Со големото, „бело дефиле“ на сите натпреварувачи и судии, присутни на овогодинешното, четврто издание на „Гастромак 2019“ и официјално започна натпревар- најуспешен и најголем во Југоисточна Европа, што супериорно ја стави Македонија на светската гастрономска мапа. Среќно!
Натпреварот се одвива под мотото „Don’t Worry, Be Ohrid!” (“Не се грижи, биди Охрид!”), и е логистички поддржан од WACS – World Association of Chefs Societies, Светската организација на шефови на кујни, асоцијација која што ги обединува националните кулинарски здруженија.
Вистинско доживување е присуството на овој гастрономски спектакл: 300 учесници – натпреварувачи од 30 земји- Дагестан, Азербејџан, Русија, Кореја, Италија, Франција, Украина, Турција, Албанија, Србија, Хрватска…, па дури и од Сибир, потоа – над 90 лиценцирани WACS судии, гастрономски амбасадори и почесни гости од сите краишта на планетата…Гости, новинари и гурмани, сите здружени околу „Гастромак“. Владее свечена и убава атмосфера поткрепена со желбата на учесниците од сите страни на светот, да имаат што подобар пласман.
Отварањето на натпреварот беше во знак на КУД „Охрид 2010-Охрид“ и етно оркестрот „Меџитлија“ а потоа на присутните им се обрати Претседателката на Гастромак, Адријана Алачки, Претседателот на WACS за југоисточна Европа, Доменико Меги и Претседателот на судското жири, Стево Карапанџа, гастрономски гуру, кој оставил толку многу багаж зад себе, па и по скоро 50 години, предизвикува почитување каде и да се појави..
Од вечер-10 октомври, па се до гаснењето на рефлекторите – на 14 октомври, на „Гастромак 2019“ ќе има што да се види и вкуси, учесниците ќе се натпреваруваат во хотелот „Нова Ривиера“, а во вториот дел – пред хотелот ќе се случуваат презентации, мастер класови и „фестивали во фестивали“- за сите гурмани од нашата, но и од од другите интернационални кујни. Добар старт и успешен настан за сите натпреварувачи!
Вања Тодоровска