Катерина Ангеловска, автор, тренер за личен развој и мотивациски говорник: Душата е извор на животот, грижете се за неа
Живееме во навистина возбудливо време, време во кое на најдлабоко ниво на свеста се случува радикална еволуција. Соочени сме со предизвикот да го замениме стариот начин на живеење, кој не функционира, со нов начин на постоење. Затоа дозволете да ви раскажам една народна тибетска приказна која многу ме инспирираше кога првпат ја слушнав и која одлично се вклопува во она што сега ни се случува.
Еднаш, многу одамна, си живеел еден крал кој имал четири жени. Еден ден кралот се разболел и паднал на смртна постела. Плашејќи се сам да оди во задгробниот живот, ја прашал својата четврта жена, која најмногу ја сакал и на која секогаш ѝ купувал скапа облека и накит од дијаманти и злато, дали би му се придружила да умре заедно со него и заедно да одат на оној свет. Четвртата жена одговорила: „Жал ми е, но не можам да го сторам тоа“, и си заминала. Ја повикал третата жена, која многу ја сакал. Таа била најубава од сите жени и секогаш се фалел со неа пред другите и гордо ја покажувал на сите низ своето царство. И нејзе ѝ го поставил истото прашање: „Дали ќе ми се придружиш во следниот живот?“ Третата жена одговорила: „Жал ми е, но премногу си го сакам животот и не можам да ти се придружам на твоето патување. А кога ќе умреш, планирам повторно да се омажам!“ Дошла на ред втората жена, која секогаш била тука за него. Ѝ го поставил истото прашање, дали би му се придружила да умрат заедно и заедно да заминат во задгробниот живот. Таа одговорила: „Жал ми е, но не можам овој пат да ти се најдам. Она што можам да го направам е да ти го организирам погребот и достојно да те испратам“. И тогаш се слушнал глас одзади: „Јас ќе дојдам со тебе и секогаш ќе те следам, каде и да одиш, па макар и во задгробниот живот“. Кога ја кренал главата, кралот ја видел својата прва жена, која секогаш ја ставал на последно место и најмалку се грижел за неа. Обземен од срам и жал, ѝ рекол: „Жал ми е, требаше повеќе да се грижам за тебе додека бев жив“.
Која е пораката на оваа приказна? Сите ние имаме четири жени. Четвртата жена е нашето тело. Сакаме да го китиме со убава облека и накит, но на крајот тоа не може да нè следи во задгробниот живот. Третата жена се нашите имоти, работите што ги поседуваме. Го трошиме своето животно време работејќи, трагајќи и обидувајќи се да дојдеме до некакви предмети, но на крајот тие не можат да нè следат во задгробниот живот. По нашата смрт, тие ќе бидат поделени меѓу други луѓе, ќе се „премажат“.
Втората жена ги претставува нашето семејство и пријателите. Нив ги сакаме и им веруваме, кога ќе ни затребаат тие се секогаш тука за нас. Но ни тие не можат да дојдат со нас во задгробниот живот. Нашата прва жена е душата. Обично ја занемаруваме и честопати не се грижиме за неа. А таа е единствената која ќе нè следи во задгробниот живот.
Манифестацијата е резултат од вниманието што им го посветуваме на сите димензии на своето постоење. Како се грижиме за телото, духот и умот, таква реалност животот ќе ни донесе. Кога се грижиме целосно за своето битие, ние сме во хармонија со себе и со природата, и тогаш манифестацијата е лесна, брза и чиста.
Сакајте го своето тело и грижете се за него за да бидете здрави. Уживајте во работите што ги имате и во комфорот кој тие ви го дозволуваат. Грижете се за семејството и пријателите за љубовта која ви ја даваат и возвратете им со поголема љубов. Но не заборавајте да ја храните душата. Затоа што душата е изворот на вашиот живот. Таа е вашиот најверен пријател. Бидете свесни, сакајте се целосно, и водете добра грижа за своето битие!
7дена.мк
Коментарите се затворени