Анкета: „Охрид фест“ беше и остана промотер на квалитетот, добри песни и млади надежи
Во пресрет на 28-мото издание на „Охрид фест“, учесниците на Фолк вечерта споделуваат свои емоции, сеќавања и очекувања поврзани со новото музичко празнување, што не очекува на 10 септември, на сцената на Долни Сарај во Охрид.
Перо Христов
Фестивалот „Охрид фест“ или поранешен „Охридски трубадури“ го следам отпочеток, дури бев учесник и на првото издание. Јас како пејач на народната и на забавната музика, во мојата 50. годишна музичка кариера секогаш на овој фестивал сум му давал приоритет, и имам добиено неколку награди кои многу значат во мојот професионален музички живот.
Фестивалот има голем рејтинг бидејќи е интернационален а јас сум секогаш присутен: како пејач учесник, како член на жирито, три пати во ревијален дел со мојата шоу програма. Секоја чест за убавата музичка манифестација а голем респект и кон првата виолина на фестивалот, мојот вечен композитор Григор Копров.
Годинава настапувам со многу емотивно- носталгична песна на Ивица Пливелиќ „Крај капија една мајка плаче“, во која очекувам да се препознаат сите кои имаат роднини, пријатели во светот и сите што копнеат за враќање дома, на своето огниште.
Му честитам на фестивалот што остана најстандарден во овие, скоро три децении постоење, му посакувам уште многу да опстојува и да раѓа нови пејачки имиња.
Ирена Спасовска
„Охрид фест“ е еден од најстарите фестивали што го задржа реномето на призвукот со народни инструменти, како што се тамбура, кавал, мандолина, хармоника и сето тоа го прави да се издвојува од другите фестивали.
Да бидам искрена, одамна не ме привлекуваат фестивалите, но може да ме заинтригира исклучиво ако ми се понуди добра песна. Оваа година добив песна од Цане Петров и неможев да и одолеам бидејќи е вистинско хитче. Очекувања немам бидејќи ги немам слушнато другите песни, но секако композицијата е убава и ако добијам награда, ќе ми биде драго.
Се гледаме на 10 септември во Охрид!
Нино Величковски
Јас како пејач, вокален солист кој скоро 40 години е на естрадната сцена можам да констатирам дека „Охрид фест“ ми значи многу. Пред скоро 30 години настапив со песната на маестро Миодраг Божиновски Мичо – „Копнеам да те видам“, а по текст на Васил Пујовски. Прекрасна трубадурска песна, за да потоа во следните години имам уште петнаесетина песни отпеани од повеќе композитори: Миле Барбаровски, Ванчо Димитров, Миодраг Божиновски, Григор Копров, Цане Петров, Филип Неделковски …
Пеев стихови кои останаа и ќе бидат како урнек за „Охрид фест“: „Биди ми бисер“, „Лина“, на Огнен Неделковски …
Овој фестивал многу направи за афирмација на младите пејачи но и за композиторските имиња, за афирмација на убавата македонска новосоздадена песна и во Македонија и надвор од нашата држава!
Особено ми е драго што имам настапувано и со „Октет Куманово“, и со моите
„Кумановски тамбураши“ …
Му посакувам долг живот на „Охрид фест“ и уште многу прекрасни песни
кои ќе останат и ќе живеат, ќе се слушаат и обнародат. Честитки до целиот тим што го организира Фестивалот -посебно до идејниот творец и директор, Григор Копров.
Петар Нечовски
Охрид е мојата престолнина и наш фестивал, започнавме заедно на терасата на хотелот Палас…Се сеќавам- „Охридски трубадури“, големи интерпретатоти, автори.., беше прекрасно, заедно созревавме и заедно издржавме и до ден денес…Но, без Григор Копров, легендарниот автор и неговиот балкански авторитет, сето ова не би било можно.
Во моментот фестивалот е единственото место каде живее македонската песна, и тоа токму во срцето на Балканскиот Ерусалим …Очекувањата ми се да се претставам со добра и автентична нашинска песна и да допринесам за квалитетот и рејтингот на фестивалот. Се радувам и му посакувам успех на „Охрид фест“.
Ибуш Ибраимовски
Најмногу награди имам освоено на „Охрид фест“ – за интерпретација, од публиката, па второ место, награда за аранжман… Чест ми е што повторно учествувам со прекрасна песна, со чалгаџиски призвук и специфицен начин на интерпретација, песна што те бара целиот.
Се надевам дека ќе продолжам со традицијата на награди и годинава.
Барбара Јаковлеска
Љубовта кон песната и љубовта кон мојата земја е најубавото чуство што го носам во себе. Животот во Швајцарија е убав, но секое доаѓање во Македонија ме прави многу среќна. Последните неколку години учествувам на фестивалот „Охрид Фест “ и сега со нетрпение го очекувам.
Покрај изведбите на прекрасните песни од моите драги колешки и колеги, дружбата со нив ме исполнува со позитивна енергија. Песната која ќе ја изведам, по некое мое скромно мислење заслужува награда. Голема благодарност до организаторите на Фестивалот …Никогаш не е доцна да бидеш среќен!
Трајче Толевски
Ако некогаш ќе го паметеме „Охрид Фест“ тоа е заради прекрасната локација, атмосферата помеѓу учесниците и најважно од се, енергијата на „Скопски Боеми“ што се претопува во еден победнички танц на бината, кој за кратко преминува на публиката и најважно- на жири комисијата…Два дена поминуваат како миг со задолжителната прошетка до Св.Наум, ручек во некој од рестораните во Охрид, а вечерта, после две години како победници, поминува во најглавното: фестивалска атмосфера премачкана со добра музика и целовечерна дружба со колегите и колешките…Утрата се организирани со крајбрежно кафе и лаф муабет со новинарите… Како и секогаш, настапот на Скопски Боеми е набиен со многу позитивна атмосфера…
Со нетрпение го очекуваме новото издание на „Охрид Фест“ …Чекајте не со кајче, не одиме на победа…Пјер Кубертен: важно е да се учествува!
Сауда Каришик- Шмид
Охридскиот фестивал е прекрасна манифестација на која и се враќам по вторпат, повторно ќе се сретнам со драгите пријатели и колеги. Иако доаѓам од Германија, не ми е тешко, зошто знам дека ме чека величенствен пречек и срдечни домаќини што му даваат посебен драж и шарм на „Охрид фест“.
Ќе настапувам со „Лажна надеж“ на Драган Грего и текст на Фотинула Пакова, специјално напишан за мене а јас ќе дадам се од себе да ја оправдам довербата.
Што се однесува до фестивалот, посакувам комплетната манифестација да помине во што подобро расположение и моќна организација. Се гледаме на фестивалот!
Милован Секуловски
„Охрид фест“ за мене претставува еден од најреномираните фестивали, не само во нашата земја, туку и во целиот регион. Доказ за тоа е што години наназад, во период од 2 до 3 дена, колку што трае и самиот фестивал, настапуваат звучни музички имиња од речиси целиот свет.
За мене посебно драг фестивал, бидејки се одржува во мојот роден град Охрид, и од моето прво учество од 2008 година, па се до ова најново издание 2021 година, јас сум редовен учесник во фолк- вечерта, каде што сум добитник на неколку награди. На организаторите им посакувам и ова издание да биде успешно, како и досега.
Методија Столески
Со нетрпение го чекам почетокот на овогодинешното издание на „Охрид Фест“ за да ги проследам сите композиции. Секако и јас имам една убава трубадурска песна за која сметам дека ќе биде добро прифатена од слушателите. Поздрав до организаторот на фестивалот, кој што неуморно работи цела година за во септември да одржи еден вака голем фестивал, од кој произлегуваат хитови кои се слушаат со децении. Очекувам и годинава преку моќните грла на познатите имиња од естрадата да слушнеме нови песни кои ќе прераснат во нови хитови. Како учесник очекувам дека мојата композиција ќе допре до секој од посетителите. Им посакувам успех на сите учесници.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени