5.8 C
Skopje
четврток, јануари 30, 2025
spot_img

Репортажа. Охрид има луѓе кои ја чуваат светлината во душите

Кусата авантура во Охрид, по неколкумесечната социјална апстиненција, бидејќи живееме во „новата нормалност“ предизвикана од пандемијата, навистина беше природен лифтинг. Луѓе мои, никакви антиејџ креми и козметичка борба со гравитацијата нема да ви помогнат доколку срцето не ви се смее.
Тоа ми беше муабетот: во два дена, во екстра богата агенда запознав многу прекрасни луѓе, сите што ширум ги отворија и куќите и срцата, потврдувајќи дека среќата се множи со давање.


И еве ме, се чувствувам подмладено, срцето ми пее, бидејќи сум на почеток на приказната која допрва ќе расте и ќе буја. Зад сето ова глаголење стои Genuine Experiences, или, автентични искуства: да го видите, вкусите и почуствувате Охрид одблиску, „однајблиску“, да му ги слушнете дамарите, и да му ја препознаете личотијата.

Еве за што се работи: Јасминка Поповска од Струга и Катерина Василевска од Охрид стојат зад Genuine Experiences, и тие сакаат да го сменат концептот на класичен годишен одмор. Да го збогатат.

Платформата genuinexperiences e дел од проектот „Надвор од границите – воведување паметен туризам и споделена економија“, реализиран од Здружение за локална агенција за развој – ЛАР Струга, Институт за Истражување во животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ), Биолози од Албанија – Тирана и општина Мат, преку Министерство за локална самоуправа – ИПА 2 Прекуграничната програма за соработка на Северна Македонија и Албанија ко-финансиран од Европска Унија.

Патем. Нашите домаќинки ми асоцираат на жени кои успешно жонглираат со разумот и емоциите, и се вешти кормилари на сегашноста а богами, ја чуствуваат и иднината.
Значи, одморската класика: плажа и скара- туризам, нашите и странските гости можат да ја сменат, собирајќи најразлични искуства преку автентични луѓе, занаети, храна, спорт и традиција, и да станат хроничари на ова време.
Над педесетина локални занаетчии, спортисти, водичи, професионалци од различни области, од Македонија и Албанија, секој со својот адут и претпознатливост смело ќе ги презентираат своите вештини, но и ќе ве научат- да едрите, планинарите, направите ѓердан, ламба, комат.., да се релаксирате со плетење и убав женски муабет.
И, сторијата може да почне со нашето пристигнување во Охрид.
По кусото преставување и ручек, тргнуваме во освојувањето на природни ресурси, тргајќи ја предрасудата за пасивниот туризам.

Првата станица е Книговез, и средбата со брачната двојка Георгиевски, кои ја негуваат 40. годишната семејна традиција. Интересен ми е предизвикот што ни го дадоа- правење тетратки, а потоа и рачна изработка на футрола за очила.

Драган дава совети и на лице место презентира како се прават тефтери, а ние се обидуваме да го имитираме. Кожа, лепило, а потоа и конец, ножици и уште некои направии што не ги запомнив. Она што го направивме, го добиваме за спомен, и продолжуваме понатаму.

Малку пешачење до стариот дел на градот, во близината на Канео, и средба со прекрасното семејство Бачевски. Дишам длабоко.


Целиот простор е волшебен, најубавата глетка на Охрид и џагор на преслатките синчиња Анастас и Саво…

Славко прави интересни ламби од тикви, совршено го владее занаетот, прави чудесии и од дрво, бродчињата доминираат, и сето тоа ни прави восхит во душата. Пиеме кафе за рестартирање, и од толку импресии почнуваме од базичното- да уживаме во муабетот, питомоста и кроткоста на сопругата Сања.

Крајот на вечерта е резервиран за селото Рамне, откаде Охрид го има погледот од милион долари. Таа убавина мора да се слика.

Во селото не чека Наташа Неданоска со семејството. Во дворот, по зајдисонце ја забележуваме распостланата софра, а на неа домашни специјалитети.

Синот Петар асистира во правењето на ѕвездата на вечерта- коматот, каде и јас се вклучувам.

Толку е пријатна Наташа, инаку професор по македонски јазик, спонтана, услужлива, мед и тече од уста. Правиме комат со блитва и со праз, се пече под вршник, и потоа се дегустира. Мерак до мерак.

Се враќаме во хотелот, време е за одмор.
Следниот ден, групата стартува со Жанко Голабоски, на ред е планинарската рута, и богами сите се фалеа- и од погледот на Охрид и Преспанско езеро и тоа, преку врвот Лакосигној на Галичица и од духовитоста на водачот. Ми фалеше тој дел, но бев без патики, и тоа ми остана за- следниот пат.

Сега е на ред селото Годивје. Ми се учини долг патот, но околината е бујна, раскошно зеленило од сите страни, го одмарам погледот. Не чекаат Бојана и Ирена кои на лаванда и даваат почесна позиција, во колачиња, чаеви, сапуни.

Сега е на ред вистинска посластица, стариот дел на градот, во куќата на Маријана Пипелева, каде не чека и Нестор Јаулески.

Пробуваме домашно слатко од смокви и го гледаме стариот накит.

Ах, какви филигрански изработки, приказни на неколку генерации, даровитоста на нашите кујунџиии. Имаме и невеста „со сите салтанати“, потоа кафенце на балконче, и полно срце.

Веќе чувствуваме умор, но не чека уште една приказна во населбата „Црногорци“. Убав двор, љубезни домаќини, се е разиграно, како да има пеперутки во воздухот. Софрата е подготвена, „викаат“ питулици, пиперки и домати од домашната градина, убавина за око.

Го пробувам виното направено од љубезниот домаќин, и се восхитувам на енергјата на Виолета Гоџо Вељаноска. Таа ни раскажа за нејзината животна сторија со плетењето, ги видовме уникатните шапки, ташни, ранчиња…

Јаготка на торта. Не броев часови, ниту пак мислев на минливоста, но времето беше кусо и мораше да тргнеме.

Предизвикот „едрење“ се откажа поради силниот ветер, но тоа беше можноста да прошетаме по чаршијата и да создадеме уште некој спомен.
„Како да сме една недела, а дојдовме вчера- зборуваме со колешките и се подготвуваме за назад.
Толку многу впечатоци за 48 часа: додека ги акумулирав, потсредив и наместив, стигнавме во Скопје. И малку пред полноќ, го дадов ветувањето.
Решив безусловно да му ветам верност на Охрид- дека ќе го сакам до последен здив, дека нема многу да се воодушевувам на градови што копнежливо ги гледам по туристичките сајтови. Ветив, затоа што ме освои со идејата да остане изворен и свој, чувајќи ги луѓето кои ги палат светилките во душата.
Валентина Вања Тодоровска

 

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена