Денот посветен на локалната храна или- „Тера Мадре Ден“ (10 декември) беше повод за манифестацијата „Биодиверзитет на млеко“ што се одржа во хотелот „Порта“, и што преку многуте содржини ги прослави локалните автохтони раси животни, нивните млека и сирења.
Всушност, класичната форма на конференција се преточи во панел дискусии, проширени со изложби и дегустации, и сето тоа, низ обликот на еден делумно заборавен елемент во нашето сточарство – козарството.
Вчерашната конференција „Биодиверзитет на млеко“ ја организираше Слоу фуд Македонија, а најинтересната- Лабораторија за вкусови, имаше две дегустации кои ја оправдаа аксиомата „во виното е мудроста а во пивото слободата“.
Всушност, спарувањето на пивото со млечните призводи беше уривање на сите закорвени и стереотипни правила дека оваа „течна храна“ оди единствено со „колбаси, теста и кикирики…“ а втората уште еднаш ја потврди нераскинливата врска помегу виното и овој пат, козјите сиреења.
Стартот беше со „Традицијата и трендот во пар“ и интересни комбинации помеѓу занаетчиското, крафт пиво и сирењата и кашкавали што на една маса ги спои Марјан Костадиновски, сомелиер и новинар за пиво, Николче Николовски, претседател на здружението Слоу Фуд Македонија и Шеф Дејан Карапеев, кои осмислија несекојдневни закуски. Заклучокот е повеќе од оптимистичен, пивата ги сакаат сирењата а совпаѓањата очигледно се двонасочни.
Втората дегустација, освен едукативниот дел (на пример дека покомплексните, врвните вина одат со поедноставни јадења и обратно), го одбрани постоењето на најдолгиот, најстабилниот брак помеѓу вината и сирењата. За спарувањето на козјите сирења и елегантните македонски вина зборуваше Слободен Чокревски, консултант за храна и вино а за раскошната палета на „каснувањата“ беше задолжен Шеф Бобан Симоновски, кој подготви бели сирења во топчиња со сладок компир и печено ленено семе, пиперки и панакота од козјо млеко и праски… На овие предизвици никој не остана имун, а што се однесува до виното- да, богот Дионис уште еднаш потврди дека сите вистини се сокриени токму во овој божји пијалок. (В.Т.)
Коментарите се затворени