6.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Наде Молеровиќ: Поважно ни е да бидеме сакани на социјалните мрежи, отколку во реалниот живот

 

Наде Молеровиќ е мотивациски, животен тренер, жена која ќе го разбуди животот во вас. Преку својот пример, многуте животни премрежија ќе ве научи дека по паѓањето не е важно „само“ да се стане, туку и да се зачува благодарност за она што го имате.
Во ова интервју ќе дознаете многу за виртуелната среќа, осаменоста, моќта на убавите позитивните мисли и пред се- дека животот се случува сега и тука.

Ние луѓето сме чудна сорта – секогаш бараме брзи совети, инстант решенија за среќа, која и ако не ја чувствуваме, можеме да ја предизвикаме…Веднаш на почетокот, каде се крие таа: во нас самите, во нашето толкување на нештата, оптимизмот, среќавањата со други луѓе…?
– Aко ги прашаме луѓето кој е смисолот на нивното постоење и живеење, ќе ви одговорат- да бидат среќни. А, што ги прави среќни? Многумина ќе речат – здравје, возвратената љубов, стабилната врска, успешната кариера, среќавањето луѓе, патувањата, среќата и успесите на другите…. Колку луѓе на панетава, толку различни приказни и причини за среќа. Научниците ќе ни соопштат дека состојбата на среќа на секој од нас е во зависност и резултат на хемиските процеси во нашиот организам.
Некој пак, ќе рече среќата е сосотoјба на умот, најчесто слабо поврзана со реалноста а, втемелена на некои заблуди. Во секојдневниот живот ќе се соочиме со мудроста „среќата е во малите работи”. Среќата е избор, ќе ви го откријат успешните и среќни луѓе.Тие ќе ви кажат дека не се родиле под среќна звезда, туку избрале да бидат тоа.
Како се постигнува тоа? Да си среќен значи да бидеш благодарен. Потоа, мислите ги бирате, работата, погледот на нештата. Тоа е процес, животот е патување, духовноста е да уживаш. Низ мојот живот поминале луѓе ангели на еволуцијата од кои во најтешките моменти на животни премрежија и предизвици сум учела што не треба да правам и каква не треба да бидам… Доколку се градиме и вложуваме во својот личен развој, откривајќи кои сме, каде сакаме да стасаме, какви луѓе сакаме да бидеме, тогаш може да стекнеме вештини да бидеме среќни и без посебни очекувања.

Најголемиот страв на овој век, каде се чувствува доминација на технологијата и ни се заканува виртуелната стварност, е самотија. Зошто е толку „страшно“ да останеме сами со себе?
– Доколку во разговорите со самиот себе си поставиш задача во која насока треба да го насочиш времето, енергијата, страста за работатa која те „оживува”, инспирира да продолжиш и да го вложиш максимумот, времето што го минуваш со себеси е непроценливо по сопствениот развој. Но, доколку го живеете денот по навика, секојдневно исто, здодевно, без предизвик, повеќе на социјални мрежи следејќи ги туѓите животи, туѓите интереси, туѓите успеси……тоа е само залудно и напразно потрошено време кое не се враќа.
Од интернетот може да се научи многу, од контактите со луѓето исто така, но прашањето кое јас си го поставувам секојдневно е : Колку денес сум среќна со денот што ми помина? Што направив за себе?Дали некому денес кажав убав збор, споделив некој комплимент, помогнав? Доколку одговорот е позитивен и моите емоции ми кажуваат дека треба да бидам среќна . Осаменоста е убава само доколку во разговорот со себеси си ги поставуваш прашања чии одговори даваат чувство на задоволство од самите себе си.

Фејс бук, Инстаграм, Твитер…, се врие од убавина, среќа, патувања, убава храна, затегнати лица и исти такви задници. Колку друштвените мрежи прават зависност, трка, повеќе се живее од селфија и собирање лајкови отколку без телефони. Откаде таа потреба да се гледа во туѓи дворови а и да се промовираат сопствените?
– Виртуелниот живот е сјаен и волшебен, таму ги постираме најубавите
лични фотографии и споделуваме со познати и непознати, кои први ја дознаваат веста за нас. Ни годи вниманието што го предизвикуваме со фотографии, постови, селфија, во бројот на лајкови, коментари. Колку повеќе ги добиваме, толку повеќе ги посакуваме. Сами а заедно, повеќе очекуваме од технологијата а, помалку од секој од нас.
Но, што станува со загубите кои ни се случуваат, неуспесите и помалку среќните моменти во животот, дали тие ги споделуваме јавно? Загрижувачки е доколку ни стане поважно да бидеме обожавани и сакани на интернетот, отколку во реалниот живот. Со секојдневното користење и живот 24 „онлајн“ се менува перцепција за нас самите, за другите и за светот. Ни се наметнуваат лажни вредности и претстави за тоа какви атрибути, квалитети и вредности треба да поседуваме за да бидеме прифатени од виртуелната јавност. Се губи индивидуалноста и оригиналноста -многу жени, девојки користеќи ги апликациите за разубавување и корегирање на личните надворешни карактеристики ги дотеруваат своите фотографии и лажно се претставуваат, сакајќи да им се допаднат на другите. Се рекреираме себе си според вкусот на другите, а, не според потребата прво и основно да се прифатиме такви какви сме и да се вљубиме во себе си за да можеме љубовта да ја споделуваме со другите. Виртуелниот живот, контактите со „пријатели“ кои лично не ги познаваме, можат да бидат пријатни и непријатни поради секаков профил на личности, кои токму поради виртуелноста имаат храброст само тогаш да ви се обраќаат со непристојни предлози и комуникација која вознемирува. Затоа, многу е важно како комуницираме, што објавуваме, какви фотографии поставуваме, затоа што тоа се пораки кој некој погрешно може да ги разбере и да ве повреди.

Ние што растевме во некогашната Југославија, бевме доста војнички воспитувани и нашите родители не ни дозволуваа да се „испозанесеме“ во самобендисаност па комплиментите беа ретка појава. Веројатно мислеле дека можат да не расипат. Колку се важни комплименти, пофалби, често повторување на „те сакам“, восхит од луѓето што ни се важни?
– Колку само убави,човечки, корисни совети и традиционални семејни вредности беа парктикувани во времето кога и јас бев дете. Се знаеше редот и правилата на однесување во семејството. Родителот и постарите членови од семејството беа мудроста и животното искуството, кое се почитуваше. Тогаш велеше мајка ми, ако те пофалам ќе мислиш дека си
најдобра, ама имаш уште многу да учиш…
Кога сме добри тогаш сме мудри, затоа што животот е краток, светот е мал, ама многу широк. Нашите зборови имаат голема моќ, можеме некому да му го промениме животот, или некому да му го уништиме. Јас го правам изборот во денот некому со насмевка искрено да искажам зборови на пофалба, благодарност или честтка за успешно завршена работа.Тоа ме прави среќна, тие се среќни… Како директор на училиште во комуникацијата и
односот кон моите вработени, децата и родителите имам можност тоа да го практикувам секојдневно што и ме дефинира мене како личност. Многу е едноставно : ние сме такви како што се однесуваме кон другите. Луѓето најмногу живеат за признание и слава, да го имаме ова во предвид и да бидеме секогаш внимателни што, кому и кога зборуваме.

Како самите на себе си да си станеме животни тренери и најдобри пријатели? Можеби да си повторуваме дека се се случува за нашето поголемо добро, преку позитивноста да привлечеме нешто убаво…?
– Знаете ли дека ние сме си единствената личност која ќе не придружува до крајот на животот? Затоа, бидете внимателни какви мисли негувате во себе. Доколку фокусот ви е вашиот живот, да е исполнет, среќен, здрав, успешен, ќе си направите листа од вашите цели кои сакате да ги реализирате. Начинот на кој ги реализирате е всушност животниот предизвик и процесот на личен раст и развој низ кој ќе се креирате. Велат животот не е тоа што ни се случува туку како ние гледаме на тоа. Ако ги интерпретираме
сите наши порази, неуспеси, финансиски губитоци, врски, партнерства како лекции, искуства од кои учиме, ќе видиме дека всушност тоа ни се подароци кои ни донеле нешто многу повредно и покорисно.
Ако разбереме дека се случува со причина, ќе ги научиме животните лекции да водиме спокоен, мирен и среќен живот во кој ќе уживаме, не само во сопствената среќа туку и на оние околу нас.
Мислите, тоа сме ние, како мислиме тоа и предизвикуваме, уф колку има голема вистина во сето ова, затоа што јас така живеам, согласно со законот за привлечност. Почитувам, простувам, благословувам и многу Благодарам за се што имам.

Токму тоа, благодарноста, молитва…, сето тоа постои за да не насочи на она што го имаме. Се врзува ли тоа за скромност? И, точно ли е дека кога духовниот и телесниот аспект се во хармонија, телото е здраво?
– Живееме вистински само во моментите кога нашето срце е свесно за нашето богатство. Секако, доколку вашите мисли се во корелација со вашите емоции и зборовите кои ги говорите, тогаш сте во хармонија со самиот себе си. Тогаш вие сте вистинскиот јас. Таквиот начин на практикување и живеење ви носи душевен мир, среќа, немате багаж
или страв дали ќе кажете едно, мислите друго или пак дејствувате сосема трето. Тоа не е здраво, кога- тогаш ќе се одрази врз вашето општо здравје.
А, инаку многу е едноставно, кога нема лицемерие, нема страв да не зрешите, не повредувате и лесно се справувате со сите, лесно заспивате.
Да се биде благодарен и да се искажува благодарност е најмоќната и најуспешната алатка која не чини ништо а, дава толку многу. Оставајте траги на луѓето да ве паметат по убави нешта а не по лузни.
И на крај прашајте се сосема искрено: дали сакате да преживувате или – да живеете.

Валентина Вања Тодоровска

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена