Учесник на „Охрид-фест 2020“, Ибро Лабунски: Музиката е мојата душа
На “Охрид-фест“ ќе ја пееш песната „Анѓо моја судбино“, што е можност повторно да те видиме на фестивалската сцена. Дали е ова кам-бек во музиката и, бидејќи си авторот, каква е песната?
– Да, јас сум автор на музиката и текстот на „Анѓо моја судбино“, во аранжман на Суад Хусеин Цуле, со кого соработувам. Тој ги прави аранжманите на скоро сите мои нови песни за што искрено му благодарам. „Анѓо моја судбино“ е чалгија, песната е подготвена токму за „Охрид-фест“. Охрид отсекогаш ме потсеќа на моето детство, на мојата прва љубов, на прекрасните одмори што ги поминав таму. Впрочем, потекнувам од овој крај. Цел живот сум со музиката, фестивалот е едно мало охридско освежување. Продолжуваме и натаму со нови сили и инспирации.
Што во однос на професијата изминатиот период се случуваше со тебе? Остана во музиката, ама од другата страна, не како индиректен учесник, и повеќе работеше во Србија?
– Пишувам и компонирам за многу пеачи од нашата земја, во Србија и во иселеништвото, а соработувам и со повеќе композитори и продуценти во Србија. Подолго време соработувам со Сезам-продукција, со Пинк-телевизија… Наша куќа во Македонија отсекогаш била Македонската радио и телевизија, сега тој ангажман таму е ограничен, иако посакуван, бидејќи тоа е нашата национална телевизија, нашата матична куќа.
Оние што те познаваат те нарекуваат „човек музика“. Колку имаш неиспеани а напишани песни, колку ти недостасува музиката?
– Музиката е мојата душа. Пеам со љубов и творам за публиката. Мои авторски песни се повеќе од 30, за други сум напишал уште околу 50. Имам уште десетина нови песни кои се во подготовка во мојата музичка работилница. Јас сум „млад“ автор, поинтензивно творам од пред десетина години. Публиката ме памети по „Песна сине запеј“ во дует со син ми Адам, како второнаградена на Валадново-фолк фест 2012, „Тешка судбина“, исто така во дует со син ми Адам како третонаградена на истиот фестивал во 2014 година.
Претежно пеам изворни народни македонски песни од дримколскиот, реканскиот и горанскиот крај. Не секој може да ги отпее овие песни, бидејќи имаат посебни мелизми за кои е потребен глас и посебна интерпретација. Во таа смисла, мојот глас е специфичен. Песните се опеани од народот, останале како запис, ги има во Институтот за фолклор, но јас ги знам, сум ги чул и учел од моите родители и соборци на убавата песна од овие краеви.
Синот Адам тргна по твоите стапки, па и те надмина. Кои совети од тебе му беа најдрагоцени?
– Син ми Адам е пријатно изненадување на македонската музичка сцена. Секој родител е горд кога неговото дете е поуспешено од него, исто и јас. Адам покажа афинитети и желба кон музиката. Во светот на музиката влезе со неполни 17 години. Најпрво заедно со мене настапивме на едно шоу кај Сузана Турунџиева, па на „Зајди зајди“ кај маестро Зоран Џорлев.
Потоа се редеа настапи на „Мак-фест“ во Штип, „Охрид-фест“ со наградена дебитантска песна од Григор Копров, дуети со мене на фестивал во Петрич, Бугарија… Адам остави одличен впечаток во јавноста и го повикаа на „Пинкови ѕвезди“, каде стана фаворит, влезе во финалето меѓу четворицата најдобри… Отсекогаш сум го советувал да го сочува нашето богато македонско културно и духовно наследство, нашата традиционална изворна староградска песна, да ги следи доајените Никола Бадев, Кирил Манчевски, Пепи Бафтировски… Впрочем, Адам и на „Пинкови ѕвезди“ настапи со песната на Никола Бадев „До три ми пушки пукнаа“ во негова интерпретација и ги освои симпатиите на публиката. Тој мелос и нему, како и мене, ни е при срце и затоа го советувам да го следи и натаму.
Ова време на пандемијата не дава можност за некакви долгорочни планови. Сепак, планираш ли нешто за во блиска иднина?
– Независно од пандемијата, било и ќе помине. Мој предизвик е да продолжам таму каде што застанав, на моите слушатели и обожаватели постојано да им нудам нови вистински вредности, убави песни кои ќе станат дел во нашата богата народна и духовна ризница. Верувам дека ќе го задржам епитетот на еден од најдобрите тенори и интерпретатори со искрени емоции и посебна препознатлива интерпретација.
7дена.мк
Коментарите се затворени