КОГА НЕМАВМЕ ИНТЕРНЕТ…КОЛУМНИ ЗА ДУША – ПИЈАН ОД ЉУБОВ
Оваа колумна одлучив да ја напишам баш на мојот роденден, за да видам како изгледа да се пишува на 47 години. Се уште мислам дека моите ме лажат и дека сум роден во 1962, а не во 1972 година. А кога би било така, би мислел за себе дека сум прилично сочуван за моите години, кога ќе се погледнам наутро во големото огледало.
Роден сум во предвечерието на 14 февруари, односно само четири ипол часови пред почетокот на овој голем празник. Точно во 19.30 минути, време за почеток на централните Вести на тогашната Телевизија Скопје. Немало никаква потреба од ангажман на трите наречници. Самиот тајминг го насочил мојот живот. Да гледам Вести, да ги анализирам, ем мониторирам. Поздрав до Мони Торинг, слушнав дека веќе е на граница… Пак ќе се дружиме и гушкаме сé до 5-ти мај!
Интересно е што се родив во една држава (Социјалистичка Федеративна Република Југославија), факултет завршив и најголемите успеси како автор ги постигнав во друга држава (Република Македонија), а од денес, живеам и работам во трета држава: Северна Република Македонија. Се надевам дека судниот ден ќе го дочекам во некоја четврта (а, можеби и петта!?) држава… Јас никаде не брзам.
Паметам разни родендени. Во семејна атмосфера, во кафуле, на училиште, на факултет, на работа, во МОБ, во кафеана… Паметам разни честитки, разни благослови, посилни и послаби ракувања, искрени и помалку искрени прегратки, сочни и површни бакнежи, но секоја година последниве дваесетина години, првите честитки ги добивам од мојата поубава половина Соња и од син ми Филип. Обично веднаш после полноќ. Тие честитки ми се најдраги. Утредента, први ми се јавуваат татко ми и мајка ми, а мајка ми редовно евоцира спомени како изгледал тој ден кога ме родила. Дека била толку слаба, што го облекла истиот мантил што го носела како девојка и со баба ми Цвета отишле во Државна болница. Таму, дежурниот лекар ѝ рекол дека е рано и дека нема абер да се родам, но баба ми инсистирала да викнат некој поискусен лекар и да ја задржат мајка ми во болница. Така и направиле и за неколку часови јас сум го здогледал овој прекрасен свет. Да издржала мајка ми уште малку, би се родил на Свети Трифун ем Валентајн и веројатно би се викал Трифун или Валентино. Вака, ми го дале името Огнен (не велам ме крстиле Огнен, зашто сам се крштевав во Гостивар, на свои 25 години. Поздрав до кумовите Миго и Јулијана.) Огнен сум наречен на никого, наводно на некој другар на татко ми. Едниот дедо ми се викаше Филип, а другиот Неделко. Роден сум во недела и колешките на мајка ми од болничката соба, ја зезале да му го направи атерот на свекорот и да ме викаат Неделко! За среќа, до тоа не дошло. Како и да е, долги години не бев задоволен од своето име и за малку ќе го сменев. 47 години го носам гордо и достоинствено ова име и се обидувам да бидам синонин за убави нешта. Драго ми е што среќавам деца (особено на мои колеги), кои веројатно се крстени според мене. Тоа значи дека добро сум го износил ова глупаво и не многу модерно име!
Инаку, мајка ми секоја година на 13 февруари, точно во 19.30 часот, станува и силно викнува: „ГО РОДИВ!“ Се надевам дека овој нејзин ритуал ќе трае уште долги години.
Како мал, родендените ги славев во нашите „собичиња“ позади Универзална сала. Во тоа време немаше ни игротеки, ни дискотеки, ни бутур. Мајка ми правеше домашни кифли, руска салата, ордевери, убава роденденска торта… Доаѓаа гости и јас бев навистина среќен тој ден. Паметам, ги пречекував гостите уште на врата и за миг ги парчосував украсните хартии и го отворав подарокот. Добивав разни подароци, но најдраги ми беа подароците кои ми ги носеа мојата тетка Маја и нејзиниот дечко Јоцо. Тие доаѓаа последни, после град, некаде околу 22 часот и ми носеа прекрасни играчки, кои ги купуваа во Грција. За жал, веќе неколку години мојот тетин Јоц е на небото, но со Маја редовно ги оживуваме сите спомени и се надеваме дека еден сончев ден пак ќе бидеме соседи позади Универзална.
Паметам, во осмолетка, тогашните најдобри другари, Аце и Дејан, ми носеа лонг плеј плочи. Извини, Ване, така беше!
Подоцна, како созревав и растев, родендените ми значеа сé помалку и помалку. Денес ме потсетуваат дека поминува времето и дека треба да се дише со полни гради секој миг. Иако е лесно тоа да се каже. А многу е тешко да се спроведе на дело….
Толку за мојот роденден. Сега збор-два за денешниот голем празник. Знам, цел ден луѓето на Фејсбук ќе се препираат и ќе се надмудруваат дали треба да го славиме Свети Трифун или Валентајн?! Ќе има такви што ќе речат дека ние сме православни и наш е само Трифун. Ќе има и такви, кои не пијат рујно вино и лута ракија и кои ја слават само љубовта, односно Валентиново. Ќе има и такви кои ќе речат дека слават сé, само да е за убаво! Тие ќе бидат пијани од љубов или ќе сакаат со алкохол. Како и да е, 14 февруари е убав ден и патерица на мојот роденден.
Во текот на мојата кариера напишав многу боемски песни, а само една за Свети Валентајн. Се вика токму така „Свети Валентин“ и ја пее легендата на македонската поп музика, Ѓоко Ѓорчев.
Моја препорака за вечерва: земете чаша црвено вино, пуштете ја „Свети Валентин“ и сакајте се!
И не гледајте дебатни емисии.
Барем вечерва.
м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ
Коментарите се затворени