Љубовта е најголемо пијанство
Денес е денот на љубовта и на виното, вљубените пијат а пијаните сакаат. Пијани од се – и од љубов и од вино, зошто таму е вистината, а и нешто – зад неа.
Овие два празника, секој на свој начин замаат замав во славењето, последните неколку години . Свети Валентин „успеа“ поради глобализацијата на светот, а Свети Трифун е врзан за поднебјето, нашевината, виното, големиот дар од Бога!
Да се пишува за љубовта е најлесна и најтешка работа на светот. Колку Купидони денес имаат полни раце работа, го окупираа градов, земјата, планетата. Ах љубов! Толку предвидлива, моќна, палава, итра, лесна, закоравена, како пламенче ги осветлува оставените и напуштените амбари на душата, денес е на нов испит.
Сака да не потсети од што сме создадени, да не потценуваме, потиснуваме, да не забораваме.
Да избегаме од сопствената ароганција дека се е веќе видено и да се потсетиме на мали а големи емоции. Денес имаме можност да бидеме поети и боеми, слепи за грешките, трпеливи за здодевните реплики, да си нацртаме ѕвезди во очите, обидувајќи се ова кревко чувство да го ставиме во некоја мерлива константа. Денес е тажно да игнорираме: да ја негираме љубовта и да не му се радуваме на виното.
Ајде, да славиме!
Вања Тодоровска
Фото:Pexels
Коментарите се затворени