Во чест на еден од најголемите христијански празници, Водици, кога се осветуваат сите води, Општина Крива Паланка организира масовен настан „Водици, Богојавление 2024“, можност на најубав начин, сите заедно да го одбележат и прослават овој голем ден.
Церемонијата започнува со свечена Богојавленска литургија: верниците од 8.00 часот наутро ќе го посетат Соборниот храм Св. Великомаченик Димитриј, по што ќе се упатат кон Мостот и кејот на Крива река, каде се осветуваат водите: на овој ден водата е благословена, носи здравје и бериќет. Потоа, традиционално се фрла чесниот крст, највозвишен и најсвечен чин на Водици а верниците влегуваат во Крива река за да го фатат.
Најсреќниот што ќе го фати богојавленскиот крст е херојот на денот и за него се предвидени многубројни дарови.
Централната манифестација што ќе ја води Ирена Спировска започнува од 10.30ч од Градскиот Плоштад: продолжува празничниот дух со музичка програма за која се задолжени Благоја Алачки со пријателите и нивната гостинка, Адријана Алачки.
Се ќе биде во знак на македонскиот мелос, ќе се изведуваат познати македонски народни песни во традиционален дух, ќе се слушнат и хитови, играорни песни и ора, и секако најпопуларната „паланечка тројка“.
Клучниот настан на Водици што го организираат Македонската асоцијација на готвачи и шефови на кујни „Гастромак“ со претседателката Адријана Алачки во соработка со Општина Крива Паланка е натпреварот за Најубава Богојавленска софра. Традиционалните специјалитети на оваа софра ќе ги приготвуваат Здруженијата на пензионери, Организации на жени, Дневен престој за здраво стареење од Крива Паланка, млади гастрономи, индивидуални домаќинки.
И учениците, идните готвачи од СОУ „Ѓорче Пертов“од угостителско-туристичка струка ќе имаат свој штанд со традиционалните јадења на денот на Богојавление.
Судиите од „Гастромак“ ќе бидат пред голем предизвик: тие треба да ја одберат најубавата, највкусната и најдобро аранжираната Богојавленска трпеза каде ќе царувааат вкусовите, миризбите и боите на нашата богата традиционална гастрономија.
По прогласувањето на најдобрите и во категориите- најавтентични македонски садови и најубави македонски ракотворби со кои софрите се наличени, посетителите ќе можат да вкусат од традиционалните деликатеси.
Да потсетиме: настанот има за цел да ги собере сите верници, сограѓани и гости на едно место, но има и хуманитарна мисија. На Плоштадот, во огромен котел ќе се вари грав кој ќе може да се купи по симболична цена од 50 денари: средствата се наменети за социјално загрозените матуранти.
Ќе се дегустира и најважниот специјалитет за Водици, традиционалната пифтија, ќе се пие домашен чај а ќе се наздравува со греана ракија. Се очекува масовна присутност на кривопаланчани ама и на многубројните гости што го почитуваат овој празник.
На 19 јануари сите патишта водат кон Крива Паланка: сите сте добредојдени!
НАТПРЕВАРУВАЧИ ЗА „НАЈУБАВА БОГОЈАВЛЕНСКА СОФРА“
1. Здружение на пензионери од Општина Неготино
2. Здружение на пензионери Куманово (натпреварувачка софра и маса со ракотворби)
3. Здружение на пензионери Крива Паланка и Ранковце „Крива Паланка“
4. Дневен престој за здраво стареење од Крива Паланка
5. Семејството Смилкови -Бог се јави од Свети Николе
6. Здружение „Жаклин Арт“ Општина Ѓорче Петров- (со ракотворби и натпреварувачка маса)
7. СОУ „Ѓорче Пертов“, ученици од угостителско-туристичка струка
НАГРАДИ
1. Награда за најубава Богојавленска софра
2. Награда за највкусна Богојавленска софра
3. Награда за најубаво аранжирана Богојавленска софра
4. Награда за најавтентични садови
5. Награда за млади и талентирани готвачи