„Крајот песна пишува“ е вториот сингл на велешанецот Александар Ристовски.
Музиката и аранжманот за оваа моќна балада ги направи самиот Ристовски, текстот е дело на Огнен Неделковски, а режисерската палка за видеото на овој проект му припадна на Даниел Јовески.
– Ги следам музичките трендови и важно ми е кој тим стои позади еден музички проект. Чест е да се соработува со текстописец како Огнен Неделковски и режисер како Даниел Јовески. Нивната работа ја следам уште од времето кога живеев во Македонија и аматерски се занимавав со музика. Ова е наша прва заедничка соработка, но судејќи според реакциите на публиката, сигурно не и последна. Енергијата ни се спои веднаш. Јас ги создадов музиката и аранжманот, додека за текстот и видеото, целосната доверба им ја дадов на нив, вели Ристовски.
Тој веќе 5 години живее и работи во Швајцарија. Во Берн има и свое музичко студио, а освен со создавање музика чест гостин е на концертите кои ги организираат македонските здруженија во Швајцарија.
– Иако подолго време живеам во Швајцарија, сепак доста често сум на релација Скопје – Берн. Сакам да следам се што се случува на нашата музичка сцена. Соработувам со многу македонски и балкански музичари. Тие се и чести гости во моето студио во Берн, бидејќи дел од нив живеат тука. Освен нови песни, сакам да најавам уште еден голем проект кој започнува наскоро, а тоа е конкурс за млади текстописци, каде ќе се избира најдобар текст, а најдобриот млад текстописец ќе биде награден од страна на моето музичко студио, додава Ристовски.
Ова е втора песна на Ристовски. „Животот е како игра“ е неговиот прв сингл кој го објави пред една година.
Автор
Сите Објави
Коментарите се затворени