Овој викенд, во Градскиот парк, во денот како создаден за старо-нови гастрономски универзуми, размена на енергија, неформално, на „ти“ со природата, во една крајно опуштена атмосфера натопена со музика, се случи настан кој ја потврди тезата дека кај нас виреат вкусни плодови и чудесни, вредни луѓе.
Стартуваше, започна да си ја пишува биографијата Национален саем за храна и пијалоци, што беше можност да се вкуси она што генетски го препознаваме, гастрономијата произлезена од колективна меморија, од долапите на бабите, па затоа и го доби слоганот „Вкуси ја традицијата“. Раскошно, колоритно и богато.
Што значи овој настан за секој поединечно и пошироко, на глобален план? Можност во еден ден, на исто место да се соберат 40 локални здруженија, 200 изложувачи да ги нагиздаат своите тезги со се македонско, и луѓето, гостите да вкусат од изворното.
Националниот саем за храна понуди севкупен пакет: да се види, да се вкуси, да се чуе- локалните продукти на пиедестал, не поради носталгијата туку поради тоа што се идентитет и култура: од Тетово до Ресен, од Штип до Валандово, од Јегуновце до Гостивар, од Битола до Кратово, од Пробиштип и Кавадарци до Радовиш и Струга… Ех, колку инспиративен беше тој празник на производи, како подвижен музеј на гурманлуци, што ги инспирира и оние кои на храната гледаат како на нужна потреба: вино ем ракија, па пиво и ликери облагородени со разни растенија, мед, маџун, јаболков оцет од диви кисели јаболка, козјо сирење од Раштак, ореви, кошмишпите, ѓомлезе, комат, кратовска пастрмајка, слатко од диви капини, дуњи, цреши.., мармелад од шипинки, млечни намази, путер од лешник, бадем и кикирики, па буковска пипер, повторно многу сирење, изварка, масла, тартуфи со мед, маслинки, сочни јаболки и природни сокови…
И во сите тие презентаации на македонската гастрономија и земјоделство, моќно беше претставување на Кратово: средното училиште „Митко Пенџуклиски“ успеа комплетно да ја долови сликата од градот на мостови и кули: ги вкусивме јадењата , се сучеа јуфки и кори, се пееше громогласно, сите во народни носии, млади и лични, едноставно и искрено ги потенцираа врските помеѓу храната, луѓето и културата. Ете и така се сака татковината.
Првиот Национален саем за храна и пијалоци што го организираше Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Слоу фуд Македонија, се наметна со идеја достоинствено да создаваме традиција, токму на оваа тема. Запомнете го настанот што многумина го нарекоа светиот грал на нашата традиција и нашите вкусови.
Очекуваме нова дружба во 2023!
Вања Тодоровска