Кики Лесендриќ на „Охрид фест“: Моите песни мирисаат на вистина, затоа траат
Кики Лесендриќ, една од иконите на српскиот рокенрол звук во 80-тите и 90-тите години на минатиот век, ќе настапи на Интернационалната вечер (3 септември) на 29-тото издание на „Охрид фест“. Евергрините „Свет је леп када сањамо“, „Заборављени“, „Као птица на мом длану“.., ќе ја потсетат македонската публика на нежните балади и специфичната боја на гласот на Лесендриќ.
Кики, каде ве наоѓам моментално, и што вообичаено правите во овој летен период?
– Моментално сум на Санторини во Грција, но бргу се враќам за Белград, па почнувам со јулските концерти. Воглавно, преку лето сум на Закинтос, а се враќам за концерти.
Македонската публика ќе има можност да ве види и слушне на „Охрид фест“. Откога не сте биле кај нас, имате ли убави спомени од Македонија?
– Не сум бил во Македонија навистина долго. Но, во еден период со „Пилоти“ свиревме многу кај вас, мислам, сигурен сум дека скоро и да не постои место каде не настапувавме. Се надевам дека новиот албум на есен, повторно ќе не донесе во Македонија, дека повторно ќе свириме, и тоа ќе го правиме со посебно задоволство.
Од вашето богато музичко и животно искуство- како автор, пејач, продуцент, ментор.., кој период го сметате за најважен? На што сакате да се сетите?
– Секоја од тие станици мене ми е драгоцена. Почетокот во 1981 година е како прв бакнеж во училиште. Понатаму навистина имаше различни периоди, од луди 80- ти па се до војната, моето заминување за Грција и подоцнежното враќање со албумот „Месец на вратима“. Многу години се зад мене, но некако сеуште сакам да снимам и да сум на сцена.
Има нешто романтично и доследно во вашата музика. Дали создавањето на песни, после толку искуство е работа на занаетот или сеуште „она нешто“ доаѓа инспиративно?
-Песните што ќе го преживеат тестот на времето во себе секогаш носат нешто што публиката го смета за веродостојно. Па и да е фикција или фантазија, желбата по и за вистинското, ја прави посебна. Секогаш сакам песните да ми мирисаат на вистина. Некако и тоа го доживував во песните со кои растев.
Велат дека славата знае да биде поопасна од сите други зависности. Како тоа да не ве „оштетила“ досега?
-Човек што не знае да прифати пораз и од него нешто да научи тешко може да се носи со слава. Знам дека се е минливо па и популарноста. Затоа и живеам како што живеев секогаш, и се дружам со луѓе кои ме прават среќен. Насмевка на лице и со глава низ ѕид!
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени