Втори август е прекрасен ден. Голем празник.
Илинден, ме асоцира на сонце, жетвари и на село Јанче. И на именденот на мојата балдска Илина…
Речиси целото детство и добар дел од младоста, Втори август ме разденуваше во нашата камена куќа во ова село. На почетокот на 70-тите години од минатиот век, дедо ми Филип ја купил од некој си Тасе. За лов и риболов. На сред село, на два спрата. Долго ја реновиравме со шперт плочи и слични нешта, а дури и јас, како дете учествував во лепењето на плочките, на подот на кујната. Шах комбинација, црвено со жолто. Ние бевме фигурите. Секое лето по 15 дена. Задолжително. По одморот на наше море или на наше езеро. Тогаш имавме и море.
Куќата беше така поставена, што не можевме да гледаме телевизија. Ни тој единствен ЈРТ канал не го фаќавме. Беше убаво без ТВ, но беше проблем кога имаше ЕП или СП во кошарка. Тогаш играа Дивац, Паспаљ, Дражен, Ѓорѓевиќ и останатите. И беше предизвик да се победи СССР. Одевме во куќата на мојот другар Тасим и таму навивавме, а потоа ги повторувавме најдобрите акции на импровизираниот кош во неговиот двор.
Никогаш не ни беше здодевно. Преку ден, јас, брат ми Дејан, и другарите Таше, Аднан, Васе, Саве, Мугнија, Асан, Фери, Ашмет, Муарем…игравме пинг понг. На импровизирана маса од шперт плоча и даски, дело на мојот вешт вујко Симо. Имавме мрежа, два рекета, неколку топчиња и многу време. Никогаш не се скаравме. Јас бев локален првак во пинг понг. На село Јанче…
С. Јанче (ФОТО- Petrovskyz, wikimedia)
Потоа ловевме пастрмки, со мушици (живописни креатури на вујко ми Симо) и внимававме да не не’ фати шумарот Наќе. Риболовот беше дозволен само за викенди. А толку не можевме да чекаме.
Игравме и фудбал, во прашината, под јазот, веднаш до куќата на мојот другар Аднан, кој пред многу години настрада во сообраќајка во Гостивар. Дедо му Исеин и дедо ми Филип беа големи пријатели. Кај нас, на кафе доаѓаа и Беќир, Гицко, учителот Марко и неговата сопруга Деса, Алил, Стрезо… Прекрасни луѓе. Во селото доминираа Македонци Муслимани, со широка душа и тажни очи. Печалбари и сонувачи, мајстори и ловџии, осудени од тврдата земја и од дивите свињи, кои им ги уништуваа пченките. Но, тоа не им пречеше секоја вечер да се напијат по едно пиво во продавницата на Гицко и да се насмеат на мрсен виц…
Село Јанче
А навечер, со нашите сосетки Радица и Македонка, игравме јамб и слушавме музика од транзистор. Во нашето старо огниште, каде што беше најстудено и каде што некогаш вујко ми и татко ми вртеа јагне на ражен и пиеја жолта од чокани… Тогаш првпат на Радио Црна Гора ја слушнав прекрасната “Као птица на мом длану” од Пилоти. И денес “Боли ме и гуши ’86-та”, како во хитот на Црвена Јабука…
Можам уште многу да пишувам за село Јанче, но толку засега. Сите горенаведени лица беа дел од мојата Крушевска република.
А таа траеше цело детство.
м-р ОГНЕН НЕДЕЛКОВСКИ