КОЛУМНА. Наде Молеровиќ, креирам живеам : Секоја болест е создадена од неспокоен ум
Зборовите се едноставно најмоќната сила со која располага човештвото. Ние можеме да одбереме како ќе ја користиме или употребиме таа сила, конструктивно со зборови на охрабрување, или деструктивно, користејќи зборови на безнадежност. Зборовите имаат сила, енергија и можност да помогнат, да воздигнат, да повредат, да уништат, да понижат и да смират.
Имајќи ја во предвид моќната сила на зборовите кои ги изговоруваме, ние мора да се дисциплинираме себе си да зборуваме на начин на кој искажуваме респект, нежност и човекољубие. Особено луѓе кои имаат некоја моќ сметаат дека таа им дава право да зборуваат се што мислат и да не мислат што зборуваат.
Зошто не искажуваме пофални зборови на работното место, дома, со пријателите, познаниците, или пак на луѓе кои ги сретнуваме секојдневно, на шалтерите, на пазар, во некој маркет, на својот фризер.., на детето кое ви се насмевнува. Е, тоа е вистинска ретка пријатност.
Пофалбата е исто како и зракот сонце. Што повеќе се изјавува, повеќе ќе осветлува и разубавува нечиј ден. Според истражувањето на Галуп, главна вина зошто вработените во некоја фирма ја напуштаат е, неискажување и неценење од страна на нивните претпоставени. Многу директори, шефови,сопственици на фирми сметаат дека доколку на вработениот му искажете зборови на пофалба и почит, тие ќе мислат дека со тоа изгледаат подредено.
Да им упатувате зборови на пофалба на луѓето со кои сте опкружени кога највеќе заслужуваат, всушност ве истакнуваат вас, ве воздигнуваат, и во нивните очи вие изгледате како јунак, херој. Сите ние сакаме да се чувствуваме исклучителни, јас сакам, вие сакате, сите сакаат. Секој човек сака и живее за признание и слава. Одавајте признание на оние кои денес направиле корисна работа, ја завршиле задачата како треба, на време, предвреме, ценете го нивното присуство.
Твоите зборови ќе те ослободат и твоите зборови ќе те осудат. Оној кој верува во моќта на зборовите секогаш многу внимава што зборува. Доволно е само да ги набљудува последиците од изговорените зборови, па да свати дека тие „не се враќаат празни“. Зборот и животот се игра како со бумеранг. Нашите мисли, дела или зборови, порано или покасно ни се враќаат изненадувачки прецизно.
Со изговорените зборови си наметнуваме правила сами на себе. Постои една стара изрека која вели дека зборовите треба да ги користиме за три цели : да излекуваме, да благословуваме, или да напредуваме.
Тоа што го зборуваме за другите всушност зборува за нас самите, а, тоа што им го посакуваме на другите, си посакуваме и себе си. Клетвите го стигнуваат оној кој проколнува. Ако некому посакуваме „лоша среќа“ сами си ја довикуваме и привлекуваме лошата среќа.
Ако сакаме некому да помогнеме да постигне успех, си посакуваме и го помагаме сопствениот успех.
Се сеќавам на мојот покоен татко како очите му се полнеа со солзи радосници кога ќе чуеше во разговор со пријателите како некое од нивните деца постигнал врвни успеси, земал некоја диплома или освоил некоја награда. Неможев тогаш да го разберам тоа, како е можно нечија туѓа среќа и радост да те допре толку да се расплачеш и да ја доживееш како своја.
Болестите и несреќите настануваат во нас поради нарушување на Законот на љубовта. Постојаното критикување предизвикува реуматизам, затоа што критичните, непријатни мисли создаваат неприродни наслаги во крвта, кои се таложат на зглобовите. Велат дека неправилните израстоци се предизвикани од љубомората, зависта, омразаата, непростувањето, стравот…итн. Секоја болест е создадена од неспокојниот ум.
Сакајте се едни со други а , во играта на животот, љубовта и добронамерноста секогаш донесуваат успех.
Скопје
13.04.2019
Коментарите се затворени