Интервју. Љупчо – Бубе Петрушевски, стилист: Мојата професија е мојот живот
Бубе е познат градски лик: омилен фризер или ако сакате- стилист, кој својата биографија ја темели врз претпознатлив стил, насмевка што разоружува и навистина ведар дух.
Скоро и да не постои лик од јавниот живот кој не е на „ти“ со Петрушевски, сеедно дали се политичари, актери, пејачи, луѓе од бизнисот.., сите тие го создаваа и негуваа имиџот кај Бубе. Искачувањето траеше со години, и во тоа интересно животно патување, херојот на ова интервју направи име што моќно го вгради во неговиот фризерски салон.
Повеќе од две децении си во светот на фризерај, а твојот салон „Бубе Студио Ин“е бренд и синоним за траење, квалитет, негувана коса, често „луцкасти фризури“, но и стил. Имаш клиенти кои својата лојалност ја изразуваат со тоа што ти се муштерии повеќе од 20 години… Таа љубов е поради квалитет што го добиваат, ама има и нешто друго…
-Да, секогаш постои и- нешто друго. Јас оваа професија не ја гледам како своја работа, туку како свој живот. Лично, препознавам и дефинирам два типа на фризери. Првиот тип се оние кои ја работат оваа работа за пари, а другиот тип на фризери се оние кои својата креативност ја изразуваат преку работата и уживаат во истата. Како што кажав, животот го посветуваш на работата, мора да си креативен и луцкаст, и самиот да дадеш поинаков белег на својата работа.
Е тоа е секогаш „она другото“ што го препознава клиентот и го вреднува со тоа што станува лојален сите овие години.
Имам чувство дека кај тебе секогаш се бореле- модерното и класиката. Ги следиш трендовите ама некои стандарди се и прашање на стилот?
-Стилот е секако нешто што го носиш внатрешно а го изразуваш преку работата. По стилот се разликуваш од останатите.
Трендовите се следат секако, но не- слепо, се следат во однос на тренди форми и бои а не како нечии копии, туку како некаков уникат. Се разбира, постои борба во стиловите, бидејки не секој стил одговара на секој клиент. Така, пронаоѓајки го вистинскиот стил за дадениот клиент, „шараш“ по модерно, урбано или класика.
Што за тебе значи – фризер? Да почнуваш повторно, дали би го имал истиот пат, истите чекори? И, зошто повеќе се користи зборот- стилист отколку фризер?
-Фризер е посебен сој на луѓе. Човек кој е целосно посветен на работата, затоа што таа му дава смисла на животот, на внатрешната страст, и тоа е и мојата лична дефиниција… Кога би почнувал повторно, ДА, би го одел истиот пат но со можеби малку поразлични чекорчиња.
А зошто се користи повеќе стилист отколку фризер … Некако самите времиња, минувајки низ трендовите го наметнаа тоа, терминот фризер стана покомплексен, порано луѓето ги третираа само за класично дотерување на формата на косата, повеќе се одеше на шишање, а сега се оди на целосни промени во бои и форми на фризури, односно се прави една целосна трансформција на стилот па оттука и се наметна терминот стилист.
Покрај талентот и усовршувањето, и во оваа работа, „без алат нема занат“. Верувам чешелот и ножиците се на прво место?
-Моите клиенти тоа најдобро го знаат, но сепак ќе кажам, во салонот најмногу шишам и од се во нашата работа, тоа најмногу го сакам. Поради тоа, мене најбитен алат ми се ножиците и чешелот .
Пандемијата, а претходно и личните премрежија со болеста кај тебе не ја сменија доследноста и принципите, предаденоста на работта. Сепак, што смени изолацијата?
-Во животот секогаш сум бил и останал оптимист. Тоа така и ќе остане, му дозволувам на животот да ме изненади. Инаку, во салонот кај мене секогаш владее позитивна атмосфера, голема заслуга ја има и мојот тим кој години наназад паралелно со мене ги надминува сите пречки, воедно е и мојата огромна поддршка, и во времето на мојата болест па и сега во пандемски години.
Заедно се трудиме секој клиент да замине со насмевка од салонот, што за нас е доказ за добро завршена работа.
Што се смени…..па единствено се смени тоа што пандемијата не спречи да си разменуваме искрени прегратки, што порано постојано го правевме. Сега се гушкаме со зборови и љубезност.
Што мислиш за подмладокт во оваа струка? Сите сакаат експресно да станат познати, да се ѕвезди, но дали и што дозволува класичнто образование?
-Подмладокот е иднината на нашата струка. Сите фризери на светот кои станале познати тоа го постигнале со својата макотрпна едукација, залагање и упорност. Некои од подмладокот го одат тој пат- чекор по чекор, со секојдневни пракси и усовршувања, а некои го одбираат покусиот пат со забрзани курсеви.
Ама ништо не оди преку ноќ, за успех е потребно секојневно вложување, пракса и едукација и во секој ангажман да се внесе многу љубов.
Класичното образование се темели на некаков систем на теоретско учење а мое мислење е дека само со секодневна пракса се стекнуваш со титула- мајстор во работата.
Ако така се расте во светот на фризерите, кои се советите што им ги даваш на твоите стажанти?
– Мојот совет е да ја сакаат професијата, да ги сакаат луѓето, естетиката, да се образуваат, усовршуваат, да вложуваат во себе, да посетуваат саеми и семинари, тоа е тајната на големите фризери.
Вања Тодоровска
Коментарите се затворени