Маргарита Христова: На Василица се врти мазник со паричка, се јадат колбаси и се игра комар
Во Битола е традиција Василица да се слави со мазник, во кој се става паричка. Ноќта спроти Василица, се собираат друштвата и го вртат мазникот со паричката, како што правите вие за Бадник со лепчето. Но, за разлика од вашата посна вечера, по вртењето на мазникот кај нас се јадат домашни колбаси и се пие вино. И најважно од се – на оној на кој ќе му се падне паричката, го фрла првиот зар и почнува комарот.
Комар се игра со ситни пари, колку за адет, за да секој да си ја проба среќата.
И така, до сабајле. За среќниит што му се паднала паричката сите од друштвото даваат одредена сума на пари а наредната година се оди кај него. Во последните години, се повеќе друштвата се собираат по кафеани.
На самиот ден на Василица, на 14 јануари, на ручек се собира целото семејство и се врти мазникот со паричката. Така е кај мене дома. Тој ден сите чекаме да се заврти мазникот. Домаќинката го дели мазникот на онолку парчиња колку што има членови, и по едно за куќата и за Господ. Најстариот во фамилијата го врти мазникот три пати во правец на стрелките на часовникот. На оној на кој ќе му падне паричката, се верува дека среќата ќе го прати цела година.
Коментарите се затворени