Ако имате ксмет, тогаш овој викенд (3 и 4 декември) ќе го поминете во Битола, не само поради личотијата и мераците на конзулскиот, најопеаниот град, туку поради боженствениот пијалок сместен во настанот наречен „Slow Wine салон 2021“.
Станува збор за третиот вински салон во Битола, што годинава се одржува под брендот на Slow Wine а е во организација на „Слоу Фуд Македонија“ со локална подршка на „Слоу Фуд Битола“.
За „Slow Wine салон“ во Битола ви треба желба и добра стартна енергија бидејќи организаторот подготвил многу интересни содржини што ја допираат инспирацијата, добриот вкус и издржливоста.
Во петок (3 декември) локацијата за дружба е киното „Манаки“ на прочуениот Широк сокак и ова е навистина специјална вечер: од 18 часот се промовира водичот „Slow Wine 2021“.
Во првото македонско издание на Slow Wine 2021 се преставени 7 винарии и 27 вина од локални, регионални и интернационални вински сорти, одраз на македонскиот тероар. Како сите добри идеи, така и оваа има цел да презентира уникатни приказни за винарите, нивната страст и поврзаноста со земјата, лозјата, локалните вински сорти грозје, традицијата и технологијата на вино…
Автор на текстовите за винариите е Ивана Симјановска а уредници на изданието се Слободан Чокревски и Николче Николовски.
По промоцијата ве очекува коктел со сите вкусни волшепства на Слоу фуд, а од 20 часот е проекција на документарниот филм „Barolo boys“ на Напаоло Казалис и Тициано Гаја, завршница што нема да ве остави рамнодушни.
Во сабота, (4 декември), денот на големото финале, сите винољупци ќе бидат на едно место, здружени со истата страст и љубов кон виното во најубавиот Офицерски дом. Во просторот кој дише со традиција и копнеж, од 16 до 23 часот ќе се случува Slow Wine салон 2021.
Вино, луѓе, приказни. Во ноќта полна со добра енергија ќе се наздравува со вина од преку 30 производители, а бидејќи овој пијалок секогаш го има клучот и за најтврдите срца, и не залудно се нарекува- божествен, во неговото празнување учествуваме сите: хедонистите и умерените, обичните, необичните, боемите, поетите, фалбаџии, лимун табиети, пуфкаџии, среќни лица…
Гостите ќе имаат можност да проследат изложби, да дегустираат вина и дестилати, да вкусат понекое деликатесче и да прошизат со добра музика.
Да потсетиме: настанот е забавен и едукативен, но пред се е можност за младите винари, малите винарии и нивните уникатни вина . Придонесот на Слоу Фуд во развојот на македонската винската култура е видлив преку се што прави: поддршката, едукацијата и промоцијата на малите семејни винарии што е од врвно значење во промоцијата на локалното поднебје. Многу причини за да бидете на „ти“ со виното.
Почитувани пријатели и сите вие што го сакате и љубите виното, Битола повикува на незаборавно винско другарување!
Вања Тодоровска