Се прашувате како изгледаат најголемите светски аквариуми, што се крие во нив и каде се наоѓаат? Ви претставуваме листа на десет најголеми аквариуми на светот, наредени според количество на вода со која се исполнети нивните најголеми резервоари.
10. Аквариум „Monterey Bay“
Аквариумот „Monterey Bay“ е изграден во 1984 година на местото на некогашната фабрика за сардини, на крајбрежјето на Тихиот Океан, во Монтереј, Калифорнија. Главна атракција се двата големи аквариумски резервоари. Еден од нив е висок 10 метри, содржи 1,3 милиони литри океанска вода, а во него е сместен жив свет од Тихиот Океан. Другиот аквариум содржи 4,5 милиони литри вода и е еден од најголемите аквариуми на светот. Овде може да се видат медузи, морски видри и други жители на морето.
9. „TurkuaZoo“
„TurkuaZoo“ e отворен во 2009 година и во тоа време беше најголем аквариум во Европа. Се наоѓа во внатрешноста на трговскиот центар „Форум Истанбул“ и има 80 метри долг тунел. Најголемиот аквариум содржи 4,5 милиони литри вода, а во него живеат 10.000 животни, меѓу кои и тигар-ајкули, пирани… Во текот на годината се организираат разни активности и манифестации за туристите, како што се нуркање помеѓу ајкули или чудесниот танц на сирените.
8. Аквариум „Shark Reef“
Овој аквариум се наоѓа во хотел-казиното „Mandalay Bay“ во Лас Вегас. Еден е од ретките во светот кои не се наоѓаат во близина на природен извор на вода, туку е сместен во пустината Мохава. Неговиот најголем резервоар содржи 4,9 милиони литри вода, што го вбројува меѓу најголемите аквариуми во Северна Америка. Овој аквариум е дом на разни видови ајкули, риби и морски безрбетници.
7. „Ocean Rio de Lisboa“
„Ocean rio“ се наоѓа во Лисабон и е отворен во 1998 година. Најголемиот од аквариумите содржи пет милиони литри вода. Во него живеат околу 450 различни видови од разни делови на светот, како што се ајкули, туни, баракуди…
6. Аквариум „Osaka Kaiyukan“
Овој аквариум се наоѓа во Осака, во Јапонија. Неговиот најголем резервоар содржи 5,4 милиони литри вода и во него живеат 29.000 животни од Тихиот Океан. Туристите се воодушевени уште при првото поминување низ тунелот долг 11 метри, кој се наоѓа во овој комплекс.
5. „L’Oceanogrаfic“
„L’Oceanogrаfic“ се наоѓа во рамките на Градот на уметноста и науката во Валенсија. Со своите 45.000 животни од различни еко-системи и седум милиони литри вода во главниот резервоар, овој аквариум е најголем во Европа. Составен е од два дела, кои се меѓусебно поврзани со тунел долг 35 метра, а по кој пливаат ајкули.
4. Аквариум „Okinawa Churaumi”
Отворен е во 2002 година со цел да привлече повеќе туристи во оваа област на Јапонија. Името „Churaumi“ го избраа Јапонците по пат на јавно гласање. Почетниот дел од името, зборот „Chura“, на окинава-дијалект значи убав, додека „umi“ е океан на јапонски. Главниот резервоар содржи 7,5 милиони литри вода, а во време на отворањето поседувал и најголема акрилна плоча на светот.
3. Аквариум „Dubai Mall“
„Дубаи мол“ е најголемиот трговски центар во светот, кој е дел од 20 милијарди долари вредниот комплекс „Бурџ Дубаи“. Централниот дел на „Дубаи мол“ го зазема аквариумот со 10 милиони литри вода и најголема акрилна плоча на светот. Аквариумот е дом на над 33.000 морски животни, меѓу кои има и 400 ајкули. Интересно е што во февруари 2010 година аквариумот почнал да пропушта вода, посетителите беа евакуирани, а трговскиот центар – затворен.
2. Аквариум „Shedd“
Овој аквариум е отворен во далечната 1930 година во Чикаго. Се` до 2005 година беше најголем аквариум на светот со 11 милиони литри вода во главниот резервоар. Во него живеат 1.500 видови риби, морски цицачи, змии…
1. Аквариум „Georgia“
Рекордот – најголем аквариум на светот го држи „Georgia“, отворен во 2005 година во Атланта. Во него се наоѓаат над 120.000 животни и 500 различни видови. Ова е единствено место надвор од Азија, каде што може да се видат кит-ајкули. Тие се наоѓаат во огромен аквариум со 24 милиони литри вода. За одлуката кит ајкулите да се најдат во овој аквариум, врзани се разни контроверзии. Стручњаците се сомневаат дека овој вид може да се држи во затворено, а нивната загриженост ја поттикнал и фактот дека две од нив починале уште на почетокот.
Коментарите се затворени