Учесничка на „Охрид-фест 2020“, Ирена Спасовска: Им се враќам на фестивалите поради преубавата песна
Ирена, настапуваш на 27-мото издание на „Охрид-фест“. Најпосле песна, сцена, фестивал… Како се чувствуваш, каква е песната што ќе ја пееш?
– Да токму така, после подолго време на фестивалска сцена… Се чувствувам како прв пат да настапувам, хаха…Се шегувам, последните години фестивалите не ми беа омилени, повеќе работев нови песни поткрепени со спотови, кавери, настапи на емисии и живи свирки. Искрена да бидам, за „Охрид фест“ ме освои песната „Коки мое кокиче“ на Горјан Стојановски, одамна не сум слушнала толку певлива песна со интересен текст…И тогаш одлучив да пеам. Убаво е кога нова песна се претставува пред многубројната публика, преку директен пренос на тв.
Пандемијата остава траги и последици кај сите, но кај вас музичарите работата се сведе на минимум. Како го помина периодот зад себе, како е сега?
– Работата овие 6 месеци запре а последниов месец почна да се случува нешто. Но, изминатиот период беше мошне тежок за нас пеачите.
Ние уметниците работата си ја работиме со многу љубов и страст а особено пеењето и свирењето бара постојан контиунитет, за да се има психофизичка кондиција. Загубивме доста приходи, но што е тука е, не зависат од нас работите, така што, секогаш кога ќе се најдам во некоја лоша ситуација обично си го поставувам прашањето: што добро може да излезе и од оваа ситуација? Можеби во моментот не изгледа така, но свемирот понекогаш ни ги зема работите за да се направи место за некои поголеми и подобри работи.
Јас сум човек што не седи мирен, понекогаш имам и Б опција, така што сум во исчекување, што ќе се случи. Сепак здравјето е најважно, така да ќе мора да се издржи и оваа ситуација.
Секоја жена има некоја своја „ахилова пета“, во однос на изгледот. Ти се негуваш и си во форма, но на што најмногу обрнуваш внимание?
– Жена што држи до себе навистина има своја „ахилова пета“…
Јас во овој послободен период што ни се наметна, возам велосипед по 2 часа, слушајќи музика, и тоа многу ме исполнува и релаксира, ми ги отргнува мислите, потоа вежбам во теретана со тренер, за да останам во форма и кондиција а бидејки сум склона кон дебелеење, тоа ми помага да ја одржувам килажата. Добро е што за време на пандемијава не се здебелив.
Редовно правам масажи, козметички третмани што се потребни за да една жена биде негувана и задоволна со својот изглед.
Најмногу обрнувам внимание на исхраната, која изобилува со многу зеленчук во разни облици.. Тука се и млечните производи и понекое „прекршување“ со благо, но сето тоа е потребно за да бидам среќна, бидејки некои правила свесно сакам да ги прекршувам.
Животот е убав, интересен, и се трудам да го живеам по свој терк, се дружам со луѓе и обострана љубов е тоа…
Со или без пандемија, треба да умееме да ги прифатиме работите какви што се и да знаеме да се носиме со тоа.
Се гледаме на 11 септември на „Охрид- фест.“
7дена.мк
Коментарите се затворени