Каролина Петковска, водителка на „Охрид-фест“: Овој фестивал ја афирмира македонската музика но и нашиот јазик
Каролина, и годинава ја водите фолк- вечерта на „Охрид- фест“, скусеното издание на популарниот фестивал. И покрај големото искуство, и вашиот личен белег- професионалност, сигурно постои нешто што во оваа приказна се нарекува предизвик?
– Во 1994 година, мислам, дека малубројни беа оние коишто веруваа дека новиот фестивал на авторска мелодија создавана во духот на нашата богата музичка ризница, ќе забележи непрекината традиција и покрај сите препреки и искушенија, на личен и на професионален план и за неговите идејни творци и основачи, но и за тогаш, богатата фестивалска музичка сцена во Македонија.
Охрид Фест -Охридски трубадури, со својата музичка продукција, ја збогати и во континуитет ја афирмираше македонската музика и македонскиот јазик, благодарение на директните преноси од фестивалските вечери, преку сателитската мрежа на МРТ и превземањето на сигналот од голем број реномирани радио телевизиски центри во регионот и пошироко.
Голем број на исклучителни професионалци од различни области го вложуваа својот личен и професионален кредибилитет во траењето на фестивалот, којшто прерасна во еден од препознатливите културно-туристички брендови на Охрид и Македонија. Голем број авторски и интерпретаторски имиња, забележаа дел од своите најголеми хитови токму тука на охридската музичка сцена, песни коишто и ден денес живеат, се пеат и се слушаат во македонскиот музички етер.
Цели 26 години фестивалска историја, ќе мора да се признае, се исклучителна традиција и културолошки придонес достојни за почит!
Затоа, да се биде дел од оваа фестивалска институција е чест, задоволство и секако професионален предизвик, особено во ова време, кога голем број на настани од културата и музиката пред се, беа откажани поради мерките и протоколите , што се превземаа за спречување на ширењето на пандемијата со Ковид19, на национално и глобално ниво.
Ќе ни ја откриете ли тајната како одат подготовките за водењето на фестивал? Како добар домаќин, вие сте „нишката“ што ги поврзува сцената и публиката, дикцијата во најавите ви е совршена, па дури и со најмала насмевка го давате својот белег. Што вообичаено размислувате, или имате некој ритуал пред излегување на сцена?
-Годинава по третпат ( 2013, 2019, 2020), ќе ја имам улогата на водител, а по втор пат како сценарист на фолк- вечерта на Интернационалниот Фестивал , Охрид Фест- Охридски трубадури! Како дел од МРТ низ годините наназад, благодарение на мојата матична куќа имав можност да работам на многу ралични проекти од различни жанрови, но чувството секогаш е – како за прв пат! Можеби тоа е онаа, најдобро научена лекција од легендите на македонското и радиско и теливизиско работење во МРТ, вложување на максималниот интелектуален па и физички капацитет, во секој нов проект, импровизација дозволена само во исклучителни моменти („виша“ сила за време на директни преноси), и секако беспрекорна комуникација и професионален влог на секој член од телевизиската екипа и екипата на организаторот на фестивалот.
Всушност, фестивалот почнува многу многу порано од моментот на пуштање во етер на најавната шпица или фестивалско авизо!
Кафе во огромни количини, телефони, работа со часови пред компјутерот и бројни состаноци со различни членови на екипата, се редовна процедура во подготовките на секоја емисија, а проект или фестивал со директен пренос на МРТ е посебна приказна! Вистинска трка и со времето и со самиот себе! А потоа започнува фестивалот и се треба да биде точно до секунда и коректно до најмалечкиот детал, којшто и тоа како може да го наруши и личниот но секако и фестивалскиот имиџ. По десетина пати ги предвидуваш сите можни варијации од првата до последната минута на фестивалот и како за „инает“, пак нешто ќе те „изненади“! Ветар на отворена сцена или лизгав под за штикли и долг фустан, доцнење на резултати од жирито, блокирање на компјутерска програма за пребројување на гласови, микрофони коишто не се вклучени на време па никој не ја слушнал првата реченица од конферансата, наградени кои едвај се пробиваат до сцената од љубопитните или воопшто не се појавуваат на истата, иако неколку пати биле повикани, дофрлувања од публиката, незадоволни лица на оние што се надевале на награда, „теории на заговор“ против овој или оној…
Фестивалите сепак се место за искрена дружба и размена на добри искуства во слава и чест на музиката и за среќа, сеуште се атрактивен медиумски производ за публиката.
Долги години сте уредник, а пред се- новинар во МРТ, па ме интересира, дали најголемата разлика со новинарите од пишаните медиуми е таа што секогаш треба да изгледате беспрекорно, и што да речеме, лапсусите се исправаат „во од“?
– И по 17 години работење во Македонската телевизија, помалку сеуште функционирам како „човек од радиото“ кадешто поминав 12 години, па „зборот и суштината“ ги ставам пред “сликата и изгледот“. Времето за козметичар, фризер, шминкер, адекватна гардероба и модни додатоци секогаш се трудам да ги сведам на „нужен минимум“.
За среќа, низ годините наназад, соработувам со исклучителни професионалци коишто ми помогнаа да уживам и во овие моменти. Сакам да се чувствувам убаво и пред се комотно во моделите што ги носам на сцената или пред камерите! Креативниот и уникатен потпис на Елена Пандева и македонскиот и интернационален моден бренд „Елена Лука“, надополнет со уникатен, рачно изработен сребрен накит Filigree by Bobe, оваа година се белег на моделот што ќе го носам на фестивалската сцена на 27-мото по ред издание на Охрид фест- Охридски трубадури 2020!
Во нашата професија приоритет е фокусирањето на идејниот концепт на проектот: овојпат, музиката е во центарот на вниманието а со тоа и нејзините интерпретатори! Водителот ја има привилегијата да биде нишката на поврзување помеѓу сцената, медиумот и публиката присутна на настанот или далеку некаде во своите домови покрај тв екраните, компјутерите и мобилните телефони сеедно!
Фестивалот и секој проект одново се „одработуваат“ од почеток и по неговото завршување, со анализи на сработеното, што можело да биде подобро, лоцирање на слабите моменти, ненамерните лапсуси коишто публиката долго ќе ти ги памети или некој сурово ќе ги коментира на социјалните мрежи, зошто: „Различни луѓе –различни карактери“, нели!
Државниот сервис секогаш бил расадник на кадрите по другите телевизии. Што велите за новата генерација на тв- новинари, водители.., воопшто за новинарството и технологијата на „copi- paste“?
– Се гордеам што сум дел од тимот на МРТ, институција којашто е хроничар на времето и настаните, но и активен чинител, промотор и афирматор на македонското културно и општествено траење.
Не е лесно да се биде постојано под „лупата на јавноста“, да се биде постојано насмеан, иновативен и креативен, но постојат стандарди како и во секоја професија, кои што мора да се почитуваат.
Се гордеам со моите помлади колеги коишто своите професионални приказни ги започнаа токму во МТВ, а сега поради различни причини се дел од некои приватни телевизии! Искрено се радувам на нивните лични и професионални успеси, зошто знам колку љубов, труд и посветеност бара нашата професија.
Тенденциите на глобализација во сите области на човековото живеење, само за мудрите и достојните, ќе оставаат простор за зачувување и зацврстување на сопствените национални белези какви што се јазикот и писмото, како едни од највисоките цивилизациски вредности. Од таму песните отпеани на македонски јазик и од фестивалските сцени, се вистински афирматор на културата и битието на нашиот народ пред лицето на светот!
Охрид фест- Охридски трубадури со својата традиција и суштина тоа годинава ќе го направи по 27 ми пат! Се гледаме на фестивалот!
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени