Општина Аеродром слави 14 години од своето основање. По тој повод, градоначалникот Златко Марин ја најави роденденската прослава што ќе се одржи утре (недела) во паркот „Авион“ на која ќе настапат групите „Прљаво казалиште“ и „Нокаут“.
На прес-конференцијата присуствуваа и претседателката на Советот на Општината, Ивана Цветковска, како и Пере од групата „Нокаут“.
„Хепенингот ќе почне напладне со настап на нашите најмали жители, кои не само што растат во Аеродром туку се и нејзината иднина. Имено, децата од градинките и основните училишта ќе се забавуваат со ритмички точки, хип-хоп настапи и соло-пеење. Ним ќе им се придружат децата од училиштето „Аква денс“ и хорот „Златно славејче“, изјави градоначалникот Марин.
Тој додаде дека забавата в недела претставува продолжение на традицијата почната минатата година да се одбележува роденденот на Општината со забава на отворено, во согласност со заложбата да се доближи Општината до граѓаните за отвореност и достапност за сите.
Групата „Нокаут“ ќе настапи од 20:00 до 21:30 часот, а по нив до полноќ концерт ќе одржи позната група „Прљаво казалиште“.
Инаку, покрај забавен, прославата ќе има и хуманитарен карактер, при што ќе повикаме да ги отвориме срцата, да донираме за оние наши граѓани што моментално се наоѓаат во најнезавидна положба, за социјално ранливите категории, кои се и заслужуваат да бидат рамноправни граѓани на нашата Општина.
На крајот, покана до граѓаните не само од Аеродром туку и од другите општини упати Пере и му се заблагодари на градоначалникот за отворената покана и „Нокаут“ да настапи на роденденската забава, најавувајќи дека ќе изведат нешто и од својот најнов материјал што ќе се појави пред почетокот на летото.
Автор
Сите Објави
Коментарите се затворени