6.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

„Кога мама заборави дека ме сака“ на Драгица Русевска- Христова

Никој не знае како е да си го гледаш ликот во огледало и да се чудиш на љубопитниот странец што од карши те опсервира, кога не ги препознаваш најсвоите, туку драгите ликови се престоруваат во странци со лоша намера и никој не ти го разбира копнежот по твоето „дома“.
И така со денови, месеци, за да во еден миг сиот живот се лизне низ рацете, како обид да се сочува син облак во сиво утро, на патот кон апсолутната бездна. Таму човекот е, дури ми е непријатно и да го напишам, но еве- најбедното живеечко суштество.
Таа бездна се вика Алцхајмер.
Се сеќавам кога Драгче ми рече дека сака да пишува книга за мајка и. Дека чувствува огромна тага и терет од кажани и некажани зборови, преиспитувања, дури ми е пред очи една топла летна вечер кога таа пржеше тиквички во кујната а јас и ги читав белешките.
Една година подоцна, присуствувам на промоцијата и се радувам што преку зборовите, сеќавањата и фотографиите успеала да и се заблагодари на мајка и, да ја раскаже и објасни својата нетрпеливост кон странецот што ги краде спомените.

Книгата се чита во еден здив. Всушност, се пие, зошто е искрена, на моменти болна и сурова, како соочување со овој паднат свет и со неговите недостатоци. Особено тешко, ако не и најтешко е да се соочите со јавното прозборување за болеста, бидејќи на нашите простори тоа е „голем срам“.
И, токму тоа табу спречува да се стигне до вистинската информација, па паралелно со болеста, следи и борбата со предрасудите на околината: стравот од Алцхајмер е таков што автоматски сте стигматизирани и некои луѓе бегаат од вас како да сте проколнати.

Иако тука не важат правилата дека состојбата на телото е пораката на духот, на Драгче и успеа оваа тешка состојба преку хумор да ја направи питка и на моменти весела. Логично, секоја црнина има своја белина.
И така на сите 150 страници од книгата.
Би можела уште многу и уште долго, но чувствувам, доволен само еден збор, мал по габарит а голем по значење: браво!
Драгче со секој збор соѕида споменик на љубовта кон мајка си, топла, драга жена со црвен кармин чија кроткост исчезна во болеста.
Патем, и дилемата е решена: сите раѓања и заминувања на сонцето, сите раскошни огномети на небото, да, тоа го прават нашите родители. Каде и да се.

Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена