Драги читатели,
На само неколку часа до Новата 2021 година, Ви посакувам многу среќа. Навистина. Знам дека тоа е прашање на одлука.
Доколку решите да бидете среќни, негувајте убави мисли, проветрувајте си ги менталните одаи, свртете се кон себеси. Засакајте се без лажна скромност, без предрасуди.
Сите Вие, сите ние, ги разбравме пораките на 2020-та. Ех, кога ќе ми текне на целата магија минатата година, на сите желби, мечти и копнежи, на магичните бројки: две двојки и две нули. Мислевме: да, тоа е тоа, време за најубавите нешта од космосот.
Додека се ситнат часовите до конечната разделба, низ главата ми поминуваат најразлични мисли. Тажните работи ми ја тргнаа розевата тантела врз очите, ме направија посилна, и знам, не сум единствената што го разбра чудото наречено живот. Ме трогнува и ми насолзува душата што секоја честитка на пиедестал го става здравјето, и што убаво составените животни коцкички се однесуваат на времето- сега и тука.
Кога се сака минатото, се прифаќа сегашноста, и тогаш навистина една маслинка може да наликува на дијамант.
Толку од патетика.
Ајде сега отпочеток, но внимателно, со разум и со поглед навнатре, кон себеси. Како да проодуваме, прогледуваме.
Време е за нова страница!
Вања Тодоровска