4.8 C
Skopje
петок, јануари 31, 2025
spot_img

Ај фил фуд. Вкусни, страсни мераци од сите страни на светот

„Кога Господ за момент би заборавил дека сум само марионета и би ми подарил ронче живот, можно е дека не би кажувал она што мислам, ама би мислел се` што зборувам, работите би ги ценел – не по она колку чинат туку по тоа колку значат, би спиел помалку, би сонувал повеќе…., и, ах, колку би уживал во сладолед од чоколадо…“ Вака гастрономски – поетично и величествено глаголи Маркес, и по него, и да не сте „сладоледски фан“, ќе ви се посака засладувањето – со барем едно топче.
Италија, покрај споменатиот „џелато“, за адут ja има Медитеранската кујна, иако ние најчесто заглавуваме на пици и тестенини. Италијаните се мераклиски народ со традиционални навики – капучиното го пијат само претпладне, макијатото е за попладне и тоа е за почитување. Списокот е подолг -иако капучиното за многумина е слаба замена за оброк, па се засилува со кроасан, Италијаните не би ви ја простиле, најстрашната работа, кога, без да понудат, барате засилување од пармезан. За пица, де…


Уживањето во храната е големо на сите страни на светот.
Пица со моцарела, крцкав кроасан, суши со „воден“ вкус, комплексна шпанска тортиља, шиш-ќебап… секоја земја, секој регион и кај нас (прилепски ширден, кумановски мезалк, дојрански крап, штипска пастрмалија…), има кецови од ракав и од кујната.
И покрај тоа што го обожавам ориентот и Турција ја сметам за татковина на гурманската хедонија, особено што од 1498 пекарот Мехмед Оглу со бурек го зарази Балканот, тамошните деликатеси ми асоцираат на – дебелеење, со ГОЛЕМИ букви…Таксират, затоа повеќето ги негувам, ги одгледувам единствено во мислите.
Што да се каже за земјата на виното и сирењата – Франција?
Во многубројни пороци на земјата на Галите, ќе спомнам дека лебот не смее да се јаде како предјадење, а најголем грев е ако го искомбинирате со сирење.
„Да се задоволиш со едноставен ориз и со малку вода, за да живееш“ – учеше Конфучие, а оваа филозофска константа може да се примени во кинеската кујна. Во фантастичните комбинации на слатко, кисело и луто, во крцкавото свинско со кикиритки, пилешко со зеленчук, Кинезите никогаш нема да ја свртат рибата. Зошто?
Затоа што се суеверни, а превртувањето на рибата за нив е исто како кај нас следење на црна мачка. Оние што ги мешаат поимите со Јапонија, чија кујна се базира на ориз и супа, ќе ги потсетам на – суши, специјалитетот што ги привлекува љубителите на сурова риба. Декорацијата е резервирана за минималисти.
Шпанската храна е колоритна, мирисна, вкусна: гаспачо, мохито, паеља…, никнуваат асоцијации на корида, движењата на матадорите… И потоа сето тоа се смирува со неколку голтки сангрија.
Индија е духовност, но тоа е и земја на мирудиите. Тие се номинатив во подобрување на метаболизмот: ѓумбирот е омилен, кумин служи за засилување на варењето, асофетида ги надополнува кромидот и лукот…
Америка е земјата на хамбургери и помфрити со калорични сосови, кои во своите редови ги сместија стрвните и „мааашала“ фанови во светот, ја зголемија севкупната тежина на земјата (навистина) и сега се префрлуваат на здравата храна. Аирлија! Дојде време за нова страница каде пишува- не живеете за да јадете, туку обратно.
Кога е во прашање храната во Англија, сувопарноста им ја смени нивниот гуру, Џејми Оливер.
Брзо, шарено, певливо и вкусно.
Ако се најдете во Русија, и не помислувајте да одбиете вотка, ќе ве сметаат за крајно некултурни, а истиот впечаток ќе го имаат и ако ја „загадите“ со некој друг пијалак.
И сеедно колку интересно или слатко ви се чини јадењето со рацете. На таа навика ќе заборавите кога сте во Чиле, па и ако пред себе имате чинија со помфрит.


Сите имаме дипломи за храната во Грција -маслинки, маслиново масло, гиро, сувлаки, тиро пита, кефтедес, долмадакиа, саганаки…
Уживањето во храната кај нашиот сосед се подразбира, сеедно дали тоа ќе биде изобилство од добро подготвена морска, или комбинации на узо и салати. За нив (ама и за нас) храната е дел од интерна хедонија во која треба да се ужива, а таткото на сите гурмани, филозофот Епикур, своите корени ги имал токму во Грција…Е па, време е за патувања.

Валентина Вања Тодоровска
Фото- Pexels

Може да ве интересира..

Социјални Мрежи

3,852фановиДопаѓања
610следбенициследете
- Advertisement -spot_img

Препорачани објави

error: Содржината е заштитена