Chef Филип Митевски во најубавиот животен предизвик: Никол е мојата причина за среќа
Шеф Филип Митевски професионално е многу успешен и сосема остварен: тоа е човек на модерната кујна и арт фуд, вистински волшебник чии чинии наликуваат на уметнички слики: децентно, импресивно, моќно… Но, за да среќата биде потполна, требаше да се случи и нешто исто толку совршено на приватен план: ќерката Никол.
Филип, моментално ја вкусуваш најголемата животна тајна и радост, родителството. Што се се смени кај тебе, се препознаваш ли откако имаш бебе?
– Морам да признам дека сеуште сум како во убав сон но полека почнувам да се будам и да навикнувам на оваа убавина… Се сменија многу работи во позитивна смисла- станав татко на една прекрасна душа, и многу сум и благодарен на мојата сопруга што го вкусивме ова чудо на животот. Инаку, имам искуство околу деца затоа што сум најмало дете во фамилијата, израснав многу внуци и ништо не ми е тешко. Со задоволство го поминувам слободното време со неа, Никол е сега се за мене.
Велат, кога ќе станеш родител првото лице еднина станува твојот наследник, во случајот, наследничка. Нема себичност, егоизам и срцето е полно, ќе полета. Кои ви се ритуалите, во што посебно уживаш, има ли нешто ште те плаши или те прави несигурен?
– И јас како и другите родители посакувам се најдобро за своето дете, ќе ја оставам да си го поминува детството како што секое дете заслужува- да е радосна, спокојна, весела. Животот е пред нас, ќе расте и сигурен сум дека ќе израсне во прекрасна личност и понатаму самата ќе одлучи за своите избори, професијата.
Посебни ритуали немаме, правиме многу секојдневни прошетки и се останато околу мало бебе, Никол е многу позитивно и темпераментно бебе и времето поминува многу бргу со неа, секој ден учиме нешто ново од неа.
На сликите што ги постираш на ФБ, те гледаме и како работиш со Никол. Навистина е убаво е да се види татко, максимално предаден на родителството, и толку е волшебно се околу неа, што верувам ќе има многу сказни понатаму?
– Да, направив една страница ,,Татко и ќерка готват за вас“, ми дојде како идеја за понатаму, кога ќе раснеме да прикажуваме и споделуваме рецепти од работите кои ќе ги правиме. Споделувам исто така и на Инстаграм (f_ili_p_food_designer) секојдневни работи што ги правиме.
Нормално, Никол е уште многу мала и секако ќе имам критики, зошто уште сега ја малтретирам, но мислам декa не правам ништо лошо, таа самата покажува интерес, кога ќе влеземе во кујната е многу среќна и радосна, можеби поради бојата на кујната или поради некоја нејзина друга причина… Важно, реагира многу радосно и тоа е доволно.
Сакам понатаму да ја воведам во свет каде што јадењето не е само потреба, туку цела приказна составена од ритуали, бои, миризби, вкусови, слики… Ќе ги исполнуваме деновите преку игра и ќе бидеме интересни и поучни за другите родители.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени