По толку сеќавања, текстови за него, по толку неодговорени прашања, по толку време.., кога тагата се претвара во невидлива но длабока лузна знам дека Тоше има само дата на раѓање: живее во нас преку романтично љубовни песни, искреноста, добрина достојна за големите луѓе.
Ние што имавме среќа да контактираме со него, и професионално и приватно, да го следиме на концери, да сведочиме на неговото растење и како музичар и како човек, среќни сме поради оваа привилегија.
Да се пишува за Тоше – е најубавата работа на светот. Некако останувате чисти и искрени наспроти неправдите и неусогласеноста на надворешниот свет. Многу често се борите со напливот на чувства и тогаш е доволно да чуете нешто од него, прекрасниот глас полн со живот во „Усни на усни“, „Најдрага моја“, „Го лажам секој нов рефрен“, „Тајно моја“, „Чија си“, „Во коси да ти спијам“.., и веќе ја имате радоста на животот…Од оваа временска дистанца, знам дека тоа е најважната работа што ја научив од него: да го сакам животот.
Инаку.
Тоше беше голем уметник, а неговата автентичност значеше тоа што го има во себе, она по што публиката го препозна и го одбра. Искреноста е прашање на постоење – ти си онаков какво што ти е срцето.
Сите асоцијации и сите спомени врзани за него можат да се соберат во еден единствен збор, мал по габарит, а голем по значање. Љубов. И тој галопирачки неспокој не исчезнува и на спомнувањето на драгото име, во прошетка по спомените, песните…
Нашиот музички гениј најдобро го пееше јазикот на човечноста, направи пресврт во нашиот етички систем, ни стана заеднички именител, истраен кон сите. Особено кон оние од кои и општеството го криеше погледот.
Поради чесната мисла и детското срце, Тоше навистина не можеме да го наречеме мит, зашто да беше жив, ќе му беше непријатно.
Популарниот Харуки Мураками вели: „Смртта не постои како спротивност на животот, туку како негов дел “. Ете така се учиме и живееме без Тоше.
Навистина постои нешто – и повеќе од живот.
Вања Тодоровска Фото: screenshot you tube
Коментарите се затворени