Итното формирање на Фондот за животна средина треба да претставува еколошки приоритет на македонските власти во 2022 година. Тоа е и една од главните желби на Еко-свест за во Новата 2022 година.
Преку формирањето на Фондот за животна средина, Еко-свест смета дека ќе се постигнат долгорочните резултати во заштитата на животната средина, борбата со климатските промени, односно ќе се придонесе кон систематско и одржливо решавање на најголем дел од еколошките проблеми и предизвици со кои Република Северна Македонија се соочува повеќе години наназад.
Нужно е воспоставување на посебен Фонд за животна средина, каде ќе се слеваат сите приходи по основ на еколошки такси и даночно оданочување за заштита на животната средина. Тоа го покажува и изготвената „Анализа за воспоставување на Фонд за животна средина“, изготвена од проф. д-р Силвана Мојсовска.
Според анализата, иако граѓаните и компаниите еколошките давачки ги плаќаат по многу различни основи, најголемиот процент од овие пари завршуваат во централниот буџет за други намени, а не за основната намена за која и првично се собираат. Така, само минатата година, над 4,6 милиони евра собрани како еколошки надоместоци по десетина различни основи се слеале во буџетот, но од нив само 1,2 милиони евра завршиле на сметка на Министерството за животна средина и просторно планирање и се искористиле за еколошки проекти.
Со воспоставувањето на независен Фонд за животна средина, каде преку системско собирање на екотаксите на едно место, ќе се обезбеди потребниот буџет за подолгорочно планирање и реализација на мерки и акции за заштита на животната средина и природата, ќе се наметне и поголема контрола врз трошењето на парите од даночните обврзници.
Со фондот ќе бидеме во состојба посветено да работиме на реставрација на уништените предели и екосистеми, што е еден од главните механизми во борбата со климатските промени и обезбедување одржлива иднина.
Студијата и јавната кампања за воспоставување на Фонд за животна средина, е дел од проектот „Зајакнување на улогата на граѓанскиот сектор во донесувањето на одлуки преку застапување“, поддржан од ГЕФ ПМГ – програма за мали грантови во РСМ.
Автор
Сите Објави
Коментарите се затворени