Ненад Нинчевиќ („Тути фрути“): Се надевам дека на Тоше му вратив барем делче добрина која тој несебично ја делеше со мене
Со Ненад Нинчевиќ, еден од најплодните хрватски автори контактирав користејќи ги привилегииите на современата технологија. Брзо, ефикасно и професионално, Ненад демонстрираше дека и покрај романтичните стихови е човек на ова време.
Интервјуто е со повод, наградата на „Охрид- фест“, што поради состојбата со пандемијата Нинчевиќ нема да може да ја подигне на лице место, од Охрид. Но, ветувањето падна, следната година, ќе се надополни пропуштеното, на нашиот терен, на „Охрид-фест 2021“.
Во досегашната кариера, „google“ забележува дека сте добиле околу 400 награди, и тие секогаш беа круна на еден период. „Охрид- фест“ ви доделува интернационална награда за промоција на музика на балканските простори. Колку ве радува податокот дека и во Македонија ве почитуваме и цениме како автор?
– Многу ме радува наградата. Долга е традицијата на вашиот фестивал „Охрид-фест“ и знам дека го води стручен тим на чело со ценет колега Григор Копров.
Често знам да кажам дека не е лесно да си хитмејкер: на секого му се случува понекоја песна, понекоја награда, но најважен е континуитетот и бројот на „живите“ песни. Тоа се оние композиции што се изведуваат секој ден, без оглед на тоа што настанале пред десетина па и повеќе години.
Најдов уште еден интересен податок, за околу 2000 напишани песни- импресивна бројка но уште поимпресивен податок дека поголемиот дел од нив го издржа тестот на времето. Има ли поголем комплимент за еден автор?
– Нема, во право сте. Тоа всушност би требало да е најголем авторски домет.
Имав среќа и чест да работам со најголемите имиња од овие простори, и зад мене да останат голем број на вечни песни. Малку талент, многу повеќе работа и- едноставно се случи.
„Тути фрути“ бенд во 80-тите беше мега популарен, а „Ствари лагане“, „Крила лептира“, „Опусти се и уживај“, „Наслони главу на моје раме“.., ги паметиме и денес. Досега не направивте реунион?
– Да, постои желба повторно да засвириме и знам дека публиката тоа го сака. Размислувам за тоа и не е исклучено на тој начин повторно да се сретнеме. Годините го прават своето, но тоа е работата на душа, така што шансите постојат.
Велат, кој пишува песни, во срце чува птица, и во вашите стихови секогаш има некаква евергрин романтика. Но, пишувате и „пожестоки“ теми, како што е „Лагала нас мала“ што ја пеат Тоше и Тони.
– Работам со преку 100 изведувачи, така што размислувам универзално. Мислам дека уште можам се, и дека сум во форма. Драго ми е што го спомнавте Тоше, многу ми значеше, и во душата имам прекрасни спомени од нашето другарување.
Кога замина Тоше, цел тој ден бев со него, го испратив покриен со македонското знаме, во хеликоптер. Се надевам дека таку му вратив барем делче од добрината која тој несебично ми ја даде мене.
Живеете во сончевиот Сплит. Колку морето е дел од вашиот спирит?
– Го сакам морето. Но, поголемиот дел од годината живеам во Загреб. Ние музичарите, авторите, луѓето кои живеат за стихови и музика секаде сме дома.
Всушност, таму каде што создавам, таму ми е домот.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени