6.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Катерина Шехтанска: Повеќе сум Јованка Орлеанка отколку Мерлинка

Во надитрување со кармата, хероината на овој текст е во предност. Навистина, ама тоа е Кате.
Официјално, Катерина Шехтанска е убава „стасана“ жена, актерка, екс- балерина и инструктор по аеробик во Ребис а приватно е остварена и како мајка и како сопруга… И колку и да звучи стереотипно, со неа ништо не е здодевно и предвидливо. Доказот е пред вас.

Ти си актерка, уметник, делиш радост, доживуваш болка, љубов, па да – и плачеш кога ти се смее…Прекрасно е што работата за момент те одалечува од реалноста, те „одмара“ од твојот живот. А танцувањето?
– Секако, порасната во театар ме понесува секогаш тој уметнички дух. Бегството од реалноста е секогаш добредојдено, иако само за момент, потоа се враќаш на старо. Со танцувањето секогаш се победуваш и надминуваш самиот, сепак се работи за друга состојба на умот, телото, виртуозност која секогаш те ослободува од негативна а полни со позитивна енергија.
Никогаш, ама буквално никогаш нема да им простам, а и на сама себеси, што им дозволив да ме оттргнат од мојата најголема љубов- балетот, која сега и тоа како зема замав во театарската уметност…Всушност, отсекогаш било така но кога студирав беше поинаку или можеби јас им бев поинаква ….Но, да се вратам на уметноста за која живеам, дишам и уживам во секој момент кога ја работам, мислам дека друго не ни можам, а и не сакам. Во миговите кога ви се плаче- да ја насмеета публиката, кога ве фаќа урнебесно смеење, вие треба траор и плач да изиграте….и тоа како тешко, во исто време е моќно и, не е за секој.

Еден твој пријател те опиша како спој на Мерилин Монро и Јованка Орлеанка, како симбиоза на женственоста и енергичноста. Ме интересира колку надворешноста, убавината ти го олеснувала патот и постои ли заедничка карма за убавите жени?
– Пријателот не е мој пријател….јас лично не го познавам, на татко ми е, но…како и да е, јас не се доживувам како Мерлин, зошто ниту ја имам таа убавина, ниту сесксапил, ниту тој сензибилитет, и повеќе ми лежи споредбата со поратоборна личност…еве нека е и Јованка Орлеанка. Во секој случај приморана сум да реагирам и да се борам, неправда не трпам, најмалку неоправдана и наметната со која пробуваат да ти го потценат и интелектот и личноста, така што самата си терам правда и затоа и наидувам на многу конфронтации од страна на неистомисленици. Ама, и не се замарам, јас сум личност која кога ќе згреши знае да се извини и не пробува да ве направи „ван здрава памет“, а кога некој тоа ќе го проба на мене… нека му ја мисли.
Женственост- немам некоја, но енергичност за извоз…Дали убавината е предност или чекор назад, па и двата. Во ова државче богами се испостави како реалност за жал. Колку си поквалитетен (читај и убав) толку си посреден (читај УНИШТЕН), дур да трепнеш, ќе те решат…Кој како сфати…
Карма, хммм верувам, ама дур да врати, јас петпати хахахаха.

Како што разбрав, театрот е твојата љубов и радост, директно опипување на пулсот кај публиката… Патем, како се ограбува банка?
– Точно…најсреќна сум на сцена ама и пред камера, пулсот на публиката се опипува преку сенс кој се усовршува со текот на годините. Ама различна публика, секогаш различни уметнички достигнувања, различно регирање, буквално на се, така што ти си креаторот, ти си мајсторот што треба да процени.
Како се ограбува банка?Аахахахахах, да знаев богами ……Се шегувам, се разбира, знам да ги насмеам, се надевам другото ќе го научам полека.

Која улога моментално би те направила многу среќна?
– Е па улогата на среќна жена и мајка, ама тоа е тешко тука…Сепак сонувам за нешто каде ќе можам да ги покажам во вистинска смисла сите квалитети што ги поседувам. Нешто што во вистинска смисла, уметничка, би ме исполнило, на пример мјузикл, шоу водителско со танц… Имам многу нешта на ум.
И…., да ќе заборавев! Соништата треба да се остварат, реализираат а не да се отсонуваат, заборават или да останат само како неисполнето верување и реализирање ….Како желба која ќе тлее до заборав. Е тоа фрустрира, и затоа целите треба да ни бидат во дослух со можностите.

Кои ти се филмови реликвии, актери-идоли, од кои си учела, кои те инспирирале? И, што мислиш за „некои нови клинци“ во актерството?
– Искрено не сум имала нешто поради што сум ја засакала оваа професија, или сум се угледала на некој, едноставно, растена сум во театар и сум сонувала, да, еве за Холивуд…За Бродвеј…..Ех и јас пак… Ама сепак сум дете на актер и сум воспитувана да почитувам – од портир до секој што е вработен на било кое работно место, и така сум научила и да ги вреднувам според нивниот однос кон друг вработен и според изработеното на сцена и начинот на работата. Сум се изнагледала се и сешто, на нашата, како театарска така и филмската сцена, и сум видела како квалитетот се поништува а штурото и неквалитетно се вреднува.
Од мене имале почит по заслуга, а идоли е неблагодарно да ги кажувам…
А за нови клинци има и тоа како, само на некои им треба домашно воспитање.

Мајчинството, скала погоре кон она што значи подобар човек. Можеш ли непристрасно самата да се опишеш, каква мајка си?
– Секогас сум непристрасна кога се работи за вистината, барем се залажувам така… Што знам, скала погоре – да, созревање – да, ама и кило нерви.Затоа каква мајка сум треба времето да покаже, од тоа што ќе излезе од нив, какви личности ќе станат, што ќе постигнат и ред други предизвици што ке им ги сервира животот. Дека им допуштам се, не сум таков родител, дека ги рендам со реалноста и тоа правам. Дека ме вадат од такт и тоа како се успешни во тоа…Многу енергични деца, затоа ги насочувам кон квалитетно трошење – Филип во јуни ќе полни 14 години, тренира кошарка од својата 6-та, до сега професионално и одлично котира, а Клеоника иде на балет….Кај ќе ја одведе нејзе патот не знам, само знам дека ја сака сцената и танцот ама…Живи, здрави нека се… Само уште едно 5-6 пара нерви, а може 10, па можеби ќе бидам и најдобрата мајка на свет.

Сите очекуваат инстант- совет, ама ајде, да ја откриеш тајната, а сигурно ја има- на што се должи твојата константна килажа?
– Напротив, немам константна тежина, варира постојано….На нервна база знам и да качам ама и да изгубам до 10 килограми….Што ми е да речеме- добра страна. Бев многу, дури премногу активна од мала и организмот ми е навикнат на турбо работа, така да јас само го уништувам кога ништо не работам. Но, мускулот помни, па така кога ќе се вратам на вежбањето, инстант се враќам во форма.
Еве сега, после подолг период се враќам во сала, јас како поранешна балерина класичарка и екс инструктор по аеробик во Ребис, сега немам воља за ништо и сета таа насобрана енергија ќе ја трошам на карате, доџо и решив – малку јога…

За крај, секое животно доба носи свои приоритети, неодложни, важни работи. Моментално тоа кај тебе е…?
– Појма немам во кое животно доба се наоѓам? Приоритетот ми е семејството се разбира, но сакам вака созреана (иако покасно) да се најдам првин себеси, зошто сметам дека не припаѓам во едно вакво расипано, контролирано и труло општество со мојот карактер и темперамент. Приоритетот ми е секако да си го заштитам семејството од штетници (се разбираме мислам)…иако тоа е друга тема.
И секако, да се изборам за правдина, тоа е неодложно.
ВАЊА ТОДОРОВСКА

Фото- ФБ, приватна архива

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена