„Имав извонредно убаво и безгрижно детство поради кое денес сум она што сум – добар, среќен и исполнет човек, вели Васил Зафирчев секавајќи се на своето детство. Гледајќи ги неговите фотографии, имате впечаток дека сте растеле со него- весело, љубопитно и креативно момченце во чии очи се вгнездил блесокот од сите ѕвезди на небото.
„Роден сум како син единец. Поради честите професионални отсуства на татко ми, растев покрај три „високоавторитетни“ жени. Мајка ми Лилјана со нејзината строга справедливост и челична дисциплина, тетка ми Бисера и нејзината посветеност во афирмирање и развивање на моите уметничките афинитети и баба ми Ангелина со нејзината безгранична и безусловна слобода која ја уживав покрај неа.
Бев љубопитно, темпераментно, хиперсензитивно и добродушно дете. Од мал имав вродено чувство за естетика и правда и секогаш длабоко ме допираше туѓата несреќа и тага. Првото емотивно сеќавање е поглед низ процепите на моето креветче, мирисот на прегорено млеко во собата со пурпурна светлина и фигурата на мајка ми, некаде во далечина. Моите 12 цуцли во различни форми и бои кои скришум ги ставав во устата до мојата 4-та година кога и, конечно, ме разочараа оти наеднаш станаа лути, благодарение на буковецот. Првиот подарок за роденден беше огромниот Медо со црвена панделка што ми го купи мајка ми, трчајќи на пороен дожд. Со него заспивав секоја вечер, а подоцна стана мој главен пациент на кој ги усовршував лекарските вештини.
Сеќавањата се најразлични. Првото паднато млечно запче кое чичко ми Коле го фрла на ќерамиди оти таков бил адетот. Се сеќавам на Нови години и китењето на елката со цела колекција кристални лампиони кои уредно се чуваа во кутија со памук.
Првиот подарок што ми го донесе Дедо Мраз беше дрвениот воз (подоцна дознав, го купи татко ми Трајче) и ден-денес го имам. Ги сакав возовите, ме асоцираа на патувања, непознати градови и непознати лица. Талентот за трансформација, идентификување со туѓи ликови, идентитети и приказни, го манифестирав во најрана возраст, преку преправање со дел од костимите од театарскиот фундус на дедо ми Васил, кој работел како кројач во стариот велешки театар. Френетична беше радоста кога ги открив во подрумот…
Често нурнував во гардероберите од нашата семејна куќа. Најпрво дома и зад затворени врати, подоцна во дворот, а најпосле и на главната улица во градот. Беа тоа моите петте минути на атракција и сензација. За музички настапи пред гостите задолжителна тема беше „Е мој Саша“ на „Нови фосили“, пуштена на плоча од стариот грамофон. Бев најважен забавувач за гости и главен танчар на подиумот на сите свадби и семејни прослави. Честопати од танцување завршував со превртена и истегната нога. Растев со традиционалната македонска музика и поп-шлагерите од седумдесеттите. Прва симпатија ми беше Елена, со која одев заедно во забавиште. Од љубов еднаш толку силно ме заврте што завршив под катедрата со повредена рака…
По сликовниците и народните приказни кои додека ме чуваше ми ги раскажуваше сосетката, баба Флоринка, на ред дојдоа вистинските книги од домашната библиотека, а ги имаше повеќе од 1.000. Од мал уживав во читањето. Беа тоа мигови на патувања во светот на книгите. Сакав да останувам дома со баба ми и да уживам во епизодите на „Бушавата азбука“ и „Опстанок“. Бев вреден – гледав да ги завршам училишните обврски за време на целодневниот престој, за потоа слободното време да го минувам со другарите од маалото. Избор на игрите беше најразличен – горенка, крижи-мижи, каубои и Индијанци, партизани – Германци. И речиси секогаш бев на страната на оние што бранат, никогаш на оние што напаѓаат. Не ги сакав колективните спортови, но затоа бев дел од речиси сите секции, а најомилени ми беа литературната и рецитаторската.
Во задниот двор од куќата баба ми ја развиваше во мене љубовта кон животните. Најпрво дојдоа шарпланинката Сара, мачката Мицка и малите пилиња со жолти ноџиња, кои баба ми ги донесе од нејзиниот роден Ирик во Војводина. Ним подоцна им се придружија и башиноселските џинчиња (џуџести коковчиња), шатките на кои им направивме и базен, златната аквариумска рипка и папагалот Рики.
Чести беа патувањата кај баба ми Цвета и дедо ми Боро во Штип, родниот град на мајка ми, за кој секогаш ме врзуваат убави спомени и сеќавања од детството. Се радував неизмерно кога татко ми ќе ме земеше со себе на малото островче на Вардар или на риболов на езерото „Младост“. Зимувањата на Пелистер и во Маврово, летувањата во Охрид, Струга и во Преспа, како и кампувањата по дваесетина дена со мајка ми и татко ми во Улцињ на Јадранско Море.
Прва претстава која ја гледав во Велешкиот театар беше „На сечило“ со легендарниот Петре Прличко. Со нетрпение го чекав денот кога тетка ми ќе ме однесеше на тоа волшебно место, ама и на сите културни настани. Тоа беше мојот свет, во кој се чувствував свој на своето. Потоа следуваше и Музичкото училиште и дружењето со кларинетот иако отсекогаш ја сакав виолината. Првите настапи со него ми беа во салонот на соседите дедо Коце и Грофа Лела Поп-Стефанови, два пати неделно во попладневните часови, по што следуваа чај и колачиња.“
Вања Тодоровска