Оваа година од 21-27 септември во Битола ќе се одржи јубилејното 45. издание на ИФФК „Браќа Манаки“, соопшти на денешната прес конференција, директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски, кој го соопшти годинешниот лауреат на наградата за животен опус Златна камера 300.
Бруно Делбонел е најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од лауреат на „Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“ што фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300 за животен опус“.
Покрај номинацијата за Оскар во 2002 година за филмот „Амели“, Делбонел ги доби и номинациите за БАФТА / BAFTA, ASC (Американското друштво на кинематографери), како и за наградата Цезар / Cesar, а ја освои наградата на ЕФА / Европската филмска академија за најдобар европски кинематографер.
По овој голем успех, тандемот Делбонел – Жене ја повтори плодната соработка и во следниот извонреден филм. Станува збор за историската љубовна драма од Првата светска војна – „Многу долга свршувачка“, за која во 2005 година Делбонел ја освои втората номинација за Оскар. Делбонел и во овој филм е во својот врвен креативен елемент. Покрај номинацијата за Оскар и за наградата на ЕФА, со него тој ги освои наградите на ASC и францускиот Цезар.
Третата номинација за Оскар за Делбонел дојде во 2010 година за еден од визуелно најефектните филмови од серијалот за Хари Потер, неговото шесто продолжение, „Хари Потер и полукрвниот принц“ / HARRY POTTER AND THE HALF-BLOOD во режија на Дејвид Јеијтс / David Yates.
Во 2011 нашиот фестивал го награди Бруно Делбонел со „Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност“.
Следните три ремек дела во опусот на Делбонел, закитени со номинација за Оскар се: „Внатре во Левин Дејвис“ / INSIDE LLEWYN DAVIS (2014); „Најмрачен час“ / DARKEST HOUR (2018) и „Трагедијата на Магбет“ / THE TRAGEDY OF MACBETH (2022).
По соработката на нивниот краток игран филм „Тилери“ / TUILERIES vo 2006 (сторија од серијалот „Париз те сакам“/ PARIS, JE T’AIME) Делбонел ќе го сними и целовечерниот игран филм на браќата Коен / Coen brothers „Внатре во Левин Дејвис“. Во него, Делбонел ја слика мрачната егзистенцијална драма на младиот кантавтор на фолк музика Левин Дејвис, чија насловна улога ја толкува автентичниот музичар Оскар Исак / Oscar Isaac.
Петтата номинација за Оскар Делбонел ја доби во 2018 година за креацијата во историската драма „Најмрачен час“ во режија на Џое Рајт / Joe Wright. Актерот Гери Олдмен за улогата на Винстон Черчил во овој филм беше награден со Оскар.
Потоа, во 2021 година Делбонел повторно соработува само со едниот од браќата Коен (Јоел / Џоел), на филмот „Трагедијата на Магбет“ за кој следната година ќе ја освои последната од шесте номинации за Оскар. Во насловната улога на оваа најнова екранизација на антологиската трагедија на Шекспир настапува актерот Дензел Вашингтон, а како леди Магбет актерката Френсис МекДорманд.
Делбонел ќе го збогати својот опус и низ соработката со плејада други истакнати светски режисери, како Питер Богданович во „Мјаукот на мачката“ / THE CAT’S MEOW (2000), полуавтентична крими драма за убиството на една актерка во Холивуд во 1924 година, што се случило на јахтата на милионерот Харст. Со рускиот режисер Сокуров ќе го сними „Фауст“ (2011), базиран на Гетеовиот мит за Фауст, кој освојува „Златен лав“ во Венеција, и „Франкофонија“ / FRANCOFONIA (2014), посветен на Парискиот храм на сликарската уметност – музејот Лувр, кој со својата трајна вредност и пркосел на фашистичката окупација. Со Тим Бартон ќе соработува во три наврати, речиси едно по друго. Во 2012 година тој го снима неговиот готски хорор „Мрачни сенки“ / DARK SHADOWS, во 2013 година соработуваат на сродниот, „Големи очи“/ BIG EYES и во 2016 година го реализираат „Домот на гопоѓица Перегрин за чудни деца“ / MISS PEREGRINE’S HOME FOR PECULIAR CHILDREN.
Со браќата Коен одново ќе соработува во 2018 година, во пародиската вестерн комедија во нивен дух – „Баладата за Бастер Скрагс“ / THE BALLAD OF BUSTER SCRUGGS, а најновата соработка од тековнава 2024 година му е со Вес
Ендерсон / Wes Anderson, на неговиот најнов филм „Феникиска шема“ / THE
PHOENICIAN SCHEME (2024, во пост-продукција), со кастинг од соништата: Бенедикт Камбербач / Benedict Cumberbatch, Том Хенкс / Tom Hanks, Скарлет Јохансон / Scarlett Johansson, Бил Мареј / Bill Murray, Бенисио Дел Торо / Benicio Del Toro и Шарлот Генсбур / Charlotte Gainsbourg.
Во 2019 Бруно Делбонел бил назначен за шеф на кинематограферскиот отсек на
Оваа година се очекува на Фестивалот да присуствуваат досегашни добитници на наградата Златна камера 300 за животно дело во чест на јубилејното 45. Издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Коментарите се затворени