Сузана Милиќ ги има најинтересните постови со храна, бидејќи во кујната е срцето на домот
Во лето ја нарекуваат морска инспирација, а од неодамна стана есенска кралица, и тоа заслужено – од храната прави чуда, сервира, аранжира, создава цели композиции на софра, се е во доминантна боја, со порака, да ти е жал да чепнеш… Сите што на социјалните мрежи ФБ и Инстаграм ја следат Сузана Милиќ, уживаат и со нетрпение ги очекуваат нејзините прекрасни постови со храна.
Инаку, готвењето на Сузе и е страст и љубов, но професионално таа работела на разни ТВ проекти, пишувала колумни, има искуство како маркетинг агент а повеќе од 20 години е менаџер за продажба во „Валијант“.
Твоите постови со храна на социјалните мрежи секогаш предизвикуваат восхит и позитивни коментари. Како почна се, и откога готвиш?
– Подготвувањето храна ми е посебна љубов. Се сеќавам како малечка на некои ритуали кои се практикуваа во мојот дом: мајка ми секогаш месеше зелник во недела, јас имав малечко сукало и многу сакав да си играм со брашното. Секогаш во тепсијата имаше и едно чудно додадено тестенце, а мајка ми викаше ,,Јас ќе ги земам твоето, ти моето”. Ова го велам на шега: се жртвувла за да не се разочарам, но поентата ми е дека ми беше поддршка и ме оставаше да учам. Јас не сум толку вешта во сукањето како неа, ама не се откажувам.
Петок во мојот дом секогаш беше за посна храна… и си постевме за сите пости. Куќна слава подразбираше дека ќе има многу гости и два дена постојано се подготвуваше храна и тоа за мене беше најголема радост… благите беа моја обврска и јас и денес најмногу сакам да правам торти, колачи, овошни кремови…Паметам и дека во основно училиште имавме часови по Домаќинство, тогаш правевме торти и мојата омилена торта од детството е „Јупи торта“. Денес јупи сок нема, па употребувам комбинација од портокал, лимон и мандарина. Неверојатно е чувството колку убавите спомени и мирисот на храната од детството е предизвик да се долови во домот таквата атмосфера. Секогаш кога ќе ми кажат дома – мммммм, како мириса, едвај чекам да пробам..“, знам дека мисијата е успешна.
Инаку, на фб почнав да објавувам постови поради неколку прекрасни личности, кои ме познаваат вистински и ме стимулираа да споделам од тоа што го правам. Во тој период започна пандемијата и со сите рестрикции кои ги имавме, храната некако ни беше не само потреба туку и утеха. Групата ЗХМКВ беше извор на позитива, поддршка и инспирација за време на пандемијата и едноставно чувствував дека со такви луѓе сакам да споделувам и од нив да учам. Пријатно ме изненадуваат убавите коментари, создаваат топлина во срцето дека фотографиите и зборовите допреле до многумина и секогаш се трудам да доловам убав амбиент. Ова не го кажувам поради фотографии, тоа е правило. Не фотографирам сè, но кога принесувам храна на маса, сакам целосна композиција: бои, вкусови, декорација. Првин јадеме со очите, затоа кога веќе сме се потрудиле да подготвиме храна, тогаш треба да создадеме и убава приказна.
Како ги фотографираш јадењата, колку трае процесот и дали со толку позитивни коментари чувствуваш поголема одговорност?
– Вообичаено имам идеја што ќе готвам и веќе имам приказна како тоа ќе го презентирам. Моите фотографии се аматерски, јас сликам така како што чувствувам и како што мислам дека треба. Може да се направат многу попривлечни презентации, но за мене се најдоброто што сум можела да го доловам во моментот.
Временски главен оброк не дозволува многу време, бидејќи треба топло да се јаде, ама затоа декорирање на торта, особено со повод, тоа ми е вистинако задоволство и знае да одземе време но, тоа е всушност задоволството од сопствената креативност. Во однос на одговорноста кон коментарите јас за себе знам дека на сите им возвраќам со љубов, имам поголема желба да презентирам нешто ново и повторно да пружам нова доза љубов.
Што најмногу сакаш да готвиш, и како покрај толку многу гурмански предизвици остана витка?
– Сакам да готвам многу традиционална храна, особено макала од сите видови, италијанска кујна си ја чувствувам како домашна, но десерти најмногу.
Со текот на годините, без физичка активност тешко дека може да бидеме витки затоа има периоди на рестрикции. Никогаш не сум поддржувала гладување, за благо употрбувам замена за бел шеќер -стевиа, кафеав шеќер и мед; оброците најчесто се главно јадење со салата без леб. Бел леб не конзумираме, само интегрален по потреба. Кога месам нема диета – кифли, пити, палачинки и питулици признавам само ако се со бело брашно и тогаш сме на “здрава храна мк верзија“.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени