Цане Петров, уметничкиот директор на фолк- вечерта на „Охрид-фест“: И покрај специфичната состојба со пандемијата, на фестивалот ќе настапат најголемите ѕвезди
Нецели две недели пред „Охрид- фест“ ве наоѓам во работна атмосфера: се е во знак на музиката, снимањето, се довршуваат песните, се финишира во голем стил. Веднаш на почетокот: како сте Цане?
– Еве, веќе 8-ма година како уживам во обврската – уметнички директор на Охрид фест „Охридски Трубадури“ и секако уживам (работно) во подготовка на новото издание на фестивалот. И, кога има позитивна енергија собрана од некои- безмалку стотина души и тоа се врвни уметници, и кога си ја сакаш работата што ја работиш, сигурно е прекрасна атмосфера.
Oд албумот на „Охрид-фест“: Со „Нови фосили“
Годинава поради пандемијата со Ковид 19, „Охрид- фест“ ќе има само фолк вечер, што е адут за 27-мото издание на овој наш популарен фестивал. Што ќе чуеме- ќе преовладува ли охридската чалгија или современиот звук?
– Како и секоја година, така и оваа ќе биде исполнета со различни стилови но многу ефектно подредени, што значи, ќе има и охридска чалгија, ќе има и модерни песни, ќе има љубовни, весели и помалку тажни песни, сето тоа пропратено со енергијата која ја носат нашите врвни уметници, кои и покрај моменталната ситуација, сепак го имаат задржано веселиот дух.
Во својата биографија бележите членување во многу групи, претпоставувам тие ви се и слаба страна. Ќе има ли групи годинава, и кои пејачи ќе настапат на сцената на Долни Сарај на 11 септември? Ќе биде ли силна конкуренцијата?
-Хаха, ме бомбардира со прашања. „Академци“, „Џумбушлии“, „Биоритам“, и секако најдобрите моментално „Скопски Боеми“, тоа се групите во кои поминуваат моите уметнички години… Секако дека ќе има групи годинава, веќе ги спомнав „Скопски Боеми“ и веќе легендарните Трајче „Мајка“, Гокса, Влатко, Дејан, Марко секако тука сум и јас. Традиционално учество ќе земат и Катерина Брезева и групата „Соната“ од Велес – врвен и прекрасен бенд кој свири секаква музика и ја има претпознатливоста со единствениот вокал на Катерина, и уште еден добар бенд кој доаѓа од Струга – Милован Секулоски (со волшебен глас) и „Позитив бенд“, кој веќе неколку пати има победувано на „Охрид фест“.
Штом веќе почнав со откривањето на учесниците, ќе ги кажам и останатите имиња: Благица Павловска, Ирена Спасовска, Анета Арсовска, Јуле Николовска, Барбара Јаковлеска, Гордана Лазаров, секако тука е и легендарната Добрила Чабриќ, од машките изведувачи, веќе го кажав Милован Секулоски, потоа- Благоја Грујовски, Петар Нечовски, Нино Величковски, Јовица Мицевски Бамбус, Ибро Лабунски, Зоран Христов, Мишко Србиновски- Микеле, тука е уште еден млад и надежен Стружанец – Методија Столески, кој зад себе веќе има десетина сериозни фестивали и исто толку награди, како и наградата за најдобар пеач на Пирин фест 2018.
Интимно- кој звук вам повеќе ви лежи, балади или побрзи песни?
-Пред малку ги спомнав бендовите во кои сум членувал, во сите од нив сум дал свој огромен придонес, секако со брзи и весели песни, но некогаш и песна како „Садило“, „Што ми вреди“, „Калино моме“, „Девојко мори убава“.., знаат да забодат точно во срце.
Од вашето богато музичко искуство- дали повеќе траат, живеат наградените песни, или пак времето има некои други правила?
– Доволно долго време сериозно се занимавам со оваа работа а секако и долгогодишната соработка со Григор Копров ме изгради во зрел познавач на народната, забавната и комерцијалната музика, како во Македонија така и на Балканот. Слободно можам да кажам дека наградата не е секогаш гаранција за хит песна, затоа што убавата песна, без оглед дали е наградена, ќе остане засекогаш. И не е важно, дали е брза, весела, спора или тажна, а затоа одлучуваат генерации. Комерцијалната е краткотрајна и затоа им препорачувам на пејачите да создаваат дела што ќе останат зад нив, дела со кои ќе ја збогатат нашата македонска музичка ризница. За жал, имаме и доста врвни пеачи кои немаат ниту еден хит, пеачи кои прекрасно пеат, а под влијание на моменталните бранувања незнаат што да снимат.
Но еве, за нив постоиме ние, искусните стари волци.
И за крај: како годинава, со оглед на ситуацијата ќе се одвива гласањето?
– Годинава внесуваме новитет во гласањето: досега покрај стручното жири имавме и жири во кое беа вклучени познати личности од различни струки, тие всушност беа представници на публиката и на секој фестивал, на крајот ги даваа своите гласови по евровизискиот принцип. За разлика од тоа, оваа година “online” ќе гласаат представниците на нашите Македонски радио станици од целиот свет. Сакаме да дојдеме до што повеќе слушатели, кои ќе ги гласаат своите фаворити.
7дена.мк
Коментарите се затворени