Бобан Симоновски, Зоран Мајновски, Маре Јаневска, Дејан Карапеев, Пеце Клечкаровски, Орце Трајковски- Чомбе и подмладокот- Даниела Лазаревска и Симона Илковска, овој викенд во „Ореов лад“ го започнаа новото поглавје во гастрономијата станувајќи дел од Алијансата на готвачите на Слоу Фуд.
„Сите кујни во светот мора да имаат еднакво достоинство. Локалната храна и знаењето за нејзината подготовка мора да биде обновена и промовирана: знаењето овозможува да се избегне ризикот на исчезнување, заедно со биодиверзитетот од кој е инспирирана; храна која е замена за индустриски произведената и со замена на интезнзивното земјоделство, зависно од синтетичките хемикалии, утврдени од светскиот пазар“- се вели во Mанифестот на Алијансата на готвачите и Слоу Фуд а поентирањето, оснивачот Карло Петрини го има во финалето на гастрономската револуција: „Сето спомнато ќе значи ослободување на гастрономијата“.
Значи, создавањето на Алијансата значи промовирање на филозофијата за „добра, чиста и правична храна“, што е вистински адут за готвењето, современата кујна и воопшто глобалната атмосфера поврзана со исхраната.
Инаку, вистинска чест е да си дел од оваа светска мрежа, бидејќи групацијата е чувар на гастрономска традиција, култура и постоење. Алијансата во своите редови ги има готвачите од целиот свет, 1200 на број, што за нас консументите значат поквалитетни, поздрави јадења, бидејќи тие ќе прават селекција на производи што ќе ги користат во секојдневните менија.
Поконкретно- ќе користат локални квалитетни состојки обезбедени од земјоделци, сточари, рибари, месари, пекари и занаетчии, кои го користат знаењето на традиционалните техники. Потоа, со својата вештина и креативност ќе ја зголемат вредноста на истите, давајќи им значење на производителите на храна кои го заштитуваат биодиверзитетот. Тоа значи и промовирање на Президиумите, Арката на вкусовите и овозможување видливост, на сите кои ги почитуваат основните начела на Слоу Фуд.
Формирањето на Алијансата на готвачите на Слоу фуд со себе ќе повлече уште многу вкусни чекори. Подгответе се да пробате многу различни и автентични вкусови, успорете и вратете се на домашната храна, што ја имате во гените.
Запомнете: кога ќе се вратиме кон корените во исхраната, навистина ќе се вратиме на себеси.
Вања Тодоровска