Стриповите се цртано-пишувани содржини, со чудни типови, заплети и расплети. Ете, смислив кратка дефиниција, за потребите на новите генерации, кои поим немаат што е тоа стрип. Го нарекуваат и деветта уметност. Тој овозможува да се раскажат приказни преку посредство на надоврзани слики. Некаде прочитав дека првите стрипови биле пештерските цртежи и малку без врска ми прозвуче сето тоа. Замислете ги Каменко и Кременко како читале стрипови од карпа на карпа?! Некој го нарекуваат стрипот и литература во слики, а го измислил Рудолф Тепфер во почетокот на 30-тите години на 19-от век, во Швајцарија. Стрипот се состои од различни ликови, дејства и ситуации, а сето тоа е нацртано во разни квадратчиња. Кога некој зборува, над неговата глава се црта облаче и во него се пишува тоа што ликот го зборува или го мисли. Се разбира, во квадратите има и одредени емоции: уф, ах, крашшшш, пих, гррррр, бах, фиу-фиу, зип, сто му громова итн.
Кога бев дете мислев дека стриповите почнаа да излегуваат токму тогаш. Сите ние мислиме дека светот почнува со нас, а тој да ти постоел и неколку генерации пред нас!
Моите први контакти со стрипот беа наивни и детски, согласно моите години и определбата на моите родители да не следам насилни содржини. Притоа, тие забораваа дека само Прле и Тихи заедно ликвидираа пред мои очи најмалку 357 Германци и десетина Четници, ама тоа беше дозволено да се гледа, во духот на лекциите по историја.
Така, прво мајка ми ни купуваше „Микиев забавник“ и „Микиев алманах“. Излегуваа секоја среда и во нив имаше интересни приказни за јунаците кои веќе ги знаев од цртаните филмови: инатливиот и борбен Мики Маус, шармантната Мина, високиот клапчо Шиљо, позитивниот Паја Патак, неговата венчана сопруга Пата, како и нивните три малолетни деца: Рајо, Влаго и Гајо. Тие никогаш не пораснаа и беа продолжена рака на нашата традиција на многудетни семејства, која подоцна некои политичари ја вметнаа и во својата партиска програма. Но, во тие стрипови имаше и некои нови типови, чии имиња беа најчесто на српски јазик. А многу беше смешно кога икс години подоцна, почнаа да ги преведуваат тие имиња во Паторот Пајо или Глувчето Мики. Не се сеќавам како го преведоа името на кутриот Шиљо?! И не би сакал да замислам како го имаа преведено негативецот Хроми Даба?
Моето созревање како личност се поклопи со излегувањето на првиот број на „Стрипотека“. Неделник со нови и необични стрипови, кои оставија силен впечаток врз моето оформување како младинец на крајот на постоењето на СФРЈ. Долго време ги чував сите стрипотеки во нашиот подрум, но времето си го направи своето и ништо не знам за нивната судбина. Само знам дека секој просечн скопски подрум мораше да има: буре со кисела зелка, стар акумулатор, тегли со ајвар, лутеница и пекмез и купче цртани стрипови. Се разбира, дел од нив завршуваа како вкусна вечера за скопските глувци и стаорци, но таква е судбината на пишаниот збор. Да биде своевиден „хамбугер“ за глодарите.
Паралелно со доживувањата на Модести Блејз, Корто Малтезе, Рип Кирби, Марти Мистерија, Бетмен, Флаш (или Флеш) Гордон – иста дилема како сега Вибер или Вајбер – другарував и со Златната серија на романчињата кои излегуваа во едицијата на „Лунов Магнус Стрип“.
Загор Тенеј Јунак Дарквуда и неговиот дебел другар Чико. Бескрајни продолженија, но многу интересни теми. Ужас кога ќе прочиташ на крајот на романчето: „Наставиче се…“ (или во превод: продолжува.)
Велики Блек Стена (оди па преведи го во Карпа!) и неговите другари професорот Окултис и малиот трапер Роди, Капетан Мики, неговата вереница Сузи и другарите-испичутури Смук и Саласо, Текс Вилер и френдот Кит Карсон, неговиот душман Мефисто, Командантот Марк и Волците од Онтарио… Сега кога ќе кажеш Марк, се мисли на Цукерберг и ФБ, а порано тоа име беше синоним за Командантот. Неговите пајташи Блаф и Жалосна Сова (оди па преведи го на македонски!) и кучето Флок. Ех, колку Црвени Мундири испотепавме со нив….
Сé во свое време, па така паралелно со „Монти Пајтон“, ги откривав и откачените бравури на Алан Форд и неговото феноменално друштво. И денес тие романчиња ме ослободуваат и ми ја разгоруваат драматуршката фантазија, во секое време. Таква слобода нема никаде.
А другарите Астерикс и Обелиск се посебна приказна. Долги години, д-р Жико (невролог, чичко на мојата Соња и неверојатен стрипофил) на плажата во Платамона носеше стари стрипови и со уживање ги читавме сите победи на Астерикс против Галите. Сега имам некои апликации за Алан Форд на мобилниот, ама не е тоа – тоа кога ги читаш стриповите на мобилен или на таблет. Нема кеиф, доколку не ти се исцрнат малку прстите од печатарската боја.
Пишаните романчиња со „Лун, краљ поночи“ (многу ми е глупаво ова да го превдеувам на македонски!) беа следна приказна, од студентските денови. Ги густирав долго и внимателно, најчесто на летниот распуст, чиј еден дел редовно го поминувавме во село Јанче. Оттогаш е анегдотата со брат ми, кој набрзина ги читаше сите романчиња за Лун и потоа трчаше по мене низ селото и ми кажуваше кој е убиецот! Јас ги затворав ушите и бегав, затоа што најчесто името на убиецот се откриваше на последните десетина страници од романчето. И така, тој беше уништувач на забави и ми го расипуваше филмот, како и густирањето од неколку денови. А понапред, девојчињата читаа љубовни романчиња и така го формираа својот вкус за високи, набилдани и црномањасти момчиња, кои се секогаш на страната на правдата и вистината. Некои сакаа и момчиња со очила. Најверојатно, тие што ги читаа стриповите со Рип Кирби? Сега веќе никој не чита. Барем не романчиња. А вкусот го билдаат врз база на спотовите на српската фолк естрада. Евентуално, американските рапери.
На приемен испит на ФДУ ја кажав една од најглупавите реченици во мојот живот, кога ме прашаа дали читам стрипови? Без збунет од прашањето, затекнат, не знаев што треба да одговорам и реков дека тие имаат своја вредност, но до одредена возраст! Треснав и останав жив. Можам да замислам колку тупава фаца сум направил пред целата комисија, кога почитуваниот професор Благоја Иванов ми рече: „Јас и денес читам стрипови.“ Подобро ќе беше да ми удреше две врели шлаканици. Ги предадов за миг сите јунаци. Го оставив Командант Марк на цедило, го излажав Загор, ја изневерив Модести Блејз, го предадов Алан Форд…
Тоа е, животот пишува романи, а луѓето читаат стрипови. Или барем, читаа. Некогаш.
м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