Да имаа чувствата некаква овоземна, реална димензија, изложбата на слики на уметницата Андријана Мациев и промоција на книга стихови, кои за неа ги пишуваа луѓе, познати и непознати, бран од емоции што ги преплави социјалните мрежи, уште ќе траеше.
И сега, неколку дена подоцна, чувствата не се смирени, напротив, се поголемо и помоќно е „тоа нешто“ што не собра сите нас, што на разни начини сме поврзани со оваа прекрасна и талентирана млада жена.
Нејзиното мото и битисување, во која и да е димензија е собрано во три збора: Љубов за сите, и навистина ова боженствено чувство е нитка што не поврза да ја следиме нејзината мисија.
Јулија со внуката Стефанија
Изложбата на нејзините слики е еден волшебен сплет на бои, како восклик и славење на животот во Андријана, која најмногу твореше кога најмногу страдаше. Можеби затоа делата и се чудесни, како од некоја друга димензија.
За Андријана Мациев, за нејзината дарба и сликите зборуваа Академикот, професор др. Фехим Хусковиќ, а прекрасни зборови кажа и нејзиниот омилен професор Владимир Темков.
Потоа следеше промоција на алманахот „Љубов за сите“, што го издаде писателката Гордана Такец, која ги собра сите стихови за Ан, сведоштва за љубов и постоење.
Токму во таква, натопена во емоции вечер, во скоро свечена атмосвера, слушнавме песни што ја открија вистината дека за Андријана не постои зборот минато, туку сегашност: таа е тука, живее преку зборови, мисли и дела… Убавината велат ќе го смени светот. Така е, но ние да почнеме да ја бараме во нас, преку добрина, топлите думи, душата. Љубов за сите.
Разгледувајќи ја книгата „Љубов за сите“, во еден здив ја впив песната на нејзината мајка, Јулија каде таа вели: „…Не сакам солзи лице да ми мијат, но оваа болка како да ја сокријам, оваа болка гори душава ми ја кине…“, за да поентира дека сега Ан е во „свет во кој целовита ќе бидеш, и совршено здрава, свет на слобода и слободна воља, свет на ангели, архангели и божји чуда, свет од најубави бои и ангелска музика за душа…“
Настанот навистина беше посебен, и секој од нас таму, во Галеријата на ФЛУ, остави дел од себе. Но требаше и да се замине.
Затоа, на крај ќе споделам и нешто лично. На одење, поздравувајќи се со Јулија, сакајќи да и пружам некаква утеха а барајќи ја светлоста, се загледав во нејзините очи.
И, таму некаде, зад погледот ги препознав очите на Андријана.
Вања Тодоровска