Училишните градини, едукативен концепт на отворени училници
Богатството и хетерогеноста на видовите и екосистемите се основни обележја на биолошката разновидност во Република Северна Македонија. Зачувувањето на биолошката разновидност, степенот на едукација за значењето на истата особено кај идните генерации како и интеграцијата на пристапни и одржливи едукативно методолошки прилагодени програми, претставува нераскинлив дел од заштитата на животната средина.
Основна алатка која што Слоу Фуд Македонија ја промовира во прилог на подигање на свеста за заштита на животната средина е, концептот на училишни градини преку кој се пренесува порака дека знаењето на идните генерации за важноста на одржливото користење на природните ресурси и зачувувањето на биолошката разновидност се основни услови за зачувувањето на истата.
Училишните градини се места каде децата учат директно во природата и ја градат својата свест за здрава храна за што е потребно да знаат како таа да се произведе без да се наруши животната средина, да се намалат отпадоците, и да се стекнат квалитетни навики за исхрана. Едукацијата преку училишните градини на ненаметлив начин ги остварува целите на современата педагогија, овозможувајќи му на секој ученик вклученост согласно неговите интереси, потреби и согласно неговото темпо бидејќи истата претставува учење за задоволство, вреднувајќи ја бавноста и почитта кон нашиот и ритамот на другите ученици.
Учениците се тие кои ќе го креираат пријатното катче каде преку соработка, дискусија и истражување ќе дојдат до потребното знаења. Учат преку дегустација, преку тренинг на нивните сетила како да разликуваат што е добро за нив, а што би им штетело на здравјето. Ваквата едукација овозможува стекнување вештини за критичко размислување, и решавање на проблеми. Учат преку набљудување, експериментирање, дебатирање и креирање на цвсти ставови во однос на сопствените заклучоци.
Битен момент во ваквиот начин на едукација е што се потенцира важноста на знаењата на нашите предци и локалните култури, поттикнува размена на знаења со ученици од друга локална средина.
Учениците ќе умеат да ги вреднуваат другите култури, знаења и вештини и на тој начин ќе ги прифаќаат различностите како нешто што го зголемува квалитетот на живеење.
Колку би било убаво секој училишен двор да го краси училишна градина.
Што е тоа што градините ги прави значајни во развојот на децата
- Развој на моториката
- Стекнување работни навики
- Стекнување одговорност
- Добивање практични сознанија за природата и појавите
- Откривање на растителниот свет
- Зголемување на еколошката свест
- Сфаќање на значењето на локалното производство
- Социјализација
- Физички и психоемотивен развој
- Развој на креативни идеи
Веќе десет години Слоу Фуд Македонија неуморно работи на едукација и промоција на Училишните градини како алатка за стекнување знаења на еден поинаков иновативен начин. Преку семинари, работилници со ученици и наставници, издадени промотивни материјали, издадени едукативни прирачници за наставници и ученици и воспоставени градини се разви мрежа од дваесет училишта.
Освен иницијативата на Слоу Фуд Македонија кои своите активности ги спреведува благодарејќи на поддршката од Министерство за животна средина и просторно планирање, има училишта кои самоиницијативно ги спроведуваат сличните активности.
Кога “ Училишните градини” преку изборниот предмет Градинарење би бил обврзан дел во годишна наставна програма, со календар на активности, со дадена методологија на едукација, работни тетратки за ученици би се реализирал сериозен концепт. Овие материјали учулиштата кои се во мрежата на Слоу Фуд Училишни градини успешно ги користат,а се изработени од едукативниот тим на Слоу Фуд Македонија. Се надеваме дека бројот на Училишни градини во иднина ќе се зголемува со што и размената на искуства ќе стане поинтензивен,а соработката меѓу училиштата ќе придонесе за поголема социјализација на учениците.
Василка Стефановска
Коментарите се затворени