Вие сте прв сертифициран тренер по принципот на писателот и мотивацискиот тренер Џек Кенфилд. Што најмногу ве инспирираше кај него, и „зошто“ ја преземавте одговорноста за својот живот? Сакам да прашам, имало ли паѓања кои Ве освестиле дека никој освен нас не е „виновен“ за тапкање во место?
– Едноставноста и холистичкиот пристап кон личниот и професионален развој беа нешатата кои најмногу ме инспирираа кај мојот ментор Џек Кенфилд. Тој е познат како „Американски број 1 најдобар коуч за успех“.
Според Time Magazine неколку пати e прогласуван за најпродаван автор и „феномен на деценијата по објавување на книги”, основач е и претседател на The Canfield Training Group. Освен тоа, Џек Кенфилд е водечки експерт во креирање на врвни перформанси за претприемачи, корпоративни лидери, професионалци во продажба, вработени во корпорации и едукатори. Неговата работа, пораката која што ја пренесува, придонеле во последните 30 години да помогнат на стотици илјади индивидуалци да ги остварат своите соништа. Првиот принцип во учењето на Кенфилд е токму таа одговорност: преземи 100% одговорност за сопствениот живот и сопствените резултати.
Одговорноста за сопствениот живот сега ме донесе да бидам тука каде што сум. Да издадам две книги кои имаат одличен успех во Македонија: „333 Афирмации“ е преведена на албански и англиски јазик, а „Будење на свеста“ ја преведовме на англиски јазик и пред некој месец ја промовиравме на најпрестижниот светски саем на книгата во Франкфурт, книги кои веќе го освојуваат и светскиот пазар. Потоа, да отворам сопствен центар за личен развој и да сум инспирирација и мотивација за голем број на прекрасни личности да направат нови избори во својот живот и да креираат поинаква реалност.
Преземањето одговорност претставува фундаментален чекор во процесот на свесно будење и креирање поинаква реалност. Кога зборувам за одговорност, мислам на преземање на одговорност за сопствените мисли, емоции, чувства, одлуки, дела како и сопствените резултати.
Знаете, одговорноста ни дава можност да се ослободиме и да се поврземе со „вишото јас“. Не учи дека творечката сила на Универзумот се наоѓа во нас и дека ние сме создавачи на сопствената реалност. Ни помага да го препознаеме егото во сите негови облици со кои се идентификуваме да станеме свесни, да се ослободиме и да бидеме љубов. Кога секој поединец ќе прифати да биде одговорен за сопствениот живот и сопствените резултати, во тој момент престанува секој обид за жалење, судење, обвинување, префрлање одговорност на некој друг, барање изговори.
Во мојот живот сум имала и паѓања и качувања, и искрено не знам што имало повеќе, зошто тоа и не е важно. Важно е што сите овие предизвици со кои сум се соочувала во животот биле лекција од која нешто сум научила. И можам да заклучам дека ние сме одговорни за сопствениот живот и сме создавачи на сопствената реалност. Доколку не ни се допаѓа тоа што го доживуваме како искуство, секогаш имаме можност да направиме друг избор и да креираме поинаква реалност.
Можеме ли да веруваме дека секогаш е се добро, односно, дека се се случува за нашето повисоко добро? А она што не е така е „само“ лекција која крие порака која треба да се научи?
– Повторно ќе се навратам на одговорноста. Кога не создавал Создателот, од сите убави енергии кои ни ги дал, ни ја дал и онаа за која мислам најмалку сме свесни, а тоа е енергијата на слободна волја. Ако нешто одлучиме да направиме или да не направиме, одговорноста е секогаш наша, резултатите кои ги добиваме се наша одговорност и заслуга. Не велиме – јас сум одговорна или заслужна за „ова“, а за „ова“ не сум, само затоа што нешто сакаме, или- не сакаме. За она за кое се чувствуваме лошо, велиме дека не сме одговорни и бараме каде да го впериме прстот, а за она за кое се чуствуваме посебно добро, е, тогаш ние сме одоговорни за тоа.
