекор по чекор достасав и до „Чекор помеѓу“ стихозбирка која содржи 50 песни, што ми причинуваат големо здоволство бидејќи секоја песна е пишувана со излив на емоции и бирана многу прецизно за да влезе меѓу кориците. Затоа и не брзав многу во вентилот меѓу претходната и сегашна книга, бидејќи секогаш сум за квалитет, а не за квантитет.
Доколку, во слободна интерпретација – чекор помеѓу значи- расчекор, каде чекори поетот во тебе? И колку е близок со Ице- професорот?
– Чекор помеѓу, јас лично го доживеав како зрел исчекор или пак чекор со кој искачив едно скалило повеќе. Поетот чекори во сето мое битие, во мислите, во спомените, во минатото, па и во сегашноста, чекори во моето его и секако во мојата душа. Поетот и професорот сметам дека се доволно блиски, бидејќи чувствувам дека несетно меѓусебно се надополнуваат, некогаш и критикуваат, но речиси секогаш се на иста фреквенција, што за мене тоа е од голема помош.
Користиш архаизми, заборавени а толку поетични зборови и навистина тоа го правиш мајсторски. Резултат на литературата што ја консумираш?
– Милувам да користам архаични и други застарени зборови, подзаборавени или во изумирање, не дека тоа го правам намерно, едноставно самите ми се наметнуваат и сметам дека тие оставаат посебен белег врз моето потско творештво, бидејќи многумина по тоа и ме препознаваат. Освен тоа, архаизмите се наш идентитет, огледало на нашиот јазик во минатото, па така користејќи ги нив ја потенцираме нивната важност и си го негуваме јазикот од виорот на заборавот. Користењето на тие зборови во моите песни, не се плод на литературата која ја читам, напротив, тоа се зборови што ретко се користат, а мојата љубопитност талка по нивното значење и сековаш вешто умее да ги „спастри“ во стиховите.
Пред крај на годината се сумираат резултатите, а 2019 беше многу успешна за тебе, за што сведочи и наградата на градот Струмица што неодамна ја доби. Најчесто прашуваат „што ти значи“, а јас ќе се повикам на одговорноста и обврските што си ги наметнуваме откако ќе добиеме некакво признание.
– Морам да признаам дека 2019-та година ми беше доста успешна во поглед на мојата кариера, особено на полето на книжевноста, бидејќи ја одбележаа неколку поетски фестивали, поетски настапи и гостувања, не само во нашата земја, туку и надвор од неа, а секако на мое конто стасаа и доста награди не само општински и државни, туку и меѓународни, што за мене значи вистински престиж, но и предизвик, со исто темпо да продолжам и во иднина. Годишната награда, која ја добив како признание од Општина Струмица од областа на културата и книжевноста за 2019-та година, за мене беше од огромно значење и претставува вистинска сатисфакција, бидејќи целиот мој труд што сум го вложувал и сум придонесувал за Општината, годинава беше одликуван. Но секако оваа за мене голема награда и значајна нема да биде точка на мојата посветеност во работата, напротив, оваа награда ја сфаќам како обврска и предизвик да продолжам да работам, да творам и да ја афирмирам Општината, бидејќи нејзината лојалност ме задолжи на тоа, а мојата одговорност ќе го даде својот максимум.
Што си посакуваш себе си и на своите блиски во 2020?
– Лично мене, најважно од сѐ ми е здравјето, а тоа го посакувам на сите блиски и сите оние кои се мое секојдневие, посакувам мир, хармонија, искрени дружби и пријателства, секако и патувања – тоа се тие нешта што ме исполнуваат и се моја вечна инспирација за моето скромно творештво. Здравје, мир, среќа, љубов нека бидат секојдневие за сите мои блиски во новата 2020 година.
Вања Тодоровска