Пет години по големиот повратнички концерт во сега веќе непостоечката „Метрополис арена“, култната македонска поп-рок група „Меморија“ најавува нов концертен спектакл.
Овој пат концертот ќе се случува на 11 јуни, под отворено небо каде за прв пат „Меморија“ ќе свири целовечерен солистички настап на еден стадион, за што е одбран стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје.
„Замислена како своевидна „концертна матурска рок ен рол забава на генерациите… И на оние некогашните, кои паметат многу посреќни времиња и овие сегашниве кои ги живеат најубавите години од својата младост, но и оние чии тинејџерски години допрва доаѓаат, концертот на „Меморија“ ќе биде многу повеќе од само обичен „Open air“ рок концерт. Сплотена енергија на неколку генерации како знак на заедништво и верба во вистинските вредности. И музички и човечки!“ – вели нивниот ПР, Антонио Димитриевски.
На концертот ќе ја видиме и чуеме „Меморија“ во состав: Перо – бас, Цале – тапани, Мичо- гитара, Бане-гитара, Поце – вокал, Ристо-вокал, Валентино-клавијатури и Давор (Јордановски) – клавијатури, кој како некогашен член, специјално му се приклучи на бендот за оваа прилика, доаѓајќи од Канада каде живее и работи последниве години.
Покрај нивните најголеми хитови „Нена“, „Одам засекогаш“, „Оган под ѕвездите“, „Нашите слики“, „Зошто Боже“, „Дирлада“, „Снежо-Снежана“… кои одново ќе ги слушнеме од големата концертна сцена, како специјални гости ќе се појават уште неколку култни македонски бендови и музичари… Некои кои сеуште постојат и градат кариера, некои кои одново, специјално ќе се соберат за оваа прилика: Ружица и Ивица од „Ареа“, Венко и Сеад од „Конкорд“, а публиката ќе има можност да го види и слушне музичкиот видео омаж за скопјанецот Аки Рахимовски, со можност за уште неколку специјални изненадувања што засега се тајна.
Продажбата на билетите за концертот на „Меморија“ е преку „Купи карти за се“ и во Југотон -ГТЦ во Скопје.