Преземањето одговорност не прави свесни и ни дозволува да го видиме животот онаков каков што е, објективно. Доколку не се чуствувате добро во врска со некоја работа, наместо да мислите дека животот си поигрува со вас, прво треба да разберете дека можеби токму вие, несвесно самите сте ја предизвикале или повикале таа работа, а тоа го правите секојдневно преку вашите мисли, емоции, чувства, дела. Можеби не се чувствувате одговорни што животот ви ја нуди таа реалност, но сепак вие сте ја предизвикале на некаков начин. Секој резултат на нашите животни искуства е резултат на тоа како сме одговориле на некој претходен настан во нашиот живот. Доколку не ни се допаѓаат резултатите што ги добиваме, секогаш имаме избор нешто да промениме.
Можеме да го обвинуваме настанот или можеме да го промениме начинот на кој одговараме на тој настан, се додека не го добиеме посакуваниот резултат. Убавината е во тоа што ние можеме да ги промениме своите мисли, да ги смениме сликите во умот, да ја промениме комуникацијата, да го промениме нашето однесување. Сите наши способности можат да станат неограничени доколку не поставиме лимит на одговорностите во нашиот живот. Прифатете ја вистината дека вие сте одговорни за сите одлуки и за се што се случува во вашиот живот, и дозволете вашата будност и свесност да стане чиста сила за свесно косоздавање на раланост која ја посакувате.
Но, што кога се што учевме и впивавме со години, техниките што ги пробувавме, од медитација до тапкање, визуелизација, купишта гледани клипчиња на youtube каналот, зацврснување и стабилизирање, за само еден миг може да се урне- со некоја тажна состојба во семејството? Што кога ќе се посомневате? Пак- одново?
– Во кого да се посомневаме? Во себе, во сопствените потенцијали, во генијалноста на нашето тело кое знае како да се грижи за себе? Се тече, се се менува, емоциите ние не можеме да ги смениме но можеме да ја трансформираме таа енергија, а за тоа секако ќе треба време. За некого повеќе, за некого помалку, зависи колку сме одлучни да отпуштиме.
Јас ја загубив мојата мајка пред 5 години, и таа си замина многу брзо. Тагата не може да се опише: тука беа измешани и емоциите за грижа на совест, дека не сте направиле повеќе, огорченост, анксиозност, незадоволство… Со помош на медитациите кои секојдневно ги правев, понекогаш и неколку пати на ден, со помош на енергетските третмани за чистење на програми и информации од телото, со помош на јогата, дозволив сето ова да помине низ мојот енергетски систем, и да ја трансформирам болката во радост, а тагата во љубов.
Сe она што дотогаш го практукував, години наназад, ми помогна да излезам од таа состојба. И знам дека никогаш нема да престанам да се развивам, зошто будењето на свеста не е само една глетка на пејзажот, будењето на свеста е пејзажот.
Јас верувам во моќта на медитациите и токму поради тоа, пред само еден месец објавив на мојата веб страна www.katerinaangelovska.mk осум (8) аудио водечки медитации на македонски јазик, кои се снимени со мојот глас и со музика на фреквенција 432hz (фреквенција на природата на која фреквенција ние како човечки битија најдобро делуваме). Овие медитации се професионално снимени во студиото на Pikado Creative Collective заедно со Александар Митевски.
Се додека ја проектираме моќта надвор од нас, и не сме во можност да ја препознаеме внатрешната моќ која вистински не исцелува, тогаш и го подржуваме сето страдање кое се случува насекаде околу нас. Потребно е да ја поттикнеме личната и духовна трансформација, да се ослободиме од товарот што го носиме во себе, да станеме свесни за сопствените програми да работиме на нивно освестување, да отпуштиме и да ослободиме простор во своето срце за енергија на љубов, која целосно ќе не исцели. Нема секогаш да биде лесно, но колку повеќе се исцелуваме толку и творечкиот канал ќе биде почист и посјаен и ќе уживаме во неограниченото изобилие на Универзумот.
Колку е долг процесот на заздравувањето, психичко и физичко, или- како да го контролираме умот на кој му е полесно да се држи до „усвоените принципи“- страв и исплашеност, наместо љубов и благодарност?
– Колку сте поодлучни да се ослободите од товарот кој го носите од минатото, толку поскоро ќе излезете од комфорната зона во која се наоѓате. Човечкиот ум не е расположен толку едноставно да се ослободи од верувањата, вредностите, навиките, мислите и емоциите.
Кратката приказна за двајцата будистички монаси Танзан и Екидо на едноставен начин ни ја претставува вистината за тоа дека луѓето живеат во минатото. Танзан и Екидо оделе по еден селски пат раскалавен по големо невреме. Одејќи, во далечината виделе девојка облечена во свилено кимоно, која се мачела да го помине калливиот пат. Танзан без размислување се упатил кон девојката, ја кренал в раце и ја пренел преку калта. Потоа двајцата монаси продолжиле да чекорат во тишина. По пет часа, Екидо не можел повеќе да се воздржи и го прашал својот пријател: „Зошто ја пренесе девојката преку патот? Ние монасите не би требало да правиме такви нешта“. Танзан му одговорил: Јас ја оставив девојката пред пет часа, а ти се уште ја носиш со себе“.
Информациите кои ги носиме во себе се како брановите што се наоѓаат на површината од каде што произлегува нашето однесување. Не постои начин бранот да го запознае морето сe додека се бранува само на површината – потребно е да се нурне во длабочините и тогаш навистина ќе стане едно со морето.
Значи- љубовта е лек за се? И, колку сигурноста и самоувереноста можат да ни бидат ветер во грб? Да речеме, кога самите правиме се?
– Без сомнение љубовта е најмоќната сила на Универзумот. Љубовта доаѓа однатре. Размената на љубов го исполнува нашето срце и ни носи радост. Но, како да пронајдете љубов во себе доколку живеете во тешка ситуација? Можеби во моментот сте бегалци, сиромашни, изнемоштени, неуспешни, тажни, огорчени, разочарани, повредени, измамени. Но, ништо не е трајно, сe се менува.
Можеби најдобриот начин да дојдеме до таа состојба на љубов е секој ден да даваме и да го направиме околниот свет малку подобар од вчера. И доколку легнуваме со мислата – јас го правам најдоброто што можам, и сум придонес за подобар живот за себе и за другите, можеби во тешката ситуација во која се наоѓаме, оваа мисла ќе ни даде чувство која ќе не води кон љубов.
Кога енергијата на љубов е во нашето тело, можеме телесно да ја почуствуваме. Нашите молекули се капат во хемија на љубов. Но кога сме без енергијата на љубовта, обземени сме од страв од надворешните фактори. Кога сме во емоција на страв, супстанциите што се испуштаат во мозокот ги затвораат сите механизми во телото кои овозможуваат духовно, ментално и телесно да се развиваме. Го затвараат протокот на енергија во нашето тело, и тоа се преточува во секакви болести. Затоа да бидеме свесни, да се сакаме целосно и да водиме грижа за своето битие.
Често, несвесно се саботираме себе си, се со цел да не излеземе од „сигурната, комфорната зона“? Дали во таа насока, навистина умот е покорен слуга но лош господар?
– Многу луѓе, иако имаат желби и копнежи и знаат точно што сакаат, сепак не успеваат да ја исполнат сопствената визија.
Зошто е тоа така? Поради парадигмите. Доколку имаме одредена идеја, на пример: сакаме нова работа, нов партнер, нов автомобил, ново искуство, таа идеја е прифатена од нашата свест и влегува во нашата потсвест како вистина. Тогаш ние сме ја промениле вибрацијата и сме на патот да ја оствариме. Превземаме одредена акција која е во колерација со таа вибрација. Тогаш излегуваме од зоната на комфорот и влегуваме во непозната територија. Имаме нови телесни сензации и непријатни емоции. Се бориме со сопственото его и старите идентитети. И тогаш почнуваат да не обземаат мисли и чувства дека порано ни беше полесно, не преплавува страв, двоумење, несигурност. И полека но сигурно се навраќаме на она што ни е познато, на старото.
Парадигмата не вратила назад и се откажуваме од големата промена која ја посакуваме. Сите ние некогаш сме го искусиле тоа. Сме имале голем сон, сме тргнале на патот да го оствариме, но парадигмата не повлекла назад. Сите ние потсвесно ги обликуваме своите верувања во насока да бидеме безбедни и сигурни. Истото ми се случуваше и мене додека не презедов одговорност и направив избор дека ќе ги променам верувањата. Тогаш животот ми тргна во вистинска насока. Кога ќе го надминеме стравот тогаш ќе ја преминеме онаа граница од невозможното во возможно, од нереалното и недостижното во реално и достижно.
Колку новите генерации се подготвени да застанат на јарболот на својот брод, наречен- живот? И колку тоа делува оптимистично во однос на освестување на оваа цивилизација?
– Денес како никогаш досега ни е дадена можност да се исцелиме, да се одвоиме од колективната дисфункционалност и да станеме свесни битија. Спиритуалната и енергетска промена која се случува насекаде во светот веќе ја чуствуваме преку новите вибрации на будност, свесност и љубов на кои луѓето се повеќе се приспособуваат. Стариот начин на одвоеност полека избледува и во средиштето на постоењето доаѓа енергијата која му дава целосност на сепостоењето.
Во секоја генерација постојат свесни и помалку свесни луѓе, но во некои заедници овие свесни луѓе се слушнати, а во други се игнорирани. Едноставно, спротивната страна е погласна. Време е да биде слушнат тој глас кој се однесува на бездимензионална и неограничена свест. Тоа можеме да го направиме доколку сме ние свесни. Како што постои наука и технологија за прогрес и подобрување на нашата заедница, така постои наука и технологија да се стори истото внатре во нас. Кога генерацијата е посвесна, човештвото расте и цути, а кога е несвесна, човештвото тоне. Ова се случува низ историјата, не е нова тероија. Но факт е дека денешната генерација ужива најмногу удопства досега. Но не можеме да тврдиме дека сме најсреќната генерација досега. Имаме технологија која ни носи удобност и лесен живот, но не се фокусираме на личната благосостојба. И тука се поставува прашањето: Дали сме подготвени да се разбудиме, да го преземеме животот во свои раце и свесно да создаваме поинаква реалност?
За крај- како Вие го започнувате и како го завршувате денот? Што, освен насмевката е вашето тајно оружје?
– Денот го започнувам со благодарност и со прашањето „Како можам денес да се надкреирам себеси и да бидам вистински придонес за себе и за другите?“. А го завршувам со „Како може да биде подобро од ова?“. Моето тајно оружје е добрата енергетска вибрација. Можеме да посветиме внимание и да работиме на сите аспекти во нашиот живот, на умот, мислите, емоциите, парадигмите, програмите, верувањата, вредностите, но сe ќе биде залудно доколку енергетски сме дисбалансирани. Фасцинирана сум од генијалноста на нашето тело и нашата енергетска вибрација, и моите активности во последните години се насочени се повеќе кон енергетските терапии, кои се составен дел од моето работење. Вистинскиот пристап кон нашата свесност е преку енергијата. Ние сме вибрациони битија во свет кој вибрира. Еден од најголемите умови на дваесетиот век, Никола Тесла, рекол: „Ако сакаш да ги разбереш тајните на Универзумот, мисли во насока на енергија, фреквенција и вибрација“.
Валентина Вања Тодоровска