Интервју со актерите од претставата „Сестрите Прозорови“: Избегавме од мракот, таму нема ништо
„Сестрите Прозорови“, претставата што ја копотпишуваат Сашо Димоски и Васил Зафирчев, како што велат актерите од истата е „почетокот на трагањето по вистината.., за да се пронајде прозорецот, да се погледне низ него и- да се побегне.“
Премиерната изведба на претставата се случи во јануари годинава, потоа- ја отвори драмската програма на јубилејното шеесетто издание на „Охридско лето“ а актерите- Кети Борисовска, Маја Љутков, Славица Манаскова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаилоски и дадоа живот.
Костимографијата е на Раде Василев а дизајнот на рекламниот материјал е на Филип Коруновски.
*ДА СЕ ОТИДЕ ТАМУ КАЈ ШТО СИ ТИ
Каков предизвик е претставата „Сестрите Прозорови“? Како „влеговте“ во ликовите, потоа, колку беше интересен процесот со оглед на слоевитоста на целата приказна и- лесно ли е да се излезе од нив?
Кети Борисовска: Имајќи го предвид морето од закржлавени и веќе видени концепти на она што кај нас се нарекува театар, бескрајна е потребата да се погледне од „друг агол“. Да се прикаже или да се одгатнува, честичка по честичка, „лудилото“ кое сите го носиме и несвесно го живееме. Предизвик од кој телото и умот затреперуваат од страв. Почеток на трагањето по вистината проткаена низ две приказни, на крајот запечатена и крунисана со неизодениот пат на детските чевлички. А главниот мотив е да се пронајде прозорецот, да се погледне низ него и да се побегне. Да се отиде таму кај што си Ти.
Маја Љутков: Голем, најголем! Огромен предизвик е да се биде една од „Сестрите Прозорови“. Најтешко можам да одговорам на тоа како се влегува во лик, кај секој актер тоа е различно, ама ќе се обидам. Вербата и љубовта во она кое го работиме, многу истражувања на разни теми, долги разговори и вежби, инспирација од секојдневниот живот, луѓето, мојот емотивен хабитус. Така некако. Процесот беше многу интересен, уште од самиот факт дека не беше класичен театарски процес, туку вид истражувачка лабораторија и токму поради таа слоевитост на текстот и режисерот/актер, со една поинаква визија за театар, сето ова заедно резултира со процес и со претстава кои имаат посебно место во моето срце. Не си дозволувам дружбата меѓу Маја и ликовите кои ги толкувам да траат долго по одиграната претстава бидејќи некогаш знаат да бидат она што јас не сум. „Излегувањето од ликот“ некогаш значи молк од неколку часа или пијалок со колегите по претставата. На крајот – ние актерите сме дресирани да бидеме едно со ликот и да се раздвоиме без проблем, со желба повторно да бидеме заедно.
Славица Манаскова: „Сестрите Прозорови“ е предизвик што му го посакувам на секој колега. Тежок и интересен процес, ко прва зачекорена стапка во освојување височини. Ирина е нешто што толку силно си го врежав во мене што тешко дека би излегла од мене. Таа е веќе дел од мене.
Жарко Спасовски: Нешто ново што скокотка и те навлекува да копаш подлабоко и подлабоко. Во ликовите не влеговме, тие се прилепија за нас со многу посветеност и креативност.
Фаик Мефаилоски: Огромен предизвик! Најпрвин затоа што се работи за капитално дел и секако – пристапот на работа, односно режисерскот концепт. Ликовите се градеа полека и сигурно врз основа на огромна анализа. Процесот беше забавен, взаемен, слобден и многу креативен. Со оглед на тоа дека сме професионалци, секако дека имаме механизми за дистанцирање од ликовите по завршувањето на изведбата на претставата.
*И СО МОЛЧЕЊЕ БИ БИЛЕ РАЗБРАНИ
Што во претставата беше најинтригантно, преведено на универзалниот јазик на уметноста? Можат ли „Сестрите Прозорови“ да се разберат на некој друг дел од планетата и што во конкретниот случај значи „јазична бариера“?
Кети Борисовска: Лудиот, разголен, разобличен, полн верба и вистина актер, спремен е да ја раздаде својата душа како нафора и да не се занимава со тоа дали ќе биде разбран. Знае! Успева да дише во ритам, го препонава „она“ што човека го прави човек.
Маја Љутков: Сцената со дождовните кабаници е најинтригантната сцена за мене, кога би ви кажала зошто би го расипала изненадувањето. „Сестрите Прозорови“ можат да ја разберат и ако ја одиграме на Марс. Важно и апсолутно разбирливо е како ги правиме нештата, а не на кој јазик говориме. Тоа е и концептот на претставата „Сестрите Прозорови“.
Славица Манаскова: За мене јазичната бариера во театарот не постои. Во конкретниов случај – „Сестрите Прозорови“ и со молчење би биле разбрани, ете толку се гласни.
Жарко Спасовски: „Сестрите Прозорови“, на било кој дел од светот, на било кое парче земја на планетата е подеднакво јасна и разбирлива како и во Македонија. Не може да се остане рамнодушен по гледањето на претставата.
Фаик Мефаилоски: Претставата се занимава со основните чувства и нагони, па оттука доаѓа заклучокот дека таа би била прифатена насекаде во светот. Самиот концепт се бави со универзален театарски јазик.
*НЕКОГАШ СО ИЗБОДЕНО ТЕЛО, НЕКОГАШ СО ИЗБОДЕНО СРЦЕ
Неколку приказни во една, нешто како „предзнаење“ сигурно беше важно поради самиот поим дека уметноста е игра. Тогаш, се заигравте ли?
Кети Борисовска: Си игравме до изнемоштеност. Некогаш со избодено тело, некогаш со излеано срце. Како празното шише водка. Жонглиравме со детството и староста, со наивноста и мудроста. Испраќавме писма. Никој не ни пишуваше! Се прашувавме: кога ќе заминеме од овде?! Насекаде го носевме својот куфер тежок колку четири планини. Знаевме дека е игра и среќни заспивавме на подот.
Маја Љутков: Како мали деца во градинка кога учителката ќе им рече „сега ќе играме една игра“, се заигравме убаво, си играме секоја наредна изведба, играта никогаш не е истата.
Славица Манаскова: Секој актер во секој нов процес „се заигрува“, тоа е неминовен дел од која било приказна, односно претстава. Жарко Спасовски: Се заигравме уште на првите проби кога Сашо и Васил нè навлекоа на приказната. Ама „заигрувањето“ на моменти беше и горчливо од самиот текст и од зборовите кои како со нож нè сечеа и со грутка во грлото си одевме дома.
Фаик Мефаилоски: Се заигравме отповеќе, но играта наликуваше на некаква стратегија. Слоевите се поврзани и не можат еден без друг, па така секој мораше да стане мајстор на зададената задача во самата игра.
*ДОЈДОВ ОВДЕ ЗА ДА ЈА ПРЕТВОРАМ СВОЈАТА ГРЕШНОСТ ВО ДОБЛЕСТ
Правевте ли маневр меѓу себе и како ги надминувавте личните ограничувања?
Кети Борисовска: Со љубов ја отфрламе секоја заблуда. Со верба ја просветлуваме душата своја од житејските страсти помрачена. Се надеваме дека ниеден збор од устата наша нема да биде празен. Дојдов „овде“ за да ја претворам својата грешност во доблест. Не се плашам од ништо!
Маја Љутков: Ако ме прашувате дали правам маневр меѓу личното и професионалното во креирањето на улогата – апсолутно да! Во тоа е убавината во креирањето на еден лик.
Славица Манаскова: Во кој било процес, во создавањето на која било претстава, кога се почнува – мое да се надминат личните ограничувања, само така ќе станат нештата. Тоа е како првите чекори што ги прави едно дете, силна верба во себеси и смел екор. Така е и со претставата.
Жарко Спасовски: Личните ограничувања ги оставам надвор од театарот, не постои граничник кога станува збор за уметноста.
Фаик Мефаилоски: Живеењето туѓ живот секако бара маневр. Глумците оживотворуваат измислени (напишани) ликови. Ги живеат онолку колку што трае претставата, со сите нивни проблеми, радости и спектар од други чувства.
*НАУЧИВМЕ ДА ГИ БОИМЕ СО НИЈАНСИ НАШИТЕ СВЕТОВИ
Кое е искуството, растењето, можеби – созревањето што по „Сестрите Прозорови“ го имате?
Кети Борисовска: Треба да започнеме нов живот. Да бидеме војска што со чест на челото ќе ја освојува светлината. Да побегнеме од мракот, во него нема ништо. Само тишината да ја понесеме со себеси, за да ни биде мир. Да си го успиеме сонот, будно да копнееме по „растењето“ и да кажеме: Тука сум!
Маја Љутков: После секој процес сме поголеми, поискусни, попаметни, позрели. Со „Сестрите Прозорови“ научивме да ги боиме со нијанси нашите светови и кога ќе погледнам со дистанца си велам: „браво Маја, Кети, Славица, Жарко, Васил и Сашо! Браво!“
Славица Манаскова: „Сестрите Прозорови“ е мое дете кое го носев длабоко во себе, не бивајќи ни свесна дека го носам! Васил ми го откри и ми го подари тој дар, да си го имам засекогаш. Чувството е тешко за опишување: едноставно прекрасно!
Жарко Спасовски: „Сестрите Прозорови“ ни се мотив за заедно да создаваме уште многу сестри Прозорови, заедно да раснеме и да се радуваме на успесите.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени