Перо Христов со ревијално шоу на „Охрид- фест“: Ми недостигаат некогашните фестивали, природноста и песни отпеани со душа
Кариера богата со многу убави песни- вистински бисери, награди, турнеи, концерти, луѓе…Перо, дали навистина музиката е најголемиот подарок и талент што на човекот може да му го разубави животот?
– Да, музиката како уметност е една прекрасна работа која секој човек, кога ја слуша, го прави среќен, исполнет и свој. Ова го зборувам како обичен слушател но ако музиката поради твојот талент ти е професија или егзистенција, тоа е нешто сосема друго.
Убаво е тоа што Господ ти дал талент или си го наследил од некој близок,
и тоа се вика „дарба“.
Мене како пејач, интерпретатор, музиката ми донесе познато име и презиме,
ми подари голем број пријатели, слушатели, фанови но и ми одзема многу други слободни активности. Значи, за да бидеш име и презиме во музиката е убавина но и жртва- постојано треба да создаваш, ако сакаш да останеш на врвот, или да бидеш запаметен. Ќе поентирам: секогаш е добро да бидеш тоа што навистина си.
„Во црно вино утеха нема“, „Ангелино“, „Заборави ме“… Која песна најмногу и најчесто ви ја бараат, а која е вашата најдрага?
– Педесет години музичка кариера е половина век континуитет, половина век искушенија. Добра песна, лоша песна, награди, признанија.., можеби и не баш така лесна, мојата работа ја делам на два дела: од 1969 до 1979 година- аматерски музички период на забавна музика но можеби и најтежок. Златен глас на Македонија за млади пеачи и, паметам, второ пласиран млад пеач во Врање, СФРЈ. Потоа, учесто на Суботица- фест, на Скопските забавни музички фестивали и снимени околу дваесет забавни мелодии од најдобрите македонски автори- Славе Димитров, Масевски, Бранџолица, Џамбазов, Кире Костов, Ванчо Димитров и др. Вториот период е од 1987 година, фолк-фест Валандово и искачување до самиот врв во новокомпонираната македонска песна, со учество на над 70 музички фестивали во нашата држава и легендарните хитови: Во црно вино утеха нема, Една ѕвезда една солза, Заборави ме, Нема живот Ангелино, Неможам љубов да кријам…
Од забавните би ги издвоил – Капка среќа, Евридика, Не плачи мајко, Засвири нешто од Битлси и др.
Педесет години музичка кариера навистина е импресивна бројка. Кои години ги издвојувате како најплодни ?
– Најплодни години ми се периоди од 1972 до 1975 година. И од 1990 до 2001 година.
Годинава на „Охрид- фест“ настапувате во ревијалниот дел. Што се ќе чуеме?
– Со големо задоволство ќе испеам десетина мои најдобри или најслушани песни од забавен и од народен период.
Во едно друго- добро, старо и би рекла- среќно време, фестивалите навистина беа престиж, а наградите драгоцени. Ви недостига ли тоа, и како се вклопивте во времето на социјалните мрежи и модерната технологија?
– Да, ми недостига некогашната атмосфера на фестивалите која беше природна, од душа а сега е права синтетика, вештачка, но таква е затоа што се променија времињата.
И најважно од се: ние пеевме со желба да не слуша, радува и да се весели народот со нашите песни.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени