Тоше, недопеан рефрен на нашите животи
И повторно, секој 25 јануари истото чувство, недоискажана тага , враќање на филмот и пак истото прашање и истата желба… Ех, да беше тука, меѓу нас, ќе му пишувавме роденденски честитки и ќе му посакувавме секакви убавини.
Да постоеше логика во судбината, космичкиот ред на настаните, да добиеше подобри карти од животот, Тоше денес ќе имаше завидна музичка биографија, концерти, ама и многу љубов, ќе ја даваше и добиваше каде и да се појави. Ѕвезден тој.
Можеби ќе имаше и понекоја брчка, веројатно околу устата, впечатливите „смејалици“, зошто никој како Тоше не се смееше така од длабина. Толку искрено, и така сончево.
Сакавме да ни биде гордост, да ни го засилува чувството на идентитетот, сакавме да се правиме „важни“ дека е наш а беше праведно и да ги вкуси убавините на својот интерен космос.
И денес, многу години подоцна, иако се чини дека се е кажано за Тоше, пак е тешко да се пишува за ова ѕвездено момче. Навтасува тага, на моменти посакувам да се скријам помеѓу буквите што го кријат неговото име и презиме. Љубов и музика.
Реално гледано, по Тоше веќе ништо не е исто. Одвреме – навреме, ќе проблесне некое име со инстант траење, но константната убавина ја нема. Фестивалите загубија магија, се стана трчање за и по пари, ретко се размислува за добрината што ќе го смени светот. Понекогаш, некој ќе разгали со понекој рефрен, но нема континуитет, а слабите „браници“ претежнати од се и сешто се скршени под напливот на музиката од соседството.
Во меѓувреме, сите ние што го сакаме Тоше и чии песни одново и одново не потсетуваат дека сме живи, научивме една важна работа- времето не лекува се, туку искуството те крепи да живееш со болка.
Да, никој не успеа да го замени. (Вања Тодоровска)
Фото-FB Tose Proeski fanovi
Коментарите се затворени