6.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Јелена Јованова: Секоја улога е нова лична екстензија

Јелена Јованова е особена по неколку работи: по актерскиот, автентичен белег што го има во секое движење, во креирање ама и во појавноста, потоа, во професионалноста и следењето на некој внатрешен глас што и дозволува да го запали зеленото светло… Деновиве уживаме гледајќи го „Преспав“ и хероината на интервјуто, „кревката“ Јелена од Драчево, која со некои невидливи синџири, ни се пикна под кожа. Ова е Јелена, и- да, нека светка, на најјако.

Јелена, девојка на денешницата, брза, снаодлива и пред се „практична“, полна со идеи, е лик што го оживеавте во „Преспав“, и што често се среќава и надвор од серијата. Со оглед на тоа колку е омилена и популарна, имате ли чувство дека ова е време „на Јелени“?
– Ова е време на Преспавци. На она што ги опкружува и на она што го живеат. На она што всушност нас не опкружува и она што сите ние го живееме. Ако не бевме вистинското огледало на вистинската ситуација во која сме, немаше да бидеме прифатени како вистина. За жал…или среќа.

Според некоја невидлива а сепак препознатлива сплотеност, се чувствува убава енергија помеѓу вас актерите во серијалот. Колку уживавте, колку беше пријатно снимањето?
– Огромна заслуга за успешноста на овој ситком лежи во сплотеноста не само помеѓу актерите, туку и во секој друг сектор. Екипа оперирана од суета, уиграна, полна со почит кон секој еден што е дел од неа. Просто не постои ниту една слаба карика. Барем јас не ја препознавам. Кога секој еден го дава максимумот, кога секој сектор се бори за најдоброто решение, кога цел тим е фокусиран и присутен и најбитното кога секој од нас ужива во тоа што го работи, тогаш успехот на проектот не те промашува. Знаеш дека си префрлил преку рампа на вистинското место, со вистинската мерка. Пронаоѓањето на точниот хумор и неговото одржување и развивање ја прави секоја сезона уште поуспешна. Се знаеме сите како стари пари што би се рекло. Создадовме универзум кој функционира одлично и задоволство е да се биде дел од оваа приказна.

Со Васил направивте фантастични ликови и Јелена најмногу „шушурка“ со Марио. Што ги поврзува нив двајцата?
– Васил Зафирчев е актерски партнер и вистински пријател каков што само можеш да си посакаш. Кога работат Јелена и Васил или Јелена и Марио се случува таква синергија која ја гради секоја наша заедничка сцената со леснотија и уживање. А тоа го препознава и публиката па Јелена и Марио се нивното најдобро ‘криминално дуо’. Потребата и желбата да создадат проблем таму кај што го нема или решение кое не секогаш е најпаметното, таа детска наивност и игривост што овие две најдобри другарки ја имаат ги поврзува тие два лика во тешко раскринлив пакт. На крајот на денот, Марио е единствениот лик на кој Јелена му верува и му се доверува и обратно.

Анонимноста, особено со „Преспав“ не се врзува за вашиот живот. Каков е односот на луѓето, случајни и неслучајни? Ве загледуваат ли, приоѓаат? Колку сте комуникативни и отворени за нови пријателства?
– Дали на улица или преку социјалните мрежи, луѓето си ја имаат потребата да го споделат своето мислење, фасцинација со нештото или пак проблем што е многу нормално. Тоа го почитувам и неизмерно ми е драго кога ќе добијам повратна информација каква и да е. Неописливо е чувството кога ќе те застане некој да ти заблагодари за твоето постоење, за она што го работиш и предизвикуваш кај него. Кога некој ќе ти каже дека станал похрабар поради твојата Милена во ‘На Терапија’ или пак заборавил на своите грижи поради Јелена од ‘Преспав’. Нема поголема потврда дека си на вистинското место кога тоа ќе ти го потврди оној за кого работиш. А тоа е публиката. Сите имаме различни денови и се случува да некогаш кога денот ќе ми почне на лева нога, ја немам потребната позитивна енергија во мене и време за таквите средби. Се надевам дека луѓето поаѓајќи од себе си го препознаваат таквиот нормален момент кој сите понекогаш го имаме и за истото не ми замеруваат.

Вие сте нашата најангажирана актерка, и во земјава и надвор од неа. Колку градењето на ликовите, во „На терапија“, во „El desentierro“, „Во земјата на крвта и медот“…, освен како актер ве градеше и лично?
– Во работата со различни луѓе, на различни формати и жанрови во различни земји на различни јазици, отворена е и се надевам ја користам можноста за поместување на своите физички но пред се ментални
граници. Секоја улога на некој начин носи нова лична екстензија. Како актер не останува допрена само публиката која е сведок и активен учесник во приказната што ја раскажувам, туку и јас лично самата. Од добрите работи учиш, од лошите знаеш како не треба.

Во овие празнични, хедоничарски денови морам да ве прашам- што ви е најомилено на менито и дали самата си го приготвувате? Сеедно од која побуда – страст, потреба, релаксација..?
– Знам дека мојата килажа праќа поинаква порака, но Јелена е гурман и сака да готви. Кога не работам, добар дел од денот сум заглавена во кујна. Истражувам зачини и експериментирам. Индиските зачини имплементирани во далматинската или македонската кујна е она што миговно ме опседнува. Риба, супи и салати ми се слабост. Ретко но доста успешно спремам и месо, а она што баш никако не ми оди се торти и колачи. Среќа! За вечера секогаш уживам во сирење, маслиново масло и добра чаша вино.

Доволно сте силна и смела самата да си ги исполнувате желбите, но, остана ли нешто што му шепнавте на Дедо Мраз, за оваа 2019 година?
– Здравје, љубов, истрајност, мудрост и среќа. Непобитна синтеза за остварување на секоја желба. Блазе си му на оној што работи на нив и тешко на оној кој мисли дека сами ќе паднат од небо.

Секое траење има свој крај. Сепак, што сметате дека е вечно?
– Душата.

Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена